Monday, August 12, 2019

Обид за искачување на три супер класики на Доломитите, 2:1 за планината!

          Конечно собрав сила да напишам збор два за проектот кој го почнавме со Ангел Куртелов на почетокот на годинава. Си замисливме предизвик, кој ќе не натера да го кренеме нашето ниво на тренинг, но и на мечтите што сакаме да качиме и на каков начин сакаме да го направиме тоа.




Од горе надолу, јужната карпа на Мармолада, трите кули на
Лаваредо, и северната страна на Пиц Бадиле.
(превземени фотографии од интернет)

Решивме малку да го растегнеме и прошириме нашиот видик, и тргнавме со идеја да качиме три од шесте Алпски северни страни тесно врзани во едно патување, сериозни класики кои бараат напорен тренинг, знаење и искуство за да можат да се искачат. Во текот на подготовките поради немање време за висински тренинзи, едната северна страна ја заменивме со не помалку важната и не помалку тешката јужна страна на Мармолада преку насоката на Vinatzer/Messner, 800 метри висина, оцена 6+/7 и 28 должини.

Другите две насоки беа, големата кула на Лаваредо преку класиката, насоката на Комичи, 450 метри со оцена 7, и последно сeверната страна под врвот Пиц Бадиле, односно насоката на Касин, 800 метри со оцена 6.


Предизвикот што си го поставивме беше да пробаме да ги качиме во краток интервал, имавме на располагање 11 денови, во кои требаше да вклучиме пат до Швајцарија и назад, одмор, односно наместо одмор трансфер од место до место и само три обиди за качување, за споменатите насоки.
Тргнавме самоуверено, многу трениравме и бевме сигурни дека ќе качиме се што замисливме, но не секогаш мисли исто и планината наспроти нас.



       
За прва ја одбравме насоката под Мармолада, иако најкомплексна, таа ни тежеше на ум предолго и ни правеше притисок. Помисливме дека е најдобро да се соочиме со истата од прва, па што биде биде, без претходно загревање со некоја од останатите насоки.

Со црвена линија е означена насоката

После ден и половина пат, уште еден ден припрема и пристап по дождливо и студено време до домот Rifugio O Failer, третиот ден откако тргнавме од Македонија веднаш направивме обид во насоката Vinatzer/Messner, без да направиме извидница, да одмориме и воопшто да ја видиме карпата (поради дожд и облачно време насоката и карпата ја немавме видено).
Првиот дожд, првиот ден пристап кон Rifugio O Failer под Мармолада, минувајќи покрај првиот пл. дом и во позадина карпата подскриена зад облаци.

Утрото штом тргнавме наидовме на сериозен студ и силен ветар (после два дена дожд) за кој не бевме подготвени. Претешки ранци и проблем со обезбедување (дојдовме до точка без обезбедување, и без можност да поставиме наше) во една од должините во првиот дел каде што постојат два влеза во насоката, полесен и потежок (ние влеговме во потешкиот оргинален влез, пред нас две наврски со водич влегоа во полесниот на истата насока.. сега веќе претпоставуваме со која причина). Имавме двајцата по два обиди да го минеме тој дел качувајќи се и после симнувајќи се надолу без ниту една точка се до сидриштето, едноставно не можевме да го минеме без потребните точки за осигурување.
Овие причини не натераа да донесеме одлука да се повлечеме и абзелуваме од карпата прерано, со цел долу да се организираме како понатаму. Сеуште не адаптирани и изморени од патот, сериозно изладени и по малку изненадени од тоа што не снајде, решивме дека е касно повторно да влеземе во другата полесна варијанта од истата насока веќе во 11 предпладне истиот ден, се вративме во домот, па во кампот, и без време за одмор и соземање, тргнавме кон насоката број два.

Карпата прв пат, целосно ја видовме откако се повлековме од истата.

Истата вечер трансфер од Мармолада во Кортина по намирници, и утре дента во Мисурина за два дена подоцна да тргнеме на големата кула на Лаваредо. Ангел Куртелов  веќе бил тука, мислеше дека ја знае и ја помни насоката. Оваа насока беше со најголема оцена, иако речиси дупло пократка од другите две, и секако претставуваше сериозен залак за нас, особено што тој ден кога беше планиран нашиот обид број 2, за втората насока имаше најавен дожд околу 14 часот после пладне. За нас тоа претставуваше голем притисок, сепак во 04:00 утрото тргнавме кон кулите на Лаваредо.


Насоката почнува со лесен дел од 100 метри и оцена 4, за да прејде во оцена 7, и така да трае до некаде 8мата должина. Напредувавме поспоро него што очекувавме, со нетрпение го чекавме полесниот дел после 8мата должина, во кој стигнавме изморени, напумпани во рацете и пак не ни падна баш лесен остатокот, особено кај мене поради тоа што се ‘стресирав’ поради дождот кој го очекувавме. Со една грешка и губење во карпата во траверсот но и двете последни должини после траверсот, не успеавме да излеземе пред дождот кој не стигна и изврна на последната должина, и после кој моравме да абзелуваме во напрегледност и магла, со околу 7 јажиња абзел. Обид број два успешен, по стапките на големиот Комичи успеавме да се искачиме речиси до врвот на големата Чима Гранде на Лаваредо, тоа беше едно за мене едно сериозно искуство, прво нешто што ми текна штом слеговме, да им се јавам и честитам на Игор и Весна Талевски како први искачувачи на оваа насока од Македонија, како и на Зоран Мајсторски како втора наврска што ја водел оваа насока.

Абзлеите од големата кула на Лаваредо

Конечно насмевки за завршена работа на нашите лица

За жал немавме време да се препуштиме на уживање во успехот на искачената насока, следеше пат и преспивање во Cortina D’ Ampezzo, и утредента трансфер кон селото Бондо, Швајцарија, од каде што требаше да пристапиме кон Пиц Бадиле, со попатно преспивање во Болзано.
Утрото го искористивме за сушење на опремата после дождот на Лаваредо

За обидот три односно качувањето на Касин, и преостанатите неколку денови од нашето патување, ни требаа три денови, имавме на располагање два сончеви денови, третиот последен ден веќе во послепладневните часови имаше дожд.
Со оглед на нашиот наталожен замор, решивме дека ќе мора да пристапиме по дожд, за да имаме можност да го фатиме сончевиот период од 2 дена горе во домот, еден ден за одмор, адаптација (плус извидница кон насоката за да не ја повториме грешката од Vinatzer да влеземе во карпа која не сме ја виделе претходно), еден ден за качување на Пиц Бадиле со преспивање на врвот во бивак и еден последен ден за абзели и одстап. Иако звучи трврдоглаво, ова беше единствен начин да се фати прозорецот со добро време за обидот број три и насоката на Касин.
Еден ден после качувањето на Лаваредо, и еден ден пат до Швајцарија, мислевме дека ќе биде ‘walk in the park’ - прошетката по дождот низ прекрасната Швајцарска шума.
Стартот кон домот Capanna Sasc Furra

После ноќта во Болзано, и уште околу 6 часа возење до Бондо, Швајцарија, некаде околу 14 часот на пладне директ од кола тргнавме накај домот Capanna Sasc Fura под врвот Пиц Бадиле, по дожлдливо време и патека за пристап која трае 6 часа, натоварени со опрема за качување, бивак опрема и храна за три дена.


Дождот полека го зголемуваше интензитетот, за да прерасне во бура, која и не беше толку страшна покрај тоа што бевме целосно мокри, туку наидовме на реки и водопади кои требаше да ги минеме... и после две такви надојдени реки, едноставно не можевме да преминеме на другата страна во следните надојдени брзаци.
Мојот партнер Ангел, сакаше да се соблече и да се врзе со јаже, и онака како на филмовите да влезе во река, премине, направи мост, ги префлиме ранците и јас преку истото јаже преминам и продолжиме... оваа луда идеја можеби и ќе ја направевме и ќе успееше, но според она што го гледавме недалеку од истото место, не чекаа уште такви реки и водопади, а бевме на 3 часа од домот и пред стемнување, и можеби некоја од следните брзаци ќе не сопреше. Сфативме колку е сатот, и дека ова е најверојатно крајот на обидот број 3, и дека ако се вратиме тоа е тоа и дека нема време за повторно качување, и следи враќање дома во Македонија.
Иако не многу среќни, притиснати од студот и дождот, брзо донесовме таква одлука за повлекуваање од насоката Касин на северната страна на Пиц Бадиле, уште пред и да стигнеме до карпата.

Моментот пред повлекувањето на Пиц Бадиле

Ангел денес, три дена после ова повлекување, сеуште ги чувствува симптомите и болеста од неколкократното изложување на силен дожд и студ во минатите 7 дена, и поради тоа не жалиме за ова 'објективно' повлекување.
Што да речам, многу научивме од ова патување и дефинитивно сме побогати за искуство кое не може на друг начин да се спечали. Повеќето од работите што ги научивме се како не треба, од проектот три големи класики во Доломитите и Алпите се повлекуваме со резултат 2:1 за планината. Со оглед на условите, и за овој резултат сме среќни, секако малку тажни за испуштените прилики.
Ќе остане голема горчина и желба да се поправи резултатот, сепак планината останува таму за нови авантури. Иако знаеме дека објективните причини  и планината наспроти нас на мегданот е доволно да бидеме среќни и со овој резултат, сепак...

Голема благодарност до колегите во Македонската Алпинстичка федерација поради вербата во нашата идеја, подршката што ни ја дадоа, логистиката и одлуката да се покрие финансиски патувањето во Италија и Швајацарија.


Дел од траверсот со обезбедени ферати и скали кои минуваат низ карпестиот терен, а на кој паѓаа водпади од надојдените води.


Утринските гледки 

Првиот дел од карпата под Мармолада

Одстапот/траверсот од насоката Комичи на Лаваредо, 

Ќесете за храна на Ангел, покрај протеин баров и гелови, појачано со свежа пиперка!

Ангел во насоката Комичи


Поглед од насоката Комичи на Лаваредо

На стартот на Комичи на Лаваредо

Ангел во втората должина на Vinatzer/Messner 

Прекрасното мало село Бондо, Швајцарија, под врвот Пиц Бадиле

Повлекувањето (абзел) на Vinatzer/Messner

Насмевки на првата 6ка после интензивниот дел на насоката Комичи, Лаваредо

Wednesday, April 3, 2019

Нова првенствена насока во Демир Капија - "Вардар Директ" V/VI+


Жолтата линија е Вардар Директ, црвената е Доручек без ребро, сината Тријатели

          Требаше Вардар да се повлече, и да овозможи пристап по земја, за да конечно успеам да направам обид за првенствено качување во кањонот на Демир Капија.
Насоката која ја качувавме со партнерот Ангел Куртелов се наоѓа на 'другиот дел' ако карпата ја поделиме на два големи дела, со паркингот од тунелот во средина. Штом паркираме и тргаме кон Вардар, наместо вообичаено кон повеќето алпинистички насоки во десно, вртиме во лево кон еден огромен дел од карпата, кој досега има само неколку алпинистички насоки, на самиот почеток.

Таму веќе имав два обида, еднаш со Христо Ежовски и вториот пат со Маја Мухиќ, но едноставно не можевме да пристапиме. Пристапот кога е надојден Вардар подразбира траверс од две јажиња, околу 120 метри траверс со оцена 4+/-  и притоа поставување сопствено обезбедувaње. Најмногу стигнав 60 метри вториот пат со Маја.


          Сега силум природни прилики и неприлики, Вардар е повлечен и можеше да се пријде пеш, со исклучок на неколку метри каде што требаше да изгазиме вода. Овој трет обид го имавме со Ангел Куртелов. Знаев дека нема да има изговори сега штом стигнавме до карпата и дека ќе мора да се качи очигледната линија.

Во жлебот на првата должина, некаде на средина пред пукнатината.
          Почнува во изразен жлеб, од лево мазна плоча со црн мов а од десно столб или гребен. Жлебот од далеку личи на пукнатина која ја всушност ја нема, се до средината кога се појавува пукнатина која следи се до искачувањето на столбот каде е и првото сидриште од два клина и еден чок (имаме оставена црна солидно закована кајла).

Ангел, излегува од првата должина на полицата каде имавме сидриште

          Тежината е прифатлива, оцена до некоја комотна 5ка,  кон средината на 30тина метри следи превис, кој е голема превисеста пукнатина, под него заковавме клин и тој сеуште е таму. Пукнатината и превисот иако изгледаат грандиозно, се поминуваат сигурно и многу логично, дилферски се држи пукнатината во твое десно, а со нозете на триење во плочата. Тука следуваат многу убави солидни движења кои едноставно радуваат, веројатно најубавиот дел од насоката е тоа.

          Втората должина оди благо во десно и заобиколуваме плочест и целосно мазен дел од околу 25 метри до второто сидриште на дрво. Не многу тежок терен, но малку точки за обезбедување и бара голема концентрација.

Втората должина, која малку скршнува од директната линија кон дрвото.
Втората должина, која малку скршнува од директната линија кон дрвото.
          Третата должина како што почнува нагоре веднаш се забележува драстично потежок терен, кој полека се враќа во Лево, за да надвисне вертикално точно над првата должина.



Над нас превис, лево мазна плоча на која требаше да се префлиме без места за стоење и држење, само триење..

          После 5 точки од кои 2 клина заковани во превис (висеа надолу и не им верував :) ), наидовме на првиот тврд орев или загатка. На ова место карпата полека станува превис, и логично е да се оди кон нешто налик пукнатина, односно горе превисот како мало таванче и долу под пукнатината налегната сосема мазна плоча со црн мов и ништо за држење стоење. Оваа загатка ни одзеде повеќе од еден час време да ја решиме.
          После повеќе варијанти успеавме (висејќи на двата клинови забиени во превисот) и многу мирно залепени и налегнати  на мазната карпа со црн мов да траверсираме два метри во лево, да го избегнеме превисот но да заглавиме сред плоча. Сред плочата благодарение на тоа што поставивме една кука, успеавме да вратиме дел од самодовербата и да забиеме два клинови малку погоре, по што со неколку многу деликатни движења (јас си ги нарекувам како да одиш по јајца) се успева да се излезе од превисот и да се продолжи во другиот дел од жлебот, или пукнатината која всушност ја нема ниту горе.
Конечно после час, или час ипол борба излеговме над превисот и плочата која веројатно е најкомплексниот детал од насоката.
          Жлебот е повторно многу широк, нема место за главење тело, раце, прсти френдови или чокови, покрај нас имаме столб од десно, и мазна плоча од лево.
Ова качување до следното сидриште по ваков терен и со ист интензитет трае 60 метри, и ни требаа околу два ипол часа (за водењето) да го минеме. Во должината употребивме сет френдови, скоро цел сет чокови, сет хексови, две куки, и 8 или 9 клинови (кои ги оставивме во карпата).
Оваа должина не исцрпи тотално, особено мене, и на третото сидриште стигнав само со еден френд на појас и алатка за обезбедување.
По ова следуваше уште една – последната должина од 40 метри по гребенот кој надвиснуваше над нