Thursday, December 13, 2012

Љуботен



          Во недела 18 ноември 2012 бев на врвот Љуботен. Во еден здив - станување рано, возење до Старо село, искачување до домот, таму по еден чај и нагоре кон врвот. На пат назад сите си рековме дека повеќе од денот не можеше да се извади - толку уживање во не многу тешка варијанта. Времето ветуваше но после домот имаше магла и облаци, силен ветер кога пристапивме на работ пред врвот, за на крај, кратко пред самиот врв мирно и сончево време, со поглед на сите околни планини на Балканот. Љуботен полека станува наше/мое омилено планинско прибежиште..



накај врвот

 иако по пат имаше малу облаци и ветар, на врвот не чекаше преубаво сончево време - Весна, Игор, Виктор и Елена.

и по којзнае кој пат на врвот Љуботен, секогаш со насмевка горе - Маја Мухиќ

Методи Челиманов  разгледува терен за 'фрирајд' спуштања од околината на врвот



Тања Пенава - му се радува на врвот

Игор и Весна Талевски на пат надолу...

Меморијален Марш „Четири алпинисти“



       

          Четиринаест години изминаа од трагичната несреќа под врвот Солунска глава кај горна Бабина дупка, каде животот во лавина го изгубија 4-ца алпинисти: Влатко Боцевски, Бранислав Ристовски, Огњан Филиповски и Предраг Толмачев членови на АК "Исак Русо". Сите оние кои имале прилика да ги познаваат или да качуваат со нив, велат дека тоа била една од најсилните алпинистички генерации во Македонија, извонредни луѓе, харизматични. Можеби единствен достоен начин на одавање почит кон овие момци го прави Алпинистичкиот клуб - АК "К2" преку организирање меморијален марш "Четири Алпнисти" до месноста каде тие го имаат изгубено својот живот. Сеоја година после таа несреќа, тие се собираат викендот најблиску до 6 декември во домот Чеплес, во име на овие луѓе.
          Оваа година имав прилика да учествувам на маршот за прв пат, тоа беше навистина убаво искуство. Многу емотивно, силно и искрено. Три дена во домот Чеплес минати со добар провод и песна како што и тие самите, четворицата алпинисти ги поминувале деновите на планина. Многу планинари, алпинисти и скијачи се убаво и соодветно друштво за да се одбележи овој ден.

Нека им е вечна слава.

пристигнавме во петокот навечер и пешачевме Нежилово - дом Чеплес - Методи Челиманов

на патот накај Чеплес

Ентузијасти :)) - Гоце Смилески и Слободан Соколоски

Искачувањето од долна кон горна Бабина дупка

фрирајдери на Солунска - Методи Челиманов

Малку дуваше студен снежен ветар на горна бабина дупка

Културно Уметнчката Програма имаше фантастична музичка изведба:)

Боби покажуваше дел од спектарот на работи кои ги совршено ги умее

Патот кон Нежилово - Елена Диновска и Александар Спасески




Monday, October 22, 2012

Панорама ВЕТЕРАНСКИ

          На Матка неколку пати во годината се случува еден локален редок феномен, наречен "од оние денови на Матка". Верувам дека сите што редовно ја посетуваат ги знаат овие денови.    

          Кога наместо за тој феномен би раскажувал искуства како големиот Гастон Ребуфа, искуства што сакам да ги доживеам а притоа се разбира да излезам жив од истите, ќе почнев и ќе речев,  "беше од оние денови, земја се спои со небо, громови, врнежи на снег, мраз, лавина, мрак... " Секој качувач, секој алпинист верувам сака да чепне и да доживее некое такво искуство. Не дека се работи за мазохизам,  мислам се работи за потреба од блиска средба со животот, за едно искуство со полн здив, можеби едно будење во нашите поспани животи... нејсе, забегав во темите што си ги мислам секоја вечер пред спиење наспроти овци што скокаат преку ограда. 

