Wednesday, January 30, 2013

Зимски на Отмар

       
            Не сакам да звучи преамбициозно насловот, но реалноста е дека е зима, бевме на качување на Отмар, а имаше и по малку снег и мраз :). Преубавиот сончев ден но и желбата да практикуваме качување карпа на студено време и во не толку пријатни околности е причината зашто се наканивме да ја посетиме Матка после подолго време заедно со Виктор Хаџи Василев. Освен топлите зимски сончеви денови, ретко одиме таму во зима, едноставно не е пријатно качување карпа на студ. А и слободното време зимски повеќе гравитира кон Скијање, качување мраз за некого, или едноставно искачување планини во зимски услови.
            Поради тоа што мојата пасија - качувањето не сакам да ја идентификувам со тренинг, едноставно го правам тоа зашто ми е убаво и го сакам истото, и да, се разбира дека  во самото качување јас добивам и тренинг, но сепак не тренирам за да качувам, качувам зашто сакам да качувам, така и би ми било тешко да речам дека отидов да тренирам качување карпа во студени услови, Но морам да признаам, како што напоменав погоре, и покрај убавиот сончев ден, беше предизвик да поминам некој час на карпа, со малку снег, мраз и без патики за качување, туку со погруби чизми. Знам дека тој начин на качување е едноставно  неминовен во спектарот на искуства и искачувања кои треба еден алпинист да ги поседува. 
           Имав искуства досега со студ на карпа, едно од нив и на самиот врв на такви искачувања е на насоката Тани заедно со Весна Талевска пред неколку години, каде буквално ми се повраќање од секој допир на карпата со рацете, кои цело време болеа од студ, а осетот што допирам на карпата, воопшто не постоеше. *(Морам да ги повторам моите импресии и честитки до Весна која беспрекорно и слободно тогаш го помина вториот дел од таа насока, вклучувајки го и превисот на Тани, кој воопшто не е наивен и во убави временски услови, а во случајов со температура ниско под нулата, јас и како втор не успеав да го поминам слободно тој дел). Сепак секогаш е убаво да се повтори таа лекција и да се навратам на основите.
          Во секој случај, еве по некоја фотографија од качувањето, преубав сончев ден. Дефинитивно може да се направи повеќе, зашто иако беше доста студено, додека сме на сонце може да се поминат и некои од потешките насоки, се разбира дека е доста потешко од вообичаено и поради чизмите кои ги носиме наместо елегантните и прецизни патики за качување. Карпата некаде околу 10:30 до 14:30 е целосно изложена на сонце, така да тоа е идеaлниот период за качување таму. Моја препорака е многу да се внимава на одрони на карпа, зашто ги има многу. А во текот на целиото качување имаше и мразеви кои паѓаа, за среќа мали и во главно безопасни.


0
Виктор одвеслува до другата страна под насоките..

Имаше снег на речиси сите полици, и по малку вода и заледени делови.

Во втората должина на Отмар - најстудениот дел од насоката зашто е  цело време во сенка, со подледени  делови.

Виктор во излез од превисот на Отмар

Кај 'кутијата' снег, сонце и топол чај.

"На кутија"

Мислам дека никогаш не сум ставил толку точки на осигурување  во овој дел на  Отмар, но можеби студот и  качувањето со чизми не правеше малук повеќе претпазливи.


Кањонот беше во различно руво од тоа на кое сме навикнати да го гледаме.

Веројатно најопасен за поминување беше одстапот со оглед на снегот на полиците и мразот кој беше присутен секаде, не ни помисливме да го поминеме тој дел без јаже.

Friday, January 4, 2013

врв Церипашина - Антени

           Најпрвин среќна нова 2013-та година! Се надевам дека нема секоја нова скијачка сезона да ја почнувам со муабет или текст дека нешто недостасувало на мојот омилен скијачки центар во Македонија - Попова Шапка. Ако ланската сезона тоа беше силниот ветар кој косеше се пред него, претходната недостатокот на снег, оваа година иако доста рано падна снег, неработењето на главната жицница Церипашина како евентуален недостаток го сместувам во тој кош. Секако, бев среќен што уште некаде на средината на декември имав среќа да видам многу снег на планините, па и да се фати убави скијање пред Нова година.
           Сезоната ја почнав со една од моите најинтересни тури досега на таа планина, Попова Шапка - Шипковица, за жал немам фотографии од таа тура. Се почнува малку повисоко од населбата Шапка и се оди пеш накај столбовите или можеби во правец на стариот дом Јелак. Од таму само надолу по фантастичен терен, шума, бачила, и по некоја локална нива/бавча се до центарот на селото по снег. Не многу тешка и веројатно најзабавна тура што може таму да се направи. Првиот пат имавме среќа да возат со нас локални 'фрирајдери скијачи' од селото Шипковица кои не водеа и ни ги покажуваа нивните скијaчки способности, кои верувајте беа фантастични. Можеби најиздржано можам да го употребам тој збор и да кажам фрирајдери за овие момци, иако тие веројатно не ни го знаат тој термин како правец и стил во скијањето. Воопшто не обрнувајќи внимание на стилот, опремата за длабок снег, со својата скромна скијачка опрема тие вешто скијаа, го правеа тоа така едноставно зашто израснале на таа планина, и нивната забава во зимските денови се одвивала на тој начин, скијаки во задниот двор на куќата. Backcountry?! :)
          Ок, неработењето на главната жичница од друга страна не натера да испешачиме во минатите неколку денови  речиси толку колку што пешачиме до половина од сезоната. Прекрасното сончево и не многу студено време ни допуштија релаксирани денови какви што ретко си ги имаме, како кога по цел ден само скијаме скијаме и понекогаш забораваме да уживаме со сончање и пешачење во овие прекрасни зимски сончеви денови. Можеби ќе го завршам текстот сосема поинаку од почетокот каде кога почнав споменав за 'недостатокот' на скијачката сезона, можеби од технички аспект. Во рок од неколку денови два пати искачување на врвот Церипашина, неколку пати искачување на околните ридови, спуштања до селото Шипковица и многу сонце, го направија овој старт на сезоната за уживање и релаксиран почеток на оваа 2013-та. Имајте убави пост - новогодишни празници и се гледаме горе...

Пред воено - каде секој ден започнуваат авантурите

на почетокот на патеката Церипашина - Маја Мухич, Елена Диновска и Методи Челиманов

првиот стрмен дел

Елена Диновска
во еден од најстрмните делови од патеката

на некои места беше толку стрмно што моравме да користиме алпинистички техники за да стигнеме до врвот - Методи Челиманов
часовникот на Маја вели нешто помалку од два часа пред врвот


дел од спуштањето надолу, некаде на ридот над скилифтот ГЕ - Елена

од првото качување на Церипашина и спуштањето по северна страна кон с.Шипковица:


вака изгледаше патот Тетово - Шапка


веднаш потоа на Шапка


кратко пред врвот Церипашина - Северна страна - Шипковица, Гоце Таневски, Иван-Карпа, Маја Мухич, Методи Челиманов
кон најубавите спуштања, Елена Диновска и Мартин Пановски


Припремање

враќањето од Шипковица кон Шапка.