Thursday, August 29, 2013

Шапка - горна Лешница - долна Лешница - Шапка (со точак)

   

          Онаа старата 'од арно да не куртулиш' ептен сериозно си ја земавме, и за две недели назад на Лешница после нашата прва преубава прошетка месецов на истот место. Овој пат да не биде сосема исто, решив да одам со точак заедно со Елена, Мето и Маја.  Турата со Лешница ја возевме во недела а саботата се загреавме на патекта 'Вргањ' која почнува над населбата Попова Шапка и вози низ густа шума и убава патека до стариот дом Јелак и назад до населбата. Преубава патека!

          Малку за патот, се трга од над населбата Попова Шапка по патот за стариот дом Јелак односно патот што води до долна Лешница. Кај првото бачило (ПрвоМајско бачило) се трга лево нагоре по маркирана планинарска патека која води до едно седло ( до каде има буткање точак) и после тоа се вози лабаво на една рамнина со многу благ успон се до спустот пред горна Лешница. Спустот е малку повеќе захтевен, многу стрмен, нејасна патека и многу камања и прашина на патот, од страна стрмен амбис, но после него следи преубава долина која опколена со карпите на Лешница и право низ густата борова шума до долна Лешница, како за десерт, 15 км угорнина и назад до Шапка, да не рече некој малку му било :). Турата е од околу 30 километри, но не е возлива цело време, и во голем дел е качување нагоре низ бразди или стрмна треба која беше многу чудна и тешка за возење. Уживањето доаѓа од чуството дека сте биле на прекрасно одалечено место и тоа со вашиот точак.


патот што води кон стариот дом Јелак односно долна Лешница

веќе кога се идигнавме на седлото после 20 минутни буткање беше сосема во ред да се вози







мали поточиња праеа потреба да се крене за миг точакот






благ почеток кај спустот пред горна Лешница






По благиот почеток, спустот станува технички по захтевен, дефинитивно возлив до крај за поискусни и силни точкари.








пред влезот во шумата на горна Лешница

каприте на Лешница

панорамите на крајот од денот






Трофејот од оваа тура за мене беше скршена курбла но на самиот крај, на само 1 минута пред куќата, без пад после толку извозени километри.



Saturday, August 10, 2013

Извори на Бабуна, водопади на Лешница и средба со титаните

       
          Од каде да почнам. Неработен ден - празникот Бајрам плус слободен викенд, во Скопје пеколно топло, Охрид преполн а и го издегустиравме периодов доволно, на море било демоде да се оди ( АЛОО СЕ ЗЕЗАМ ), и се прашувавме каде да се разладиме и тргнеме од градов. Планина звучи добро, но не на начин на кој обично ја конзумираме, брзо и напорно. Овој пат решив да и пријдам по лабаво, да научам некоја од нејзините тајни, да си шепнеме по нешто.

          Меѓу другото мотивиран и од фотогалеријата што ја видов на karas4training со некоја си тура на фантастични водопади на Лешница, решив и јас да го видам тоа чудо таму на тоа ШарПланина која инаку не престанува да не изненадува. Но, пред да се упатам таму, решив да се загреам малку и да ги посетам изворите на река Бабуна, под Солунска Глава преку село Нежилово.

погледот кон врвот Солунска глава некаде од средина на патеката
     
           За Солунска глава 'нема' што да се збори, убавица на Македонските планински врвови. Огромна карпа што се издига над можеби најгустата букова шума, преполна со извори и водопади, место под кое извира и реката Бабуна. Сум слушнал убави зборови за овој извор, но иако често ја посетувам околината на Нежилово и Папрадиште, домот Чеплес и се разбира Солунска глава, никој пат досега не најдов време и причина да го видам овој извор, се досега. И моите импресии се: Преубава и лесна патека која води од село Нежилово до планинарскиот дом Чеплес, во главно се оди во сенка, после час и половина до два има знак кој го покажува патот кон изворот, во многу густа шума по интересна патека со одлична маркација и уште половина час пешачење, секој може да се снајде. Маркацијата води до самиот извор, но тоа што е најинтересно според мене е педесетина метри под тој извор, еден преубав водопад со голем казан или вир или базен, зависи од кој регион сте и како го викаат тој природен створ. За да биде задоволството подобро, цело време ви надвиснува над глава централната карпа под врвот Солунска глава, најубаво е да си нурнете малку и да се освежите во таа студена изворска вода и да си го одморите погледот од тие убавини на сите страни околу вас.



