Wednesday, July 23, 2014

Планинска трка од село Белчица до врвот Меденица и назад "BM Trail 2014"

          Трчањето во нашиов крај а богами и низ светов станува се повеќе популарно. Кај нас можам да го приметам тоа од гужвата на кеј, новите неформални групи за трчање.. резултатите на некои од атлетичарите, Скопскиот маратон, а на мој најголем мерак - планинското трчање.
          Веќе неколку години ги приметувам овие маратонци, тркачи кои се тркаат во главно по планини, на мали кратки но крајно тешки и напорни трки (пример Церипашина вертикал километар) или доста долги трки, маратони или ултра маратони.. како оној најпознатиот во Прилеп КМУТ. И морам да признаам дека овие момци, планински тркачи, маратонци или ултра маратонци се моите outdoor херои во моментов во 'маше маало'. Некако неможам да останам рамнодушен на нивната сила, издржливост и ентузијазам да го градат успешно овој спорт во Македонија. Од неодамна има и ново здружение кое меѓу другите дејности најповеќе е посветено на овој спорт.. TREX, кое воедно ги зема најголемите заслуги според мене за развојот на овој спорт. Многу тренинзи, трки, искачувања на планина, едноставно ги има секаде овие TREX момци. 
          Пред три години на фестивалот за планински филмови ЕХО, имав прилика да ја видам презентацијата на Трајче Панковски и Жикица Ивановски - ултра маратонци кои ни го претставија спортот и нивното тогашно учество на најпознатата трка од ваков вид во светот, Lavaredo ultra trail која се случува низ Италијанските Доломити. Трајче тогаш на таа презентација, на духовит начин, обидувајќи се да допре до нас обичните луѓе рече " Идевме многу често на планина, сакавме да шетаме, и брзавме да стигнеме и видиме што повеќе убави места , па почнавме да трчаме.." Од тогаш ми остана желба, мојот придонес кон оваа активност да го направам со тоа што ќе учествувам на една ваква трка. Давав подршка на се што прават, но сметав дека тоа ќе биде моја најголема подршка да земам стартно бројче и да се пробам на една од овие трки.

Алпинистичко-велосипедската четворка.
Јас , Ангел Куртелов , Тања Пенева , Лазе Здравев.
          И конечно после три години тоа се случи, ја истрчав мојата прва планинска трка рамо до рамо со овие луѓе, "Луѓе како нас" на кои им се восхитувам во нивната посветеност. Не многу долга трка, 24 км со искачување надморска височина од околу 1300 метри, која за мене траеше 4:30 часа. После една истрчана ваква трка можам да кажам дека не е се само во силата, или кондицијата оделно, ниту само во менаџментот каде колку да потрошиш, туку е се заедно во сите овие нешта комбинирано и зачинето со уште неколку фактори, и пред се со силна воља да се даде од себе најмногу кога е најтешко. И тоа, ова е реалитивно кратка и не многу тешка трка. Еве со еден не стручен јазик се обидувам да го објаснам моето видување на планинското трчање. Сигурно ќе ја дадам мојата подршка и на уште некоја трка, иако прво нешто што го кажав штом завршив е дека е многу тешко. Но секако пред се е убаво, навистина специјално нешто е да трчаш во тие предели и да видиш толку многу наеднаш, а при тоа со секој направен чекор да знаеш дека се себе-надминуваш.
          Можеби наредната трка наместо 50-тина тркачи ќе има 150, и тоа ќе биде троструко поубава гледка за сите таму. :)

Повеќе слики и текст напишан од организаторите можете да видите и прочитате тука.

Колку и да се чини едоставно, но спушатњето не е толку лесно, бара многу повеќе концентрација и силни нозе за да не се дојде до повреда.

Некаде 20 минути пред врвот Меденица, ја пресретнавме водечката група која веќе се враќаше назад.

Да, си подскокнувавме од радост дека сме стигнале до половина, врвот Меденица, и сега одиме назад кон село Белчица, незнаејќи дека не чекаат уште неколку сурови угорнини + 14 км до зоната на комфрот и студена вода. :)



фотографии:
Лазе Здравев
Елена Диновска
Александар Зарапчиев