          Епа, овој предпоследен октомвриски есенски викенд беше во тонот и бојата на Оние денови на Матка, спротивно од претходно кажаното. Силно сонце над вас, совршено за сончање кај манастирот св. Никола, но исто така и за качување карпи, што знам, можеби и за возење точак, но јас го одбрав качувањето за овој ден. Сосема топло, и воопшто не наликува на есен, но така благодарение на Ветрот кој ја одржува свежа атмосферата. Матка полна со качувачи, но гужва на карпа нема, случајно сите се во различен термин влезени на карпата, едни излагаат од неа, други влагаат во насоките. Доволно гужва во карпата, никому да не пречиш, ниту тебе некој да ти пречи, а додека си сам на сидриште, да уживаш во тишина и во погледот кон некој кој качува во моментот. Забележуваш странци кои можеби, иако не научени на таков ронлив варовник, излeгуваат од него со големи насмевки и силни искуства. Карпата ти се чини цврста како Прилепските Маркови кули. Во еден од ваквите денови, качувачот има супер перфоманси, плафонот на неговите качувачки можности, преведен во оцени на тежина на карпата, е барем две оцени погоре. Наидуваш на родители кои на смена го чуваат детето, едниот чува дете другиот на карпа, и по тоа обратно. Не повеќе од една искачена насока, уживање на тревата кај  манастирот, и по едно изедено јаболко, (есенски во ранецот на качувачот има опрема, вода и јаболки :) ) тоа е тој ден.





          Знам дека некој ќе си рече дека претерувам, но искрено ви велам, Матка е посебна во овие денови. Ако некогаш пропуштам да отидам на качување во викенд, кога се вратат тие што биле таму, се плашам да не слушнам од некој од нив дека бил "еден од оние денови". Рецепт да не се пропушти еден ваков ден е веројатно да не се одбие покана за на качување, верувајте ми на зборот.
           Качувајки дента, случајно, речиси сите направени фотографии ми беа панорамски,  можеби случајно, а можеби и едноставно во еден таков ден погледот е толку широк, што не може инаку. Широк од длабоко во кањонот до високо кон Љуботен. 





























последните две фогорафии се од гребенот "Новогодишен"







Monday, October 15, 2012

Пелистер во Есенско Руво



     

          Пелистер во Есен, перфектно сончево време зачинето со малку ветар (доста постудено и силен ветар на самиот врв) , качен и спуштен по веројатно неговата најубава патека - "Kамената патека" по пат заедно со врвот Стив и Илинден пред него, верувам повеќе зборови не се потребни за да се опише ова искуство за оние кои ја познаваат планината во есен.
          И ако се додаде дека фативме малку качување по пат на Камената Баба - Прилеп, што може човек да посака.. :).
          повелете по некоја слика....


успат, загревање на Камена Баба

'Rocky Trail' по друга варијанта - сртот над Црвената стена

секогаш чест да се поздрави споменикот на Мурато на врвот Пелистер

прекрасни гледки долж целата патека


влезот во шумата со молика е тотално бајковито

иако изморени и желни да се вратиме во домот Копанки, раздолжувавме со одењето од таму, во секој момент изнудувавме минута повеќе да останеме таму и да земеме уште малку од планината..


Sunday, September 30, 2012

Панчевата Шарка


          Качување ноќно една од потешките насоки на Матка - Панчев, над нас на небото преубава без еден ден полна и сјајна месечина, во една пукнатина блиска средба со змија, чат пат одрони, и како што кажа Виктор Хаџи Василев, фалеше само уште врколак да ни се појави за да биде искуството целосно минатиот петок на Матка :). Тоа е генерално мојата импресија од тоа качување.
        После по долга апстиненција од качување која траеше речиси цело лето (со исклучок на патувањето на Доломити почетокот на август) сезоната ја почнав минатиот викенд заедно со Елена на насоката Отмар - Лева варијанта. Качувањето беше убаво, но воопшто не беше свежо како што доликува на Матка во есен. Со оглед на тоа што не сум имал посериозна активност, незнам од каде ми текна тој 'почеток' во сезоната да го продолжам со насоката Панчев. Има доста обезбедување но сепак бара многу работа, интензивна е низ сите 4 должини, а од друга страна јас сум во 'улежана' форма.
         Со Виктор се договоривме да ја качуваме насоката во петок после работа, после пладне, да го избегнеме топлото, кое не го избегнавме, топло беше до доцните часови таму и буквално се цедеше вода од нас во текот на качувањето.

почетокот на насоката
         
           Почнавме додека беше ден, но првата според мене најтешката должина на насоката ни одзема час и половина, така што веќе на почетокот на втората должина не стигна ноќта.. па несакајќи качивме 3 четвртини од насоката ноќно. 

Виктор Хаџи Василев во водство на втората должина

          Ова е мое второ ноќно искуство на оваа насока, првиот пат беше со Томи Јордановски минатото лето, кога добивме 'генијална' идеја да ја качуваме ноќно Панчев. И иако ја поминавме безбедно и без проблеми првата должина тогаш, се решивме на абзел на првото сидриште. Тоа што сакам да го кажам е дека чудни работи се случуваат на Панчев ноќно. Тој пат со Томи, при абзел забележавме нешто што ни ја заледи крвта во моментот, иако ние хистерично гласно се смеевме при истото, веројатно тоа беше некоја контра реакција, страв-смеа-зачуедност.. :), може да се обидете да го препознаете на следната слика....


          Томи си носи нож закачен на матицата која ја користи за обезбедување, во случајов сидриште при абзелот, ножот мистериозно се отварил сам, и СЛУЧАЈНО јажето почнало минува баш таму каде што е отворен ножот односно преку неговото сечило. ОВА НЕ Е МОНТАЖА! Среќа јажето не беше оштетено и безбедно се симнавме.

          Нејсе, овој втор пат на истата насока ноќно, ми се случи нешто сосема инакво, но поради пар причини доста чудно. Првата должина ја водев јас, втората Виктор, и така натаму по истиот редослед до крај, четири должини. 

10-тина метри над третото сидриште
          Оние што биле на таа насока, ја помнат пукнатината што почнува во третата должина и трае речиси до средината на истата таа должина, десетина метри над третото сидриште, во таа иста пукнатина, бутајки раци и прсти за да се извлечам низ истата, забележав нешто чудно, прво помислив дека е голем инсект, поконкретно некоја ГОЛЕМА ларва, мрдкаше, и кога се приближив со главата поблиску за да погледнам убаво и да осветлам убаво со челната лампа, низ пукнатината излезе во обид да ме касне змија, која подоцна помислив дека е од видот шарка (vipera berus). 





          ДА, змија на речиси вертикална насока, околу 100 метри над земја, и доста метри пред самиот крај на насоката, 28 септември, официјално есен, на сред карпа во пукнатина, си лежи свиткатна и пробува да касне невини алпинисти :). Нормално мојата реакција беше панична, среќа што мојата последна точка беше осигурана некаде едно метро под мене, па немаше опасност од пад или ГОЛЕМ ПАД, дури успеав некако експресно да се симнам некое метро подолу наместо да ги 'пуштам рацете'.

          Си дојдов на себе, ја фотографирав Шарката на Панчев или Панчевата Шарка, или како и да е, не и се извинив за нашето проаѓање преку нејзиниот привремен дом, зашто нејзиното ЗДРАВО не беше воопшто пријатно. По тоа следеше проблем како да се продолжи, со оглед на тоа што пукнатината беше логичниот и веродостен пат на насоката имавме проблем како да ги поминеме тие неколку метри за кои беше потребно да се бутнат прсти во истата таа пукнатина, домот на Панчевата Шарка. Поради тоа бевме принудени да измислиме пречка во десно,(а во десно на таа насока значи да бидеш во ронлива превисеста плоча) па како да не беше доволно нашата физичка неспремност за тешка насока во тој момент, топлото време, два големи одрони, ноќта која не пресретна, шокот од Панчевата Шарка, па уште мораше и да пречиме необезбедени некој метар у десно, за потоа да продолжиме нагоре.. . ФАНТАСТИЧНО ИСКУСТВО! :)

Виктор во водство во последната 4-та должина
          Како и да е, се надевам не претерав претсавувајќи ви го ова наше драматично искуство, сепак се помина во најдобар ред од аспект на проблеми кои чинат падови на карпа и повреди,  успеавме да ја завршиме насоката за 4 часа, што е подолго од вообичаено качување, но околностите си го направија своето. Штета што не успеавме да направиме квалитетна фотографија од атмосферата на крајот на насоката со прекрасната сјајна речиси полна месечина над нас, но еве верувајте ни на зборот беше преубаво :).



ПС: Еден од моите facebook пријатели Љубомир, ми укажа на една грешка во текстов, очигледно со големо познавање за видовите на змии, според него и тоа што го видел на сликата, тоа што го имам сретнато не е змија Шарка, туку Здрабка ( Elaphe quatuorlineata ) вид кој не каса и не е отровен. Се разбира дека тоа нема да го смени насловот на блогот ниту интензитетот на  доживувањето што го имав. Секако благодарност до Љубомир за укажаната грешка. :)




Tuesday, August 21, 2012

Доломити 2012

         
          Кога минатото лето се вратив од Доломитите, изјавив дека би сакал секоја година да ги посетувам тие планини. Така во име на тоа , и оваа година отидов таму. Имам многу што да кажам за тоа патување но деталите се сеуште испомешани во мојата глава, можеби зашто потребно е да 'легнат' искуствата, а можеби зашто нема соодветен начин како да се пренесе доживувањето поминато на едно такво место. Среќен сум што можев да покажам кон некој од планинските врвови наоколу, и да кажам дека јас веќе сум се качувал на таа карпа, на тој врв. Не се работи за некоја статистика или престиж, туку дека полека чекорам кон она што го сакам и сонувам, да качувам карпи и планини насекаде низ светот.  
          Годинава тргнавме релаксирано и со план да одбираме ден за ден насоки за качување, гарнитурата беше сосема друга, овој пат ја имав Елена со мене, на која и беше прво Доломитско искуство, Ана и Алек, млади и надежни алпинисти од АК Матка, исто така прво искуство таму, Игор и Весна, веќе за нас, Доломитски ветерани. Ланското искачување таму ми представуваше мал товар оваа година, од него имав силно врежани сеќавања, за моите за прв пат поголеми искачувања, и преубаво поминато време со Виктор, Ангел и Мите. Но тоа не ме спречи да имам ново, на инаков начин силно и убаво доживување со Доломитите. Овој пат прошетав на повеќе места, имав прилика да ги видам Кулите на Лаваредо кои беа неверојатна гледка, Качувавме на 6 различни планини, 6 насоки...    

Повторно ми се утврдија некои критериуми за тоа до каде сум со мојот 'качувачки' напредок и до каде треба да стигнам, на што да работам, итн
Додека си ги досредам импресиите од насоките кои ги качивме, слики од преубавите Доломити:

погледот од нашиот апартман, лево е врвот Пунта Фиамес

Елена  во пречката на Хекстенштајн

јас во водство во последната исполирана должина на Хекстештајн, 

Елена во третата должина на Чима Касон ди Формин, "Далаго"

Елена на врвот "Далаго" пред 'спелеолошкиот' излез од насоката
Прекрасна  скулптура од карпа во одстапот/сипарот на Чима Касон  ди Формин

Чима Касон ди Формин, 

Пунта Фиамес

насекаде здивзеемачки гледки

Игор на првото сидриште на Пунта кол де Варда, насока "Комичи"

јас, во  водство во третата должина на Пунта кол де Варда, "Комичи"

по Стапките на Комичи.. качена неговата линија на Пунта кол де Варда, и вкусно еспресо во домот во кој можби самиот тој одмарал после некои од неговите искачувања на оваа планина

Алек Старделов ја обезбедува Ана Велкова на излезот на  Торе бранчио, кај  Петте кули..

Елена позира на врвот на Торе Бранчио, Петте Кули

Ана и Алек на врвот на Торе Бранчио, со дел од Тофана во позадина помеѓу нив

Портрет на алпинист, Игор Талевски, кој тукушто се симнал од популарната "Виа Мириам", Торе  Гранде, Петте  кули

јас и Елена со Торе Бранчкио во позадина

фамозниот сипар во одстапот на Пунта Фиамес

врвот на Пунта Фиамес, насока "Виа Комуне"

Кулите на Лаваредо ми осттавија особен впечаток, до тогаш немав видено толку големо вертикално 'лице' на карпа,буквално не го тргнав погледот од нив додека ги заобиколувавме

Игор и Весна Т.

Чудесно опркужување, Елена во иззлезот на Торе Бранчио

Петте кули, кои всушност се десет кули, но гледани од градот Кортина, тие личат на пет кули од каде и името.