Thursday, August 30, 2018

Нова насока во кањонот Матка - "Лего" 4-/6+

          Долго време сакав да качам нова првенствена насока на Матка. И конечно после 3 обиди на две различни карпи на Матка, од кои два обида токму на оваа линија успеав да искачам нешто.

Карпата видена од пешачката патека покрај езерото. Искачената линија обележана со црвено.

          Се работи за карпа подлабоко во кањонот кон пештерата Врело, од левата страна на езерото и потребно е да се пристапи со чамец. Локалните ја препознаваат по местото кое го нарекуваат Козарево, кое следи веднаш после карпата и каде сега се наоѓа една викендичка. Се забележува од спротивната страна на езерото, и кога се поминува низ преминот со дупка во карпа, ако се оди по пешачката патека покрај езерото.

Розевата е линијата на движење нагоре, жолтата краткиот отстап и абзелите.

          Маркантна е и лесно забележлива ако се возите со чамец или веслате кајак, има облик на пирамида, или триаголник. Под карпата се забележува убаво формата, вертикалната изложеност, како и интересните детали во горниот дел од карпата. Доста е обрасната со вегетација, на неколку места прави малку лажен изглед како да се оди по трева. Има многу не само расклатени, туку блокови кои само си седат еден врз друг, од најмали до огромни како автомобил. Верувам дека возможно е целосно да се исчисти рутата, да нема вегетација и да се отстрани се што е вишок расклатени камења.
Особено е интересен стартот на насоката,  изводлив е само од чамец, нема друг начин да се пристапи до карпата.

Првиот обид го имав со мојот партнер Елена Диновска на 25 август 2016та. Тогаш веславме сами со кајче кое го 'усидривме' на почетокот на рутата и тоа служеше како прво сидриште од каде што тргнавме и во кое што директно абзелувавме после првиот неуспешен обид.

Нашиот превоз и сидриште во првиот обид.
          При овој прв неуспешен обид, двајцата стигнавме до првото сидриште во една должина од јаже (сегашното сидриште број 2), јас успеав да стигнам до сегашното сидриште број 3 (полицата и траверсот на сегашната насока) каде што веќе ме имаше фатено темница, и едноставно не можев да го најдам решението во темница, поточно 'не ми држеше' :).

Елена пред првото сидриште во првиот обид.

          Се сеќавам дека тој прв пат се движевме брзо и сигурно, за разлика од следните два пати. Јас имав два абзели, а Елена само еден, директ во чамецот кој беше усидрен во езерото на почетокот на насоката. Многу интересно, педантно и практично.

Од првиот обид со Елена, абзел - директ во кајче.

          Вториот обид го имавме повторно со Елена Диновска, на 30 април 2017, ден кој навестуваше дожд, но сепак решивме да се обидеме. Тогаш имавме приватен превоз од нашиот добар пријател Исмаил, човекот кој ги менаџира туристичките чамци во кањонот Матка.

Превозот од вториот обид со нашиот пријател Исмаил.
          Тој не чекаше да се качиме малку на карпата, направиме прво сидриште веднаш над езерото па не остави да качуваме... со договор да се врати да не земе штом завршиме, и да не проверува од време на време. Овој пат, стигнавме двајцата само до првото сидриште бидејќи не фати дожд (сега второ сидриште), од каде што направивме абзел двајцата.

          Со Хекуран Зекири, тргнавме од чамец директно, искачив 15 тина метри и направив сидриште од каде што тргнавме двајцата. Чамецот беше потребен само 5-10 мин додека го искачиме тој прв дел - првата должина од 15тина метри и оцена околу 4-. Додека патувавме ја спремивме опремата и јажињата.
Имавме сет френдови, два сета чокови, сет хексови, две Руски куки, и 6 клинови, замки и карабинерчиња. Навидум многу опрема, но третото, особено четвртото јаже си изеде речиси се па го оправда носењето толку парчиња.

