Monday, December 28, 2015

Среќен 10ти роденден Алпинизам.орг

       


          На 18 ти декември 2015та беше обележан роденденот на www.alpinizam.org. Без многу помпа и славје, во рамките на настанот од Македонска алпинистичка федерација - МАФ и Ехо филм фестивал на кој имаше презентации од Македонски алпинисти и доделување на награди од МАФ беше спомнато за овој роденден.

Од роденденот на 18ти (сликата е позајмена од алпинизам.орг)
          Откако знам за овој веб сајт (отприлика 7/8 години), откако се наредија некои годишнини, едвај чекав да дојде оваа 10 годишнина, зашто за мене како самопрогласен најголем фан на алпинизам.орг се чинеше многу важен и убав јубилеј. Искрено сметам дека и за сите од заедницата е важен овој ден, 10 години низвода и тешка работа. Велам сите нас, зашто алпинизам.орг имаше доста широк спектар на теми кои ги опфаќаше низ годините, има многу авторски текстови, преведени текстови, гостински текстови, теми кои допираа до повеќето нас кои се наоѓаме како љубители на планината, на авантурата...

Трло, Матка.
          Ги запознав Игор и Весна Талевски на Матка, имав договорено да 'пробам' да качувам на кратката насока Плочка веднаш над ресторанот на кањонот. Како така, успеав да стигнам до врвот на насоката и се сеќавам дека не беше воопшто гламурозно, едвај но сепак успеав. Исто се сеќавам, со мојата упорност како да ги инспирирав нив двајца да ми речат дека качувањето било ок и дека треба да продолжам да качувам, сепак стигнав до горе, а и покажав воља :). Покрај чуството при качувањето кое ми долови задоволство и слобода како никогаш до тогаш, и тој нивни комплимент ме предизвика малку да договориме повторно средба.

Припреми за ноќно качување.
           После таа средбата веднаш се намножија нови чести средби за краток период, по кои јас веќе имав патики за качување, шлем и појас. Незнам како точно да опишам но луѓето ми се посветија, ме носеа на викенд качувања, на инстант преку неделни после/пред работа качувања, на мраз, на снег, планина, на кратки и долги алпинистички насоки. За краток период како тројка заедно качивме толку многу насоки, после кои ми требаа години да ги надополнам како квантитет во класичните насоки со уште само еден партнер или сите наредни партнери.

Ноќно на Матка. Заедно со Игор и Весна ги имав качено повеќето насоки на Матка уште пред да ги имам качено преку ден. Тоа беше единствен термин после работа во кои тие можеа да качуваат со мене. Важно беше да се качува.
На мразевите на Патишка...
           При тоа другарување, или како и да го наречам, го открив алпинизам.орг и тој ме водеше едукациски низ целиот тој процес, но и не само едукациски, (иако не секогаш се согласував во тврдите уреднички ставови), сајтот полека ми стануваше и како духовен водич, кој се додека не спонзав повеќе преку книгите и интернетот, ми беше единствено место каде црпев информации за оваа моја нова пасија. За мене ова беше од драгоцено значење да имам извор преведен на Македонски, со доста различни ставови и мислења, кои ми  помогнаа објективно да го создадам својот став и поглед кон алпинизмот. Безмалку како енциклопедија на Македонски јазик. Од едукација, забава, за стилот на качувањето, блог на гости, навистина ризница од текстови и информации, и сето тоа спакувано преку моторот на ентузијазмот и љубота кон алпинизмот. Грубо, 500тини објавени текстови низ годините.

На Матка, на 'петто' сидриште, каде се спојуваат повеќето насокои кои најчесто ги качуваме.
          Го споменувам овој мој личен дел, сакајќи да го опишам влијанието на овој веб сајт, на оваа двојка Игор и Весна кои несебично работеа, градеа и помагаа на целата заедница, меѓу кои во еден момент се најдов и јас, а секако не сум единствениот.
           Во еден момент и јас почнав да пишувам текстови кои подоцна се објавувааа на алпинизам.орг. Момент што за мене беше иницијална каписла за подоцна и почнам да го пишувам овој блог, каде ги претставувам моите 'авантури низ средбите со планините'.