патеката беше речици цело време низ сенка во густа шума, многу пријатна за шетање





поглед кон карпата од изворите на Бабуна

Нежилови Стени

првиот малку поголем водопад низ течението на Бабуна



разладување во Бабуна што може да трае само 3 секунди, барем од моето искуство
     
          Дојде викендот и се припремивме за Попова Шапка односно турата до Лешница. Одбравме да отидеме уште во петок, да избегаме од Скопското топло, спиевме некаде над населбата Попова Шапка во шатор, под безброј ѕвезди и многу пријатно време, човек да се израдува од потребата за облекување на потопола облека и да ја закопча вреќата за спиење до горе.

          Почетокот на оваа тура Попова Шапка-Горна Лешница-Долна Лешница води преку патот над населбата Попова Шапка, широк земјен пат по кој можат да возат коли. Се вози по истиот се до првото бачило, каде се одвојувате лево нагоре по добро маркирана патека. Отаму се оди нагоре и се стига до Горна лешница односно личи како да сте одприлика во подножјето на Титов Врв, Бакардан... Преубава гледка исполнета со високи маркантни врвови на сите страни, извори со мали водопади, кулоари сеуште полни со снег, и карпите на Горна Лешница. Патот е доста пријатен и благо се крева нагоре, за во еден момент да почне да се спушта до бачилото во подножјето на наведените врвови после кое се влегува во густа шума од елки, и се стига до долна Лешница. Во долна Лешница се проаѓа реката и се трга кон другата помала река што тече низ рамнината, се оди покрај неа низ добро маркирана патека која ве води до водопадите и патеката трае околу триесет минути. Овој опис не е официјален на оваа маршута туку мое лично и кратко видување на патот кој го поминав.

почетокот на патеката 



почетокот на патеката со гледка кон врвот Кобилица во позадина

првите знаци со карпите на Горна Лешница



Титов Врв во позадина

'мало' водопадче под Титов Врв



вака изгледа речиси целиот предел околу Горна Лешница



и влезот во густата шума





шумски јаготки

         Постои теорија на заговор, овие мали црвени нешта се задолжени да ви го одземаат вниманието, ги има насекаде, вкусни се и намерата им е да не престанете да ги берете и јадете и никогаш да не ја напуштите планината.

првиот впечаток е овој преубав мал водопад со базен, но не е тој причината за ова доаѓање

малку погоре од првиот водопад


уште малку повеќе погоре од првиот и конечно водпадот и базенот поради кој дојдовме
           Идеално издлабен базен, како да го делкале најдобрите мајстори и скулптори за камен, но овој издлабен низ годините само од моќта на студената изворска вода.

разладување што трае 5 секунди :)

задолжително смешкање и нескромно правење важен после еден ваков храбар акт на пливање во толку студена вода

оваа гледка ја има на сите страни гледајќи од Лешница
           И додека цело време се обидував да си ја доловам оваа убавина споредувајќи ја со некои од најбувате места на светот, да направам споредба и да речам дека Лешница личи баш Алпски, или дека потсеќа на преубавите Италијански планини - Доломитите,  заборавав дека не може ова да се спореди, и дека единствениот синоним за објаснување треба да биде дека Лешница личи Шарски.





          И повторно Шарпланинските овчари ја потврдија својата гостопримливост и не поканија на малку свежо печен леб под сач, свежо кисело млеко и кафе. Си направивме краток муабет, се најадовме вкусно и се разделивме.

Шарпланинецот "Куси" поради неговиот краток опаш.

фурната на овчарите

свежо овчарско кисело млеко и печен леб :)
          Да не останам должен, и да не спомнам од каде ми дојде 'средба со Титаните'. Двете планини кои ги посетив ми се едни од омилените, и не престануваат да ме изненадуваат секој нареден пат ме со нивната големина и импозантност, со нивната разноликост и природна убавина, да ме потсетат колку се тие силни и моќни, и со каква магија располагаат.

Во име на претходно кажаното, целата прошетка беше со сончево време и по некое мало облаче, но во само еден миг, се затвори небото и истури дожд и град и  остави зад себе буквално снежни наноси, изгледаше како да доаѓа сезоната на скијање :)