Sunday, January 24, 2016

Турно прошетка до врвот Плат 2398


          Плат е преубав врв кој се наоѓа помеѓу еден од најубавите предели на Шара до Горна и Долна Лешница. Стрмно се издига над реката Пена и Лешничка река од другата страна. Гледа многу јасно кон Кобилица на север-исток, Церипашина, Карабунар, Бакардан, Титов врв на југо-запад, врвот Среден Камен кој во алпски стил се извива над Лешница и е како на дланка, сите овие врвови се многу близу и гледката е здивоземачка, а само малку подалеку од ова го гледате речиси целиот гребен од Црн Врв до Мал Турчин, секако и околните планини се јасни и убаво видливи поради височината од 2398. Но сепак, околината е она што го прави овој врв посебен и преубав.

Среќни деца на Плат со Лешница и врвот Среден камен во позадина.
          Многу пати сум поминал покрај врвот и пеш и со велосипед па и со турно, но никогаш не се имав качено на него се досега. Некако секој пат имав друга дестинација и само го одминував преку седлото кое води до него, или под врвот во густата шума. Новите снежни наноси направија убави услови за слобoдно скијање на местата каде не секогаш има добар и квалитетен снег. Во новата сезона почнавме да скијаме од врвот Церипашина кон Попова Шапка, и полека да се префламе на северот на Церипашина кон стариот дом Јелак, од каде се отвора видикот према Плат. Една недела од како падна последниот снег, копнеевме да се искачиме на врвот и да пуштиме некоја од рекрасните линии.
          Спонатно се почна муабет за скијање во сабота на Плат, Хекуран Зекири, организираше и не мобилизираше за да успееме да скијаме во најголема група до сега од 15 скијачи (6мина со сплитборд и 9мина со скии). За среќа успешно и безбедно како за толку голема група. Имавме неколку варијанти како да пристапиме но на крај се одлучивме да одиме со старт на Попова Шапка, преку Церипашина, Антени, Син Врв, за преку Казани да се пуштиме до седлото под Плат и отаму да го качиме врвот Плат, па се пуштиме источно кон Првомајското бачило и од таму по пат што води до Лешница назад до Попова Шапка. Одлично смислена тура, не многу тешка со убава панорама поголемиот дел од движењето и со многу скијање и не толку тешко пробивање низ снегот, поголемиот дел од турно движењето беше по убав терен.



          Увертира во скијањето беше пуштањето од Казани кое ја подгреа атмосферата и не стопли со адреналин после поминатите два часа на гребенот високо со температури до -20. Ретко студен ден! Се спуштивме до под Плат откаде повторно наместивме опрема и турно го искачивме врвот, многу побрзо и полесно од што очекувавме, и каде попат не затекна сосема инаква атмосфера, поштедени од ветар и со силно светнато сонце над нас кое ни помогна да се повратиме од студот претходно и да се спремиме за искачувањето и гледките кои не чекаа на врвот, и секако пуштањето од врвот за кое бевме дојдени. Врвот беше скијан од туристи на Eskimo freeride сервисот но за среќа имаше останати линии за нашата група.
          Навистина е претешко да се опише чуството кое го доживавме спуштајќи се по недопрени предели на овој врв, со голема денивелација на стрмен терен и најважно по фантастичен прашкаст снег. Веројатно целото искуство заедно со искачувањето, гледките, спушатањето и доброто друштво ми се врежаа како едно од најдобрите до сега.
          Од таму следеше враќање кон првомајското бачило со околку 2 часа до северот на Церипашина близу стариот дом Јелак по што повторно се спуштивме до Попова Шапка, и тоа последните од нас веќе по темница, но за среќа со осветлен снег од  тукушто излезената полната месечина.
          Ќе се обидам да ви доловам дел од искуството преку сликите кои ги направивме.

Турно екипата
Мартин Пановски кон син Врв.
Среќни деца на пауза помеѓу син Врв и Казани. Карабунар, Бакардан впечатливо во позадина.

Последниот успон пред Казани
Време за спремање, проверка на опрема и концентрација пред првото спуштање кон седлото под Плат.

