Monday, September 18, 2017

Солунска глава - насока Воскресение

          Откако прв пат дознав за овој локалитет, во периодот кога веќе качував карпи, посакав моето прво доаѓање на оваа голема карпа да биде првенствена насока, и така долго ја одложував мојата посета, обидувајќи се да бидам подобро спремен за таа средба.



          Макар тоа да биде и некоја лесна насока, гребен со оцена III +/-, се разбира, не дека оцената III ја потценувам. Тежината никогаш не ми претставувала  проблем за одбирање насока, така да често влетувам во насока претешка за моите способности, и уште по често уживам во лесни и прекрасни класики, речиси со истиот драж како и тешките. Важна е линијата која ја качувам, важна е приказната зад насоката, стилот во кој е прв пат искачена, што таа нуди како предизвик и комплексност, и што бара од мене како алпинист да направам и умеам за безбедно да ја качам.

          Иако моето прво доаѓање на Нежиловите стени не беше првенствена насока, за среќа ништо не недостигаше од она што е потребно за да биде налик такво искуство. Карпата е толку голема, толку специфична за ориентација, уште повеќе за поставување обезбедување и движење, што веројатно секое наредно доаѓање тука ќе биде како прво. Се разбира, со оваа моја импресија не би сакал да им земам од кредитот на првите искачувачи, пионерите кои дефинитивно биле смели, и на кои им се поклонувам за визионерските линии, силата и храброста да работат на тој 'специфичен' карпест терен. Тешко е да се опише колку е карпата голема, и колку голем потенцијал крие. Се надевам дека новите генерации во еден момент ќе направат пресек, и ќе одговорат соодветно на овој предизвик, со искачување на нови насоки но и почесто повторување на старите класики.

          Ова мое прво доаѓање на Нежиловите стени го имав со Зоран Мајсторски, алпинист инструктор од Радовиш, АК ПЛОЧА и ја качувавме насоката Воскресение, иако се знаеме долго, ова е наше прво заедничко качување. Насоката ја поминавме со 10 или 11 должини јаже, за околу 5 часа и нешто ситно. Притиснати од работни обврски и време, ја одбравме по тешката варијанта за ова качување, во еден здив приоѓање (после работа), качување и враќање назад до кола во истиот ден, наместо бивак некаде под карпата што би значело многу во комодитет и уживање,  и секако повеќе време за качување во карпата наместо долг пристап.
       
          До следната посета, малку фотографии од качувањето.


Во деталот на првата должина според нашето качување, инаку претходат неколку лесни должини кои ги одевме ненаврзани. (фото: Зоран Мајсторски)

На повеќе наврати минавме низ камини и пошироки жлебови, претежно во сите имаше по некој клин. Зоран Мајсторски ја појача во сите клучни детали насоката,  и ја остави со повеќе клинови во карпата. (фото: Зоран Мајсторски)

(фото: Зоран Мајсторски)

Зоран Мајсторски некаде на сидриште некаде во првата третина од насоката, покрај маркантната голема пештера.

После неколку должини полесен терен кои ги одевме во паралелна наврска, повторно интересно качување кон последниот дел од неколку должини во еден широк жлеб. (фото: Зоран Мајсторски)




Наместо класичниот излез, разгледавме што има во лево, бусени, по некоја мала плоча и многу расклатени блокови. (фото: Зоран Мајсторски)

последното сидриште

Зоран Мајсторски на излезот од насоката, 50тина метри под кулата на војската.

Мајсторски се потруди да сними видео од качувањето.