Sunday, January 12, 2014

Скијање под врвот Казани (2567м)

          Денешниов ден на Шар Планина успеавме да искијаме една линија по која долго копнеевме. Линијата претставува срт кој е наоѓа веднаш под врвот Казани односно оној врв кој следи кратко после врвот Антени - Син врв (2550м) кога се движиш во правец на Титов врв (2747м), и навалува југоисточно накај велосипедската патека Шарски води. Многу убава и доста долга линија. Речиси секогаш додека се возиме по жичарата нагоре ја гледаме и копнееме истата да ја скијаме. Како и што мислевме така и испадна - преубаво парче за скијање со сеуште свеж снег. Под истиот срт има многу навеан снег кој кога скијавме веќе беше во сенка па го оставивме за друг пат.

          Мислевме дека ќе спуштиме 'девствено парче' но наши пријатели еден ден порано го скијаа истото. Нивниот ГПС запис измерил над 2 км долг фрирајд полн со снег од врвот се до велосипедската патека Шарски води, преку која и се вративме назад во Попова Шапка.

          Двајца тргнаа нагоре директно преку Церипашина пеш: Ѓорги Ефтимовски и Марјан Киндалов. А останатите тргнавме турно преку ГЕ-осаменото дрвце-поминавме под врвот Антени и кон Казани: Хекуран Зекири, Елена Диновска, Маја Мухиќ и јас. Еден остана долу во населбата да не следи со двоглед, и како наша логистика малку подоцна да направи ручек: Методи Челиманов.

          Во оваа игра е многу битен тимскиот дух и улогата е многу голема и важна на оној кој ќе остане во comfort zone да приготви богата трпеза за оние кои отишле да скијаат без него на фантастични места. Cheers mate :)


Елена Диновска и Хекуран Зекири се движат турно некаде под врвот Антени
сртот што се гледа е дел од скијаната линија

Припреми пред спуштање
           Трите највисоки врвови во близина на овој врв се Бакардан (2704м), Титов врв (2747м) и Мал Турчин (2702м), кои гледани од неколку страни личат на круна со три конусни делови, така и се нарекувани од планинарите.

круната под малку чуден агол и со осамен скијач во кадарот :)
Бакардан/Мал Турчин/Титов врв/Карабунар


со Бакардан  и Бориславец малку подаелку во позадина



Последен поглед кон 'круната'.


Патот на Шарски води по кој се вративме.

"...Long live Snowflake Guerrilla..."

Wednesday, January 8, 2014

Прво Јануарски фрирајд на Љуботен

         
          Најпрвин среќна нова година.
          Пред три години тогаш новата 2011-та ја дочекав во планинарскиот дом Љуботен во мало интимно друштво. Првиот ден од годината се искачивме на врвот Љуботен, и ми остана врежан тој ден како еден од најубавите прво-јануарски денови, далеку од Скопските гужви, релаксирано на планина.

          Тие убави спомени беа причина да го повторам тоа, да славам нова година во удобниот дом Љуботен, под гурманска закрила на домарот  кој ни приготвуваше преубави јадења. И овој пат имавме испланирано искачување кон врвот Љуботен, но со мала измена, планиравме и да скијаме надалу. Комбинирано, искачување на еден од моите омилени врвови, скијање од истиот, и тестирање на новата splitboard играчка звучеше ветувачки и  доволно добро како и што испадна на самиот крај на денот.

          Бевме осумина, двајца пеш, еден скијач и петмина со даски. Снегот што паѓаше изминатите недели се имаше повлечено неколку стотина метри над планинарскиот дом, односно околу еден час пеш нагоре, но сепак како и што очекувавме, над таа граница имаше сосема доволно снег, особено на северните страни од овој врв. Речиси секој пат кога го посетував овој врв копнеев и замислував како би било да се скија надолу. Сеуште импресиите се преголеми за да можам да ги претставам верно тука во текстот. Затоа после овој краток вовед, ќе споделам само неколку фотографии за да се добие колку-толку слика :).

Врвот Љуботен е многу претпознатлив по тоа што се наоѓа на десниот крај на Шар Планинскиот масив, има совршена пирамидална форма што и се гледа по неговата сенка.

искачувањето одеше лесно, освен на некои северни делови каде иако се движевме со турно техника, беа потребни дерези (кои ги немавме) поради пролизгување од лед.
          Одлучивме да скијаме веднаш под врвот, блиску до Козјата стена, падина која поради јужната изложеност беше со мек снег, но и со многу камења поради топење на снегот, па мораше некои кулоари кои инаку би ги скијале да ги симнуваме пеш.






         Опиени од преубавите глетки наоколу, заборавивме на времето, и сонцето почна да заоѓа пред спуштањето, нешто што не ни беше од корист поради брзото мрзнење на снегот.


подготовки пред спуштањето




Од лево надесно: Хеки, Елен, Јас, Маја, Мето, и фотографот - Гоце/Работилница. :)

"...Long live Snowflake Guerilla..."