Wednesday, May 27, 2015

Чешит Мелем - нова насока на Демир Капија

       


          Изминатиов викенд во Демир Капија се одржа вториот по ред International Outdoor Festival Demir Kapija, собир кој има за цел да ја промовира Демир Капија како интересна дестинација за качување карпи, возење точак, спелеологија, кајак итн... Минатата година помина одлично, многу интернационални качувачи имаше, сериозни алпинисти, годинава помалку странски, но многу повеќе домашни, што е за мене лично одлична вест. Расте интересот за качување карпи во Македонија. Презентации, рок концерти, трки со велосипед и трчање, натпревар во техничко качување беа дел од содржините кои го збогатија распоредот на фестивалот.
       
Перспектива кон повеќето насоки на Демир Каписката карпа со исцртаната линија која ја качивме.
Фотографијата е позајмена од www.alpinizam.org .
          Јас успеав да бидам пристутен само во недела, стигнав рано со возот Скопје - Демир Капија кој трга во 6:20, јас и рибарите. Методи и Маја ме чекаа во ДК, втор ден за нив. Имавме план да качиме првенствена насока, на дел од карпата кој е тешко достапен, и поради тој факт и факторот време (мораше да сме во Скопје во 19 часот) решивме да се откажеме од таа насока.
          Тргнавме кон централната карпа, или барем таа што така си ја викаме :), онаму каде што се повеќето алпинистички насоки да одбереме линија за качување. Мето предложи да одиме на насоката Луда Крава, не многу тешка насока со идеја да ја качиме во чист стил. Штом стигнавме и застанавме под карпата, забележавме дека има убав плочест дел десно од оваа насока. Луда Крава беше насока која почнува како раб лево од оваа интересна плоча, а на нејзиниот десен крај имаше друг раб, таму е насоката Виктори. А сиве овие, се веднаш после повеќе познатата насока Б2.

Застанавме под плочата и си помислив дека ова мора да е максимум оцена V ми се видоа многу опции за обезбедување. Се договоривме да водам прв, Методи втор, Маја трета.
          Од самиот почеток, уште во првите 3-4 метри увидов дека нема да биде баш едноставно како што ми се виде, мазно, отворени хватишта, малку и несигурни точки за обезбедување. Кај секоја точка местев по уште една веднаш до неа, некако не ми беше комотно. Сепак наидов на терен барем оцена ипол повеќе од она кое го очекував, инаку карпата нудеше одлични и убави движења. Плоча со неколку вертикални пукнатини и лушпи, на кои се надевав дека ќе овозможат безбедни точки за осигурување. Стојалишта на баланс и триење, фаќалишта малку. По малку и ронливо, но тоа повеќе од што не е качувано, во главно многу солидна и компактна карпа. Како да качуваш на морски варовник. После овие вертикални пукнатини/лушпи кои се видоа и од доле, следеше еден потемен дел, плоча од неколку метри, која беше превисеста и веројатно најтешкиот детал. За најубаво да ја опишам, и по движења и по тежина би ја споредил со на деталот во кратката насока на Матка, Плочка десната, веднаш зад ресторанот. Исто стартува, со две лушпи кои се фаќаат и дилферски се креваш нагоре... е тука трикот е што нема кај да се фати после тоа кревање, туку се менуваат нозе, па се потребни уште две три движења, барем јас со моите 175 см ми фалеа 30/40 см за да го дофатам работ на таа плоча, после кој почнува трева, да сега од плочест превис треба да се извлечете низ трева :). Ок, не беше претешко, јасно е што треба да се направи, но беше возбудливо, доста над последната точка, и тоа несигурен дали би издржала пад. (ок, секако очекував да издржи пад точката под мене, но постои таа возбуда дека моѓеби нема..)
          Убаво и возбудливо. По ова следат два камини, кои исто беа солидни, повеќе од што очекувавме и од што ни се чинеше од долу, се до дрвото како сидриште, дрвото е под големата широка полица која е сидриште за насоката Б2.

Џабе гледањето колку е високо.. :)
Потпрен во последнот добро оигуран дел, до втората пукнатина, над која почнува мазниот потежок дел.
          Втората должина ни дојде како Мелем (од таму и името). Методи ја водеше брзо и сигурно, уживавме сите тројца. Да не се разбереме погрешно, не беше премногу лесно, но ни дојде така некако уживање  после првата малку стресна должина. Бевме пресреќни што наидовме на таков 'проблем' и секако добро се заврши. Втората должина одеше околу два метри покрај оклинчената линија (веројатно трета должина) на насоката Б2, каде горе на гребенот Методи направи сидриште на два камења, 5 метри лево од оклинченото сидриште на Б2.



Мето води.

Убава, права логична линија во втората должина.

Солидната карпа овозможува убаво движење.

Маја како втора во втората должина.
          Третата должина по лесен терен, до крајот на нашата насока на платото каде завршуваат предпоследните должини на Б2, Полжав, Тулумба.

Во недостиг од јасна и фотографија со добра резолуција, еве неколкуод линијата кои можеби ќе бидат појасни.
Сликата е позајмена од www.plocaclimbing.com .
          Првата должина 60 метри, но првите 5/10 метри ги поминавме неврзани се до дрвото што е под средина на почетокот на плочата. Линијата буквално иде само нагоре, нема утка, од дрвото низ плочата нагоре се влага во каминот и точно под најгорното дрво сидриште. Оцената мислиме дека е во најтешкиот дел VI+, можеби и повеќе, можеби и помалку, вториод дел кај каминот околу V. Треба некој да дојде и да потврди или не поправи :). Остатокот од насоката освен во третиот дел е IV/IV+.

          Името е Чешит Мелем, и во најголема мера го објаснува нашето убаво чуство додека качувавме, како насоката ни влијаеше и како мелем ни дојде на нашето расположение, а чешит зашто од Луто и јако кон полесно и кон убаво качување се менуваше карактерот на насоката, како што и означува зборот Чешит.
.
          Исто како и што напишавме во книгата која е поставена од Македонската алпинистичка федерација за запишување на искачените насоки, голема благодарност до организаторите на овој фестивал, поради кои се најдовме во Демир Капија баш тој викенд, и инспирирани од убавиот настан да искачиме нешто првенствено.



Ќе држи ова?

Маја осигурува, Мето си води, јас си играм. 
Што да напишеме..!??!
Професорката Маја го има одговорот... :)
Уште една линија на искачената насока.
Фотографијата е на Александар Кленов.
Маја води во третата должина.
Панорама од полицата на второ сидриште.

Веќе освежени и исполнети на второ сидриште.

2 comments: