Monday, October 20, 2014

#KraliMarkoultratrails2014

          Поминаа 8 денови од оваа трка Krali Marko Trails. Минатата недела во Прилеп, односно околината на Прилеп, Маркови кули... се одржа трета година по ред ваква трка (мислам трета). Јас прв пат дознав за овој настан преку презентацијата на Трајче Панковски (директор на трката КМУТ) и Жикица Ивановски (вторпласираниот на трката на 64 км) која овие двајца ја имаа на ЕХО фестивалот на планински филмови во 2012та година. Тие тогаш имаа многу инспиративна презентација поврзана со нивното учество на Lavaredo ultra trail.. За мене беше дефинитивно многу инспиративна презентација, почнав постудиозно да ги следам нивните трки, настани, нивнатата работа за која на повеќе наврати споменував ја сметам за една од најактивните во оваа наша 'планинарска' заедница. Како што читав за нивните успеси и локални во Македонија трки, се повеќе добивав желба и јас да се испробам на тоа поле. Си поставив цел - да истрчам некоја од поголемите трки на КМУТ. Но желбата за 'испробување не беше онаква - натпреварувачка иако и тој жар проработе, туку ете таа моја поддршка на овој и нему сличните настани да ја подржам со мое учество/присуство. Убаво е да се види повеќе натпреварувачи/волонтери па и публика.

последни припреми пред стартот
           Не тренирав многу, но желбата си тлееше, на оваа трка претходеше една помала планинска трка - "BM Trail 2014" - од село Белчица до врвот Меденица и назад за која веќе пишував. И таму трчав со мојот пријател Ангел Куртелов, побратим по планинско трчање, алпинизам и страст за сок од јачмен. Тогаш поминавме убаво, иако често сме на планина и двајцата за прв пат тоа го направивме брзо, кај можевме со трчање без товар и со бркање време. После оваа трка следеа неколку лесни тренинзи на Водно, нагоре, наоколу и надолу. Ниту еден не беше многу долг, обично беа 10/15 км. Имав еден убав тренинг на Водно некаде околу 5ти септември, истрчав околу 40 км со висинска разлика 1500 и со тоа го кренав мојот праг од претходно најдолго истрчаните 25 км на Беличица-Меденица. Половина пат врнеше, ме фати темница (од врв надолу) а немав челна лампа. Завршив едвај со силни болки во колената и стапалата. Во споредба со КМУТ тоа беа 24 км помалку, со дупло помалку искачување. Воедно (силум прилике поради отсуство од Мк) тоа беше мојот последен тренинг пред Прилеп. Но некако си мислев, сум надминал 40ка, сега следниот пат би требало да ми биде полесно. Не?! :)
          НЕ! Нема да биде полесно следниот пат, уште повеќе НЕ ако не сум тренирал помеѓу. Но тоа е што е. За жал (за жал зашто паднав пред 'материјалното') единствено поле на кое работев во тие последни 30тина дена е што си купив нови патики за трчањето, толку нови што трчав со нив прв пат на КМУТ, веројатно клучна грешка во низата грешки... Веројатно нови не-разгазени патики болат повеќе кога ги носиш долго, онака без паузи и интервали помеѓу тренингот. :) Дел од многуте грешки, ќе се обидам да ги наведам сите, за да можеби му користат на некој вжештен во главата новајлија како мене во иднина.

          Но секако, како и досега блоговите кои ги читав за истава трка, и овој почнува да станува ултра долг, а како сеуште да не сум ни почнал да пишувам се чувствувам, веројатно поради тоа што импресиите од трката се ултра големи и ултра убави. Измешани чувства измешан текст. Незнам од каде да почнам, крајот, почетокот, средината, кризите и болките, неизмерната радост да се заврши ваква трка, перфектната организација... Да добрата организацијата е она парче, кое после моментот на лично задоволство да се помине низ оваа трка е најдоброто нешто, што забележувам и сите останати го доживеаа на овој начин. Перфектна организиација, одлично маркирана патека (враќањето во темница накај Трескавец се чинеше како на супер модерен автопат), доволно точки за освежување, волонтери за кои искоментирав дека ниту за пари и дневници не го прават ова луѓе толку добро и посветено.

еден од многуте виновници за добрата огранизација и добра маркација е Жикица, мој фаворит и морален победник, волонтер, организитор,.. тркач со освоено второ место на 64 км :)
           Приметувам дека кружам, кружaм и никако за трката да зборам, за мојата трка :). Ќе се обидам на кратко да објаснам што се случуваше таму, за што и за каков вид на трка се работи. Планинско трчање - трчање по земја, низ шуми, ливади, карпи, камење, прекрасен терен, уживанција. Единствено не-уживанција е што кога брзаш низ овој терен станува тешко. Ултра маратон зашто го надминува оној класичниот маратон од 42км, кој го среќаваме во Атлетиката. Овој 64 километарски ултра маратон е мал ултра маратон, постојат доста подолги и потешки. Дополнителна тежина претставува искачувањето, на оваа трка тоа беше 3000 метри надморска височина, значи сме искачиле од 0 до 3000 во текот на трката. Трката почна во населба Варош во Прилеп во 08:00, па искачување накај Трескавец, па од таму спуштање до село Дабница и езерото, па благо искачување до Плетвар, па многу стрмно искачување до врв Козјак, па стрмно техничко спуштање, па трчање благо угоре/удоле низ планина (фантастичен дел), па досадно рамно назад до езерото, па нагоре накај Трескавец, па назад надолу кон Варош.

висинскиот профил на патеката



          За мене оваа трка траеше 13 часа, да колку што беше лимитот на трката :), бев последен (пресреќен што завршив исто како да сум прв). Со побратимот Ангел тргнавме премногу лабаво, со план да штедиме енергија до првото искачување и надолу да забрзаме. Тргнавме премногу споро, веројатно 30 минути не чини тоа 'споро'.

лека полека кон првата софра, муабет...
на половина патека кај 'диско топката', 30 км на врвот Крстец или Козјак.. после стрмното искачување
          Незнам дали успеавме да заштедивме енергија,  јас како и да е тотално искризирав уште на втората точка која е 18 км. Пред Езерото веќе почнаа болки во колена, стапала, листови, препони.. Болките траеа цела трка, буквално цела трка со места каде беа многу големи со куцање додека се движев, за пак чудо на места малку да пушта и да можам да се движам брзо. Чудно или можеби не за искусните, на угорнините се движев многу брзо и без болки, надолу потешко, за на рамно најтешко. Деловите кои треба да се трчаат повеќето ги пешачев, или делумно ги пешачев. Очекував болки и еве уште една од грешките во долгата низа - тоа што не земав апчиња за болка. Ги користев геловите од Натусана кои помагаа за кратко, користев гелови за енергија кои помагаа по малку, повеќе во последната угорнина до Трескавец. На третата точка веќе имав веројатно милион пати помислено да се откажам, поради болка, или нервоза што дозволив да биде вака, поради тоа што го кочев Ангел кој иако беше во одлична форма беше покрај мене и ме бодреше наместо да брка убаво време и да ужива трчајки. Но токму ова негово бодрење, во најголемата моја криза, во пред последниот лимит кај езерото кој беше продолжен 15тина минути повеќе. До кој дојдовме во последната минута, и покрај упатството на волонтерот да се откажеме, некако собрав сила да се обидам да му возвратам на Ангел и да пробам да ја завршам трката поради него. Искрено во тој момент мислев дека тое е невозможно, дека дури можеби правиме грешка и беља што тргаме касно во дел кој не е лесен, пред стемнување со серизни проблеми во нозете за мене.
          Во тој дел после езерото следи убава борова шума, па благо искачување со симнување кон еден дол па многу стрмно искачување кон Трескавец. За чудо ова последно искачување го одев како најбрза моја делница, Ангел не можеше да ме стигне (само во овој момент :) ), чудо или тоа беа двата гелови кои ги кркнав незнам :). Но чудо како чудо, пак почнаа болки пред Трескавец, па последните 15 минути едвај движев, на места Ангел ми помагаше да поминам преку препреки, куцав како со скршена нога. Тука дигнавме раце, рековме тоа е тоа, да стигнеме и видиме што понатаму и како ќе се вратиме. Наидовме на весела и располжена освежителна точка - екипа. Наместо да ни укажат дека касниме, тие веднаш се впуштаија во нудење храна/пијалок бодрење итн.. ова малку ме пресече. Пак решив да се обидам понатаму со мотивите како и претходно, побарав за прв пат лекови, и земав две апчиња аналгин иако побарав 4 но не ми дозволија да испијам толку :), испив магнезиум, (кока кола не сум испил  толку од родендените во основно школо) и тргнавме да ја завршиме последната делница, наводно лесен пат удолу. Тука гласно размислував и спомнав дека можеби ја правиме последната и најголема грешка што тргаме касно со таква моја повреда и болка. Трпев, пешачевме многу брзо по што веројатно аналгинот проработе, почнав да трчам и речиси целата делница ја трчавме. Веројатно и единствената делница која ја поминавме со 'планинско трчање' наместо со 'планинско пешачење'. Цело време гледавме групи кои привршуваат пред нас во далечината забележувајки ги нивните лампи. Забележавме и дека некој сигнализира со лампа за правецот и знаевме дека сме близу. Брзавме тука како да нема утре, барем јас така се чувствував зашто не знаев кога ќе дојде делот со боли-и нема трчање туку болно пешачење. Воедно го бркавме и крајот на трката односно временскиот лимит, после кој ќе бевме дискфалификувани. Низ последните метри пред целта ни се приклучија деца кои трчаа со нас, се степаа по пат за кој да оди прв, на целта не пречкаа нашите пријатели, охрабрувајќи не и се друго понатаму е историја :). Влеговме на целта, задолжениот за мерење на времето ни го побара чипот, во меѓу време почнал концерт со гласна рок музика, пријателите дојдоа околу нас, аплауз, ни ставаат медали, ми даваат алва, сендвичи, вода, блицови фрштат, честито, честото, си викам ова вистина ли е или лежам без свест и сонувам на Маркови кули :)... жива вистина, успеавме да завршивме живи здрави (ок, јас не толку здрав).

радост
          Еве 8ми ден сеуште закрепнувам, болки во препони, колена и стапала, но веќе не велам дека 'никогаш веќе нема да го направам ова', иако признавам дека го кажав неколку стотини пати за време на трката. Признавам и пцувев повеќе од обично. Се исрцпив како никој пат досега, се надминав како никој пат досега, и иако верувам дека правам кул работи низ планините од време на време, се исполнив како никогаш до сега. Ние истрчавме, но огромна огромна благодарност до организаторот на трката што овозможи вакво искуство, што не инспирираше низ годиниве да се пријавиме, тренираме, за на крај да завршиме една ваква трка. Видов тркачи кои не истрчале полу-маратон, тренирале година дена а имаа импресивни резултати, па оној кој сака да види за што зборувам тука, има една цела година за спремање до следниот КМУТ. :)



:)