          Често алпинизам.орг беше место каде се објавуваа статии, интервјуа, жешки вести кои за некого беа трн во око. Искрено верувам дека дури и оние кои некогаш се наоѓаа како повикани во едни од тие статии, кои некогаш беа за или против нешто, го ценат принципиелниот уреднички став на алпинизам.орг. Нешто што сега го нема наоколу, без влакна на јазикот став за работите јасно и гласно, и притоа најчесто формулирано како конструктивен став или критика и многу често повик за дебата или дијалог, низ кој би се решавале овие спротиставени мислења и ставови.
          За мене лично алпинизам.орг претставува една целина во која се наоѓаат и припаѓаат и најдобрите пријатели и истомисленици, но и најголемите спротиставени страни во идејата за алпинизмот, планинарењето, качувањето карпи во Македонија, приказна која обедини многу луѓе.
          Секогаш кога имам прилика да го кажам тоа го повторувам, ЕХО фестивалот на планински филм својата идеја, темелите на она кое се преикажува на фестивалот а ние сите црвсто стоиме зад него како став, е токму во алпинизам,орг. Една благородна идеја посветена на вистинскиот алпинизам која спонтано почна да се материјализира низ овој фестивал. Ова го повторувам поради се почестото паѓање во сенка на логото на алпинизам.орг наспроти успешниот фестивалски проект.

           И повторно, пресреќен што ги сретнав нив двајца Игор и Весна, што поминавме речиси една декада заедно на карпите и планините, што учев од еден ваков чист извор. Што стекнав пријатели а не само учители во алпинизмот, што имам прилика денес да сум горд дел од ЕХО фестивалот на планински филм, и најважно што научив како да ја ценам и љубам планината, карпата, снегот и авантурите низ овие средби.

Среќен 10ти роденден Алпинизам.орг, да ви се множат и ви благодарам за се :)

На мразевите во Маврово..
Матка, едно од многуте ноќни качувања.

Friday, November 13, 2015

Го погаливме Пајакот (Spider Platinum) на Матка


          Пајак е една од старите алпинистички насоки на Матка. Една од тие три најтешки кои некогаш некој ги спомнува како Трилогијата на Матка :). Веројатно една од помалку качуваните. 
          Имав прилика да ја качам еднаш заедно со Маја Мухиќ пред околу 3-4 години. Долго не сум ја помислил се до вчера, дури си ја сонував, си сонив две слики, од првото и второто качување кој всушност беше денес. И денес рано сабајлечки (пред работно на Матка).
           Ок, ок можеби чудно ви паѓа дека сонувам алпинистички насоки, но уствари тоа си сонувам најчесто, или барем заспивам со нив во мислите, планини, карпи, мразови... 

          Како и да е, првиот пат не спомнав за ова искачување, а е искуство кое мора да се спомне, барем за мене. Па еве сега малку повеќе низ фото ќе ве поврзам со оваа фантастична насока на Матка. Има 5 должини, на карпата каде почнува пишува дека има оцена VII, и е насока која нуди за тие 5 должини најголем диверзитет на терен, ќе ви овозможи качување во жлеб, гребен, плоча, траверс итн итн.. Мислам дека е најтешката насока на Матка која ја имам качувано. Има солидно обезбедување од стари алпинистички клинови. За разлика од сите останати 'тешки' насоки, на оваа мора да се носи и користи и сопствено осигурување, ние користевме за дополнително осигурување френдови 0.5-1-2 и чокови од повеќе големини. (ова го користевме во втората должина, особено во третата пред траверсот и четвртата должина). Повеќето насоки на Матка кои важат за тешки, имаат доста обезбедување, можеби првите качувачи качувале технички и имало повеќе клинови..
Да не ме сфати некој погрешно, секогаш е корисно, па и задолжително да се носи сопствено осигурување (кладиво/чекан, клинови, френдови, чокови...) на алпинистичка насока.

          И повторно, секоја чест за првите искачувачи. Храбра, смела и многу разиграна линија, малку различно од останатото на Матка.

Во првата должина
Маја во првата должина пред вториот доста тежок превис
во првата должина..
во превисот во првата должина,  
Во третата должина, некаде во средината на озогласената траверса на насоката Пајак, дефинитивно најстрашната (за мене) позиција каде треба да качуваш голема тежина на експониран терен на Матка
на крајот на траверсот

поглед кон сидриштето некаде од средината на четвртата должина, многу интензивна должина.
излезот од вертикалната четврта должина низ терен со дрва трева и карпи кои се ронливи, ..
На петтото сидриште со Љуботен и Шара во позадина.

Tuesday, September 1, 2015

Маљовица 2730 м, Еленка 2654 м и Ушите 2547 м



          На мојата втора посета на планината Рила во Бугарија, уште повеќе се продлабочи љубовта помеѓу оваа планина и мене. За разлика од првиот пат кога приоѓав од Кирилова пољана и Рилскиот манастир, каде за прв пат ги видов Ѓаволските игли, Злиот заб... овој пат средбата со врвот Маљовица го направив доаѓајки од Софија, Самоков, С.Говедарци па хижа Маљовица и на крај камп покрај првото езеро под северната карпа на врвот Маљовица. Прв пат од оваа страна на планината и под овој врв. Имресивна е карпата која се гледа уште од многу далеку и ниско во долината под врвот.

Логорот, од каде што убаво се гледаат двете Уши, кои симболично го претставуваат врвот Ушите, од задната страна има солиден црвен гранит.
          Во Бугарија бев гостин кај мојот побратим Кирец, катерач, ски-турно манијак, човек кој ја љуби планината на начин на кој досега го немам сретнато кај никој друг. Овој пат одбравме да ја посетиме заедно Маљовица, и да качиме некои традиционални насоки под врвот Еленка - Еленски врв, но и насоки под врвот Ушите, карпа близу до врвот Маљовица која е озогласена по нејзиниот квалитетен црвен гранит.

Кон Еленка, попат насекаде езера и прекрасни гледки на околните врвови
          Првиот ден одбравме да качуваме на југоисточната карпа Еленки, насоката се вика Плевен и има четири должини и оцена 6, и во главно заедно со сидриштата насоката ја качувавме во традиционален стил користејќи френдови и чокови, се наоѓаше по некој клин кој помагаше во ориентација на карпата. Третата должина беше најинтересна почнувајќи со еден интересен детал кој се поминува дилферски во лево низ тенка пукнатина и каде доаѓа особено до израз квалитетот на гранитот на оваа карпа. Излезот од насоката е високо на врвот Еленки односно гребенот  кој за 15тина минути води до врвот Маљовица, под кој и слеговме до кампот. Вечерта имаше полна месечина која дополнително го зачини ова место прекрасно за кампување.

Кире во втората должина на насоката Плевен, си намерава 'Джаджи' :) - збор кој ги означува алатките за осигурување, френдови, чокови..
Третата должина од насоката Плевен, како гостин јас го имав задоволството на оваа одлична должина
Се наоѓаше по некој клин, но во главно качувавме чисто, солидната карпа нудеше многу опции за сопствено осигурување

          Вториот ден на сугестија на Кирец го искористивме за посета на Ушите, локалитет кој застрашува со неговиот вертикален изглед, и неговата многу малку благо налегната карпа на која повеќето од новите насоки се со по интезивна тежина. Една таква беше избор на Кирец како запознавање со овој локалитет. Ја качувавме насоката Распетие, која имаше три должини и оцена 7. И двете насоки ги качивме во тројка, Кире, јас и Владимир Кирилов.
          Оставивме за некој нареден пат да сме должни, да дојдам и да качувам на самата северна страна  под Маљовица каде ни се виде студено да качуваме овој пат. На истата таа северна страна наши пијатели од АК8 качуваа пред една година, тие тогаш ја одбраа насоката Класичерски.

Ушите во далечина
Линијата на насоката Распетие која ја качивме на Ушите
Владимир Кирилов ја води првата должина,  исклучиво на мали мазни хватишта и баланс
Кирец во втората должина
превистот во почетокот на третата
Како гостин, пак ми се падна мене овој 'сладок' детал
          И покрај двете качени насоки за овие два дена, главен акцент ми остави планината со нејзините карпести врвови наоколу и  насекаде алпинистички насоки, и најважно многу млади алпинисти кои врват низ планината ситни како мравки од една карпа на друга.

          Рила ми станува една од омилените планини.

Wednesday, May 27, 2015

Чешит Мелем - нова насока на Демир Капија

       


          Изминатиов викенд во Демир Капија се одржа вториот по ред International Outdoor Festival Demir Kapija, собир кој има за цел да ја промовира Демир Капија како интересна дестинација за качување карпи, возење точак, спелеологија, кајак итн... Минатата година помина одлично, многу интернационални качувачи имаше, сериозни алпинисти, годинава помалку странски, но многу повеќе домашни, што е за мене лично одлична вест. Расте интересот за качување карпи во Македонија. Презентации, рок концерти, трки со велосипед и трчање, натпревар во техничко качување беа дел од содржините кои го збогатија распоредот на фестивалот.
       
Перспектива кон повеќето насоки на Демир Каписката карпа со исцртаната линија која ја качивме.
Фотографијата е позајмена од www.alpinizam.org .
          Јас успеав да бидам пристутен само во недела, стигнав рано со возот Скопје - Демир Капија кој трга во 6:20, јас и рибарите. Методи и Маја ме чекаа во ДК, втор ден за нив. Имавме план да качиме првенствена насока, на дел од карпата кој е тешко достапен, и поради тој факт и факторот време (мораше да сме во Скопје во 19 часот) решивме да се откажеме од таа насока.
          Тргнавме кон централната карпа, или барем таа што така си ја викаме :), онаму каде што се повеќето алпинистички насоки да одбереме линија за качување. Мето предложи да одиме на насоката Луда Крава, не многу тешка насока со идеја да ја качиме во чист стил. Штом стигнавме и застанавме под карпата, забележавме дека има убав плочест дел десно од оваа насока. Луда Крава беше насока која почнува како раб лево од оваа интересна плоча, а на нејзиниот десен крај имаше друг раб, таму е насоката Виктори. А сиве овие, се веднаш после повеќе познатата насока Б2.

Застанавме под плочата и си помислив дека ова мора да е максимум оцена V ми се видоа многу опции за обезбедување. Се договоривме да водам прв, Методи втор, Маја трета.
          Од самиот почеток, уште во првите 3-4 метри увидов дека нема да биде баш едноставно како што ми се виде, мазно, отворени хватишта, малку и несигурни точки за обезбедување. Кај секоја точка местев по уште една веднаш до неа, некако не ми беше комотно. Сепак наидов на терен барем оцена ипол повеќе од она кое го очекував, инаку карпата нудеше одлични и убави движења. Плоча со неколку вертикални пукнатини и лушпи, на кои се надевав дека ќе овозможат безбедни точки за осигурување. Стојалишта на баланс и триење, фаќалишта малку. По малку и ронливо, но тоа повеќе од што не е качувано, во главно многу солидна и компактна карпа. Како да качуваш на морски варовник. После овие вертикални пукнатини/лушпи кои се видоа и од доле, следеше еден потемен дел, плоча од неколку метри, која беше превисеста и веројатно најтешкиот детал. За најубаво да ја опишам, и по движења и по тежина би ја споредил со на деталот во кратката насока на Матка, Плочка десната, веднаш зад ресторанот. Исто стартува, со две лушпи кои се фаќаат и дилферски се креваш нагоре... е тука трикот е што нема кај да се фати после тоа кревање, туку се менуваат нозе, па се потребни уште две три движења, барем јас со моите 175 см ми фалеа 30/40 см за да го дофатам работ на таа плоча, после кој почнува трева, да сега од плочест превис треба да се извлечете низ трева :). Ок, не беше претешко, јасно е што треба да се направи, но беше возбудливо, доста над последната точка, и тоа несигурен дали би издржала пад. (ок, секако очекував да издржи пад точката под мене, но постои таа возбуда дека моѓеби нема..)
          Убаво и возбудливо. По ова следат два камини, кои исто беа солидни, повеќе од што очекувавме и од што ни се чинеше од долу, се до дрвото како сидриште, дрвото е под големата широка полица која е сидриште за насоката Б2.

Џабе гледањето колку е високо.. :)
Потпрен во последнот добро оигуран дел, до втората пукнатина, над која почнува мазниот потежок дел.
          Втората должина ни дојде како Мелем (од таму и името). Методи ја водеше брзо и сигурно, уживавме сите тројца. Да не се разбереме погрешно, не беше премногу лесно, но ни дојде така некако уживање  после првата малку стресна должина. Бевме пресреќни што наидовме на таков 'проблем' и секако добро се заврши. Втората должина одеше околу два метри покрај оклинчената линија (веројатно трета должина) на насоката Б2, каде горе на гребенот Методи направи сидриште на два камења, 5 метри лево од оклинченото сидриште на Б2.



Мето води.

Убава, права логична линија во втората должина.

Солидната карпа овозможува убаво движење.

Маја како втора во втората должина.
          Третата должина по лесен терен, до крајот на нашата насока на платото каде завршуваат предпоследните должини на Б2, Полжав, Тулумба.

Во недостиг од јасна и фотографија со добра резолуција, еве неколкуод линијата кои можеби ќе бидат појасни.
Сликата е позајмена од www.plocaclimbing.com .
          Првата должина 60 метри, но првите 5/10 метри ги поминавме неврзани се до дрвото што е под средина на почетокот на плочата. Линијата буквално иде само нагоре, нема утка, од дрвото низ плочата нагоре се влага во каминот и точно под најгорното дрво сидриште. Оцената мислиме дека е во најтешкиот дел VI+, можеби и повеќе, можеби и помалку, вториод дел кај каминот околу V. Треба некој да дојде и да потврди или не поправи :). Остатокот од насоката освен во третиот дел е IV/IV+.

          Името е Чешит Мелем, и во најголема мера го објаснува нашето убаво чуство додека качувавме, како насоката ни влијаеше и како мелем ни дојде на нашето расположение, а чешит зашто од Луто и јако кон полесно и кон убаво качување се менуваше карактерот на насоката, како што и означува зборот Чешит.
.
          Исто како и што напишавме во книгата која е поставена од Македонската алпинистичка федерација за запишување на искачените насоки, голема благодарност до организаторите на овој фестивал, поради кои се најдовме во Демир Капија баш тој викенд, и инспирирани од убавиот настан да искачиме нешто првенствено.



Ќе држи ова?

Маја осигурува, Мето си води, јас си играм. 
Што да напишеме..!??!
Професорката Маја го има одговорот... :)
Уште една линија на искачената насока.
Фотографијата е на Александар Кленов.
Маја води во третата должина.
Панорама од полицата на второ сидриште.

Веќе освежени и исполнети на второ сидриште.