          Втората должина почнува по лесен терен малку во лево, се заобиколува едно дрво, и се излага на полица која ако се следи оди до левиот раб на карпата, или се влага директно после дрвото нагоре во жлеб, кој има оцена околу 4+ со малку точки за обезбедување (првиот интересен детал). Тука искористив два стопери - чокови, френд 0.5 и една кука. Нагоре станува малку полесно за повторно да се влезе во еден изразен превис но прилично лесен со големи и здрави фаќалишта, по што повторно се оди малку во лево во лесен и искршен терен (доста ронливо во овој дел), за кога ќе се дојде на најизразената линија од левата страна на карпата да почне да се качува кон десно, преку една полица со трева на неа и неколку скококви (има пукнатини во кои влагаат само најголеми хексови или френдови 5-7 број) до првото сидриште каде има големо здраво дрво, и каде што почнува пукнатината од третата должина која исто може да се употреби за правење сидриште.

Пред третото сидриште, тревестиот дел и мал траверс во десно.

          Хекуран требаше да ја води оваа должина, јас ја имав минато 2 пати и иако по оцена не е многу тешка, според мене е исклучтелно комплексна со немање многу опции за здрави точки наспроти голема ронливост. Предложив да ја водам јас оваа, а тој третата, иако потешка но барем со поквалитетна карпа.

Третата должина е убедливо најтешка, компактна карпа и сосема различен терен од се друго на насоката. Почнува во широка вертикална пукнатина, која натежнува во лево, а во лево има плоча без ништо за држење и застанување. Функционира само главење патики во пукнатината, а нагоре како што се шири главење цели нозе и тупаници.

Десно од 'широката пукнатина' имаше потенка, која можеше да се задржи само на почетокот, Хекуран се обидуваше во многу обиди да излезе над пукнатината и однадвор да помине наместо да се глави во пукнатината, но постојано натежнуваше во лево кон мазната плоча.

          Хекуран почна на третата должина, стави две солидни точки, се издигна нагоре високо, каде што веќе немаше можност да се стават нови точки, и беше потребно главење тело уште некој метар погоре за да се дојде до првите места каде може да се осигура.
Заедно заклучивме дека можеби е побезбедно да се се врати, за да се обидам јас, зашто веќе два пати претходно бев на карпата.

Обиди да се најде соодветна големина на чок/френд за обезбедување.
          Во горниот дел од пукнатината може да се пикне цело тело, таму е најтешкиот детал кој според мојот "stress level" таму тој ден, ќе речев е со оцена 7, но ајде да се соземам и да претпоставам дека претерувам и не е повеќе од 6+, туку е само со многу оскудни места за точки за обезбедувње. Широко е за да се напредува со главење нозе/раце, нема стојалишта (нагоре станува и подлабока) и излезот од тоа е превисест, и како што спомнав малку натежнува во лево кон таа мазна плоча.
Иако реков ова е нај компактна должина сепак има и тука блокчиња кои мрдаат, па стресот е голем. Параноично на излезот од превисот ставив 3/4 чока, две гуртни како на запчиња закачени и еден френд. После излезот од превисот и од широката пукнатина, следи 10 метри експониран терен без многу можност за точки и да заврши во широка и мазна рампа, тука е полесен терен но сепак некако несигурно и сакаш да го минеш брзо овој дел. На крајот од рампата, се преминува малку во десно преку една убава и солидна пукнатина оцена мислам околу 5+, неколку прекрасни движења, па скок и повторно незгоден и мазен превис, оцена околу 5 преку кој се доаѓа до третото сидриште на полица, кое беше направено од чок, хекс и делумно од дрвото.

Излезот од пукнатината во третата должина, односно ронливиот дел кој след пред рампата.

Хекуран во третата должина, втората пократка пукантина после рампата.
          Четвртата должина почнува, над оваа полица има превисест рамен дел, личи како да има пукнатина во средината, но во која неможе ни клин да влезе директ нагоре, така се обидував и првиот пат и сега, но едностанво не можев да се кренам, уште помалку да ставам солидно обезбедување, ќор сокак. По тоа пробав неколку метри во лево, има убав терен нагоре, изгледа супер многу компактна карпа, но без видливи точки за клин, чок, френд. Треба доста психа да се мрднеш едно 4-5 метри во лево, па да се кренеш уште едно 3/4 метри над сидриштето, па можеби да следи нешто подобро :). Возможно е, и изгледа убаво, ама не се чуствував тој ден спремен за такво нешто, каде што еден пад ќе ме фрлеше накај Врело. Ќор сокак број два.

