Wednesday, April 3, 2019

Нова првенствена насока во Демир Капија - "Вардар Директ" V/VI+


Жолтата линија е Вардар Директ, црвената е Доручек без ребро, сината Тријатели

          Требаше Вардар да се повлече, и да овозможи пристап по земја, за да конечно успеам да направам обид за првенствено качување во кањонот на Демир Капија.
Насоката која ја качувавме со партнерот Ангел Куртелов се наоѓа на 'другиот дел' ако карпата ја поделиме на два големи дела, со паркингот од тунелот во средина. Штом паркираме и тргаме кон Вардар, наместо вообичаено кон повеќето алпинистички насоки во десно, вртиме во лево кон еден огромен дел од карпата, кој досега има само неколку алпинистички насоки, на самиот почеток.

Таму веќе имав два обида, еднаш со Христо Ежовски и вториот пат со Маја Мухиќ, но едноставно не можевме да пристапиме. Пристапот кога е надојден Вардар подразбира траверс од две јажиња, околу 120 метри траверс со оцена 4+/-  и притоа поставување сопствено обезбедувaње. Најмногу стигнав 60 метри вториот пат со Маја.


          Сега силум природни прилики и неприлики, Вардар е повлечен и можеше да се пријде пеш, со исклучок на неколку метри каде што требаше да изгазиме вода. Овој трет обид го имавме со Ангел Куртелов. Знаев дека нема да има изговори сега штом стигнавме до карпата и дека ќе мора да се качи очигледната линија.

Во жлебот на првата должина, некаде на средина пред пукнатината.
          Почнува во изразен жлеб, од лево мазна плоча со црн мов а од десно столб или гребен. Жлебот од далеку личи на пукнатина која ја всушност ја нема, се до средината кога се појавува пукнатина која следи се до искачувањето на столбот каде е и првото сидриште од два клина и еден чок (имаме оставена црна солидно закована кајла).

Ангел, излегува од првата должина на полицата каде имавме сидриште

          Тежината е прифатлива, оцена до некоја комотна 5ка,  кон средината на 30тина метри следи превис, кој е голема превисеста пукнатина, под него заковавме клин и тој сеуште е таму. Пукнатината и превисот иако изгледаат грандиозно, се поминуваат сигурно и многу логично, дилферски се држи пукнатината во твое десно, а со нозете на триење во плочата. Тука следуваат многу убави солидни движења кои едноставно радуваат, веројатно најубавиот дел од насоката е тоа.

          Втората должина оди благо во десно и заобиколуваме плочест и целосно мазен дел од околу 25 метри до второто сидриште на дрво. Не многу тежок терен, но малку точки за обезбедување и бара голема концентрација.

Втората должина, која малку скршнува од директната линија кон дрвото.
Втората должина, која малку скршнува од директната линија кон дрвото.
          Третата должина како што почнува нагоре веднаш се забележува драстично потежок терен, кој полека се враќа во Лево, за да надвисне вертикално точно над првата должина.



Над нас превис, лево мазна плоча на која требаше да се префлиме без места за стоење и држење, само триење..

          После 5 точки од кои 2 клина заковани во превис (висеа надолу и не им верував :) ), наидовме на првиот тврд орев или загатка. На ова место карпата полека станува превис, и логично е да се оди кон нешто налик пукнатина, односно горе превисот како мало таванче и долу под пукнатината налегната сосема мазна плоча со црн мов и ништо за држење стоење. Оваа загатка ни одзеде повеќе од еден час време да ја решиме.
          После повеќе варијанти успеавме (висејќи на двата клинови забиени во превисот) и многу мирно залепени и налегнати  на мазната карпа со црн мов да траверсираме два метри во лево, да го избегнеме превисот но да заглавиме сред плоча. Сред плочата благодарение на тоа што поставивме една кука, успеавме да вратиме дел од самодовербата и да забиеме два клинови малку погоре, по што со неколку многу деликатни движења (јас си ги нарекувам како да одиш по јајца) се успева да се излезе од превисот и да се продолжи во другиот дел од жлебот, или пукнатината која всушност ја нема ниту горе.
Конечно после час, или час ипол борба излеговме над превисот и плочата која веројатно е најкомплексниот детал од насоката.
          Жлебот е повторно многу широк, нема место за главење тело, раце, прсти френдови или чокови, покрај нас имаме столб од десно, и мазна плоча од лево.
Ова качување до следното сидриште по ваков терен и со ист интензитет трае 60 метри, и ни требаа околу два ипол часа (за водењето) да го минеме. Во должината употребивме сет френдови, скоро цел сет чокови, сет хексови, две куки, и 8 или 9 клинови (кои ги оставивме во карпата).
Оваа должина не исцрпи тотално, особено мене, и на третото сидриште стигнав само со еден френд на појас и алатка за обезбедување.
По ова следуваше уште една – последната должина од 40 метри по гребенот кој надвиснуваше над нас од самот почеток во насоката.

Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.
Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.

Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.
           Тоа што е добро и лесно во насоката е ориентацијата односно каде треба да се движиш (во случај да сакаш да напредуваш само право, зашто имаше излези во десно, кои можеби беа полесни или потешки). Точки за обезбедување имаше, но сепак не многу, затоа и не се осмеливме на сидриште во таа трета должина и ги теравме оптимално 60те метри од јажето, инензитетот на третата должина направи да не исцрпи целосно, особен психички, не го очекувавме тоа. Можеби малку повеќе мислевме дека ќе има пукнатина во која ќе си ‘играме’ со големите френдови и хексови. 

Искуство подеднакво убаво и стресно, наша прва заедничка насока, дел од проект во кој ќе следат уште многу нови.


Со сеуште не средени 'стомаци' од качувањето, ова е нашето мислење за спецификацијата на насоката: 

Локалитет: Демир Капија,
Качувачи: Ангел Куртелов и Александар Зарапчиев 30.03.2019
Име: Вардар Диркет
Оцена: V/VI+
Должина: 4 должини, 180 метри +/- 
Потребна опрема: Сет френдови, сет чокови, хексови, барем 15 гуртни и карабинери. Време на прво искачување: Околу 6 часа. Поглед на линијата со исцртана скица:


Поглед кон картата од Вардар