После по долга апстиненција од качување која траеше речиси цело лето (со исклучок на патувањето на Доломити почетокот на август) сезоната ја почнав минатиот викенд заедно со Елена на насоката Отмар - Лева варијанта. Качувањето беше убаво, но воопшто не беше свежо како што доликува на Матка во есен. Со оглед на тоа што не сум имал посериозна активност, незнам од каде ми текна тој 'почеток' во сезоната да го продолжам со насоката Панчев. Има доста обезбедување но сепак бара многу работа, интензивна е низ сите 4 должини, а од друга страна јас сум во 'улежана' форма.
Со Виктор се договоривме да ја качуваме насоката во петок после работа, после пладне, да го избегнеме топлото, кое не го избегнавме, топло беше до доцните часови таму и буквално се цедеше вода од нас во текот на качувањето.
почетокот на насоката |
Почнавме додека беше ден, но првата според мене најтешката должина на насоката ни одзема час и половина, така што веќе на почетокот на втората должина не стигна ноќта.. па несакајќи качивме 3 четвртини од насоката ноќно.
Виктор Хаџи Василев во водство на втората должина |
Ова е мое второ ноќно искуство на оваа насока, првиот пат беше со Томи Јордановски минатото лето, кога добивме 'генијална' идеја да ја качуваме ноќно Панчев. И иако ја поминавме безбедно и без проблеми првата должина тогаш, се решивме на абзел на првото сидриште. Тоа што сакам да го кажам е дека чудни работи се случуваат на Панчев ноќно. Тој пат со Томи, при абзел забележавме нешто што ни ја заледи крвта во моментот, иако ние хистерично гласно се смеевме при истото, веројатно тоа беше некоја контра реакција, страв-смеа-зачуедност.. :), може да се обидете да го препознаете на следната слика....
Томи си носи нож закачен на матицата која ја користи за обезбедување, во случајов сидриште при абзелот, ножот мистериозно се отварил сам, и СЛУЧАЈНО јажето почнало минува баш таму каде што е отворен ножот односно преку неговото сечило. ОВА НЕ Е МОНТАЖА! Среќа јажето не беше оштетено и безбедно се симнавме.
Нејсе, овој втор пат на истата насока ноќно, ми се случи нешто сосема инакво, но поради пар причини доста чудно. Првата должина ја водев јас, втората Виктор, и така натаму по истиот редослед до крај, четири должини.
10-тина метри над третото сидриште |
Оние што биле на таа насока, ја помнат пукнатината што почнува во третата должина и трае речиси до средината на истата таа должина, десетина метри над третото сидриште, во таа иста пукнатина, бутајки раци и прсти за да се извлечам низ истата, забележав нешто чудно, прво помислив дека е голем инсект, поконкретно некоја ГОЛЕМА ларва, мрдкаше, и кога се приближив со главата поблиску за да погледнам убаво и да осветлам убаво со челната лампа, низ пукнатината излезе во обид да ме касне змија, која подоцна помислив дека е од видот шарка (vipera berus).
ДА, змија на речиси вертикална насока, околу 100 метри над земја, и доста метри пред самиот крај на насоката, 28 септември, официјално есен, на сред карпа во пукнатина, си лежи свиткатна и пробува да касне невини алпинисти :). Нормално мојата реакција беше панична, среќа што мојата последна точка беше осигурана некаде едно метро под мене, па немаше опасност од пад или ГОЛЕМ ПАД, дури успеав некако експресно да се симнам некое метро подолу наместо да ги 'пуштам рацете'.
Си дојдов на себе, ја фотографирав Шарката на Панчев или Панчевата Шарка, или како и да е, не и се извинив за нашето проаѓање преку нејзиниот привремен дом, зашто нејзиното ЗДРАВО не беше воопшто пријатно. По тоа следеше проблем како да се продолжи, со оглед на тоа што пукнатината беше логичниот и веродостен пат на насоката имавме проблем како да ги поминеме тие неколку метри за кои беше потребно да се бутнат прсти во истата таа пукнатина, домот на Панчевата Шарка. Поради тоа бевме принудени да измислиме пречка во десно,(а во десно на таа насока значи да бидеш во ронлива превисеста плоча) па како да не беше доволно нашата физичка неспремност за тешка насока во тој момент, топлото време, два големи одрони, ноќта која не пресретна, шокот од Панчевата Шарка, па уште мораше и да пречиме необезбедени некој метар у десно, за потоа да продолжиме нагоре.. . ФАНТАСТИЧНО ИСКУСТВО! :)
Виктор во водство во последната 4-та должина |
Како и да е, се надевам не претерав претсавувајќи ви го ова наше драматично искуство, сепак се помина во најдобар ред од аспект на проблеми кои чинат падови на карпа и повреди, успеавме да ја завршиме насоката за 4 часа, што е подолго од вообичаено качување, но околностите си го направија своето. Штета што не успеавме да направиме квалитетна фотографија од атмосферата на крајот на насоката со прекрасната сјајна речиси полна месечина над нас, но еве верувајте ни на зборот беше преубаво :).
ПС: Еден од моите facebook пријатели Љубомир, ми укажа на една грешка во текстов, очигледно со големо познавање за видовите на змии, според него и тоа што го видел на сликата, тоа што го имам сретнато не е змија Шарка, туку Здрабка ( Elaphe quatuorlineata ) вид кој не каса и не е отровен. Се разбира дека тоа нема да го смени насловот на блогот ниту интензитетот на доживувањето што го имав. Секако благодарност до Љубомир за укажаната грешка. :)
ПС: Еден од моите facebook пријатели Љубомир, ми укажа на една грешка во текстов, очигледно со големо познавање за видовите на змии, според него и тоа што го видел на сликата, тоа што го имам сретнато не е змија Шарка, туку Здрабка ( Elaphe quatuorlineata ) вид кој не каса и не е отровен. Се разбира дека тоа нема да го смени насловот на блогот ниту интензитетот на доживувањето што го имав. Секако благодарност до Љубомир за укажаната грешка. :)
No comments:
Post a Comment