Во обид да најдам излез од левата страна.
          Па трета мајка, се вратив назад до сиддриштето, тргнав во десно траверсирајќи, каде успеав да закачам две куки, па да продолжам уште 2 метри во траверс, да забијам клин (единствениот оставен во насоката) и да добијам малку самодоверба за да продолжам уште неколку метри во траверсот десно, по што следи превис, но со две три здрави точки френд/чок и нагоре веќе да излезам од тој вертикален дел. И низ неколку скокови од огромни блокови со широки  пукнатини, 20тина метри погоре до последното и 4то сидриште.
Веќе на излезот од траверсот во четвртатат должина, се гледаат двете поставени куки и единствениот останат клин.

          Иако пукнатината е несомнено потешка од се друго, Хекуран рече дека како втор овој траверс било хорор да се оди, и верувам дека е така за вториот кој ќе следи, и се согласувам дека тука во следна прилика ќе биде добро да се остават повеќе клинови, зашто нема можност за друг вид на обезбедување.

          Последното сидриште е на голем камен/карпа, со две големи замки. Првата идеја ни беше да го искачиме целиот гребен кој прво над насоката е лесен и речиси рамен, а после следат некои големи скокови па и карпи од по 20тина метри за искачување, и да излеземе некаде кај селото Света петка, па преку Трло, Шишевски да се вратиме назад. Мислам дека е убаво ако се има време да се извиди тој дел, 'таму горе' се отворија многу нови карпи, кои не се забележуваат од езерото, па добро е да се разгледа. Сепак прегазени од времето се вративме со абзел.

На последното 4то сидриште.
          Од последното сидриште малку се спуштивме во лево на карпата, направивме абзел на едно големо дрво. Возможно е и на карпата од последното сидриште, но сметавме дека е подобро за јажето на овој начин. Следеше еден голем абзел до второто сидриште, на полицата, долг околу 50/55 метри. Од второто сидриште уште еден голем абзел околу 45 метри. и на Крај уште еден Абзел од 15тина метри до самииот чамец.

Насоката решивме да се вика "Лего", при опишувањето на теренот на повеќе наврати несвесно го употребивме тој термин, дека има различни фрагменти наредени како лего коцки една врз друга.
А локалитетот, доколу не постои некој топоним веќе, мислиме дека е интересно да се нарекува "Козарева Пирамида."

Грубо сметаме дека насоката со движењто лево / десно добива должина од околу 120 метри +/-. Следен пат ќе обрнеме повеќе внимание на овие детали.

          Теренот, ронлив, со земја, вегетација трева/грмушки и по некое дрво. Многу расклатени блокови, многу ѓубре од паднати карпи. Мислам дека може се тоа да се исчисти, и од земја, вегетација и од расклатени блокови. Насокава може да биде сосема безбедна. Си бара само еднодневна акција на буткање блокови и чистиње од вегетација.
Сепак многу убаво чуство за качување, со погледот надолу кој завршува веднаш во вода, во тишина, далеку од луѓе и бучавата ресторанот, и од вообичаените мајмунски крици кои се почесто ги слушаме од туристите кои се движат околу ресторанот на Матка под Отмаровата карпа.

Ќе бидам среќен некој да ја повтори, да каже како било, јас сум премногу субјективен, можеби грешам за нешто околу оцената или теренот. Но сигурно не грешам,кога велам дека е вредна за да се проба и нуди добар предизвик и забава. На истава карпа има од десната страна по убава линија, видлива пукнатина од долу до средина, за после да почне да преоѓа во лево, со голема пукнатина под еден превис, обоена е жолто, неможе да се утне. Ова ми е следна идеја, но сепак, не се лутам ако некој ja проба пред мене :).

Локалитет: Козрева Пирамида,
Први искачувачи: Хекуран Зекири и Александар Зарапчиев, 28.08.2018
Име на насока: Лего
Оцена: 4-/6+
Должина: 4 должини, 120 +/- метри
Потребна опрема: Сет френдови, сет чокови, 10 клинови, многу гуртни и карабинери.
Времетраење на првото искачување: 5 часа и 30 минути.

Скица од насоката:

Доколку некому е потрбна, ќе ја доставам во висока рез.