Самиот пристап пред седлото на Плат беше доста комплексен и требаше внимателно да се најде безбедната линија за спуштање од врвот Казани. Подготовки и договор кон каде ќе се скија.
Не случајно се маскирани, не смеело да се знае дека Битолчани на вакво убав ден се на друго место освен Пелистер :) - Горан Кузмановски и Вања Атанасов. 
Метод, Мартин пред пуштањето на Плат, со Карабунар, Бакардан и Титов врв во позадина.
Стадо диви Кози како трчаат надолу по гребенот под Плат.
Насмевката на тројцата кажува се за турата. Маја Мухиќ, Хекуран Зеќири и Методи Чилиманов.
Неповторлива северна страна на Лешница односно врвот Среден камен, секогаш во фокусот на сите погледи.
Елен (на сплитборд) се брка со искусниот Томица (на скии) беше уживање да се гледаат додека ја скијаат падината.
Елен (на сплитборд) се брка со искусниот Томица (на скии) беше уживање да се гледаат додека ја скијаат падината.

Во преден план гребент под врвот Син Врв, и во позадина линијата што беше пуштена под Плат.
Последен поглед кон Плат (десно), среден камен (во средина нели :) ) и најлево Казани.
На враќање ни се појави месечина на хоризонтот поголема него било кога. На сликава неможе да се примети поради слабиот квалитет.
Фамилија З и месечината.
Елен и Хекуран со насмевката од миљон долари и Хана во рака.
Последното пуштање кон Попова Шапка го изведовме во темница со помош на светлината од Месечината.

long live snowflakeguerrila

Saturday, January 16, 2016

#Патрола во зори број 2

          Патрола во зори претставува уште една од многуте инцијативи за добар провод на планина. Одење многу рано во  мугри да се искачи некој од омилените врвови, некоја планина и да се фати првиот снег, да се заработи некоја линија за скијање, и да се се стигне на време за работа. Да ги растегнеме нашите временски можности, да пркосиме на рутината, да избегаме малку од суровата градска реалност, да му се спротиставиме на системот, да украдеме од златото на змајот, рано во темната ноќ додека сеуште е во цврст сон :).
          Иницајтивата, традицијата за оваа авантура на страсни скијачи постои уште одамна во САД. Ланската сезона се случи првата патрола во зори мотивирана од Игор Талевски и еден голем пријател на оваа наша заедница на алпинисти и фрирајдери Matthew Hutcherson. Тешко е да се прави често оваа патрола, туку само понекогаш и во прилика кога ќе го има најдобриот, квалитетен и безбеден снег после невреме со отварање на првиот временски прозорец - добро време после долго паѓање снег. Повеќе е како поздрав на планината, поздрав на доброто време и добриот снег, причина за да се избегне од рутината на секојдневнието и да се пркоси со сета сила на истата.
          Втората патрола во зори, (која за мене прва) изгледаше вака:
2:30ам Будење
3:30ам Скопје-Шапка
4:30ам Шапка турно Церипашина
6:50ам Скијање
7:30ам Шапка-Скопје
9:00ам На време за работа
          Бевме тројца, Весна и Игор Талевски (кои имаат 100% учинок на патрола во зори и ова им е втора таква :) ) и јас.
          За целото доживување можам да кажам дека ми се истакнува на врвот на нешта кои сум ги направил, а сум бил многу пати рано на планина, сум качувал карпи и скијал пред работа и друг пат (без толку рано станување), но некако идењето толку рано за едно пуштање, студот и ноќта, изгрејсонцето на таа висина, полни со енергија која трае долго.

Се надевам на следната патрола се гледаме повеќемина! :)

Уживајте во фото моментите.

Старт 4:30 Попова Шапка
Веќе на висина околку меѓустаница
Почна да наѕџира денот

Видливоста значително подобрена кај крајот на жичарата
Во куќарката кај жичарата на одмор, топол чај и примера за надолу. Ова беше од голема корист зашто времето беше многу студено, и ќе беше сосема поинаку спремањето на опремата надвор.
Поглед кон Антени и џинот Бориславец во позадина.

Тадаааам, излага сонцето.
Вртењата, претходно заслужени ги дегустираме на прекрасен заруменет снег :)
Весна одмара нозе
Долу во населбата, изгрејсонце во друга боја :)
happy faces
long live snowflake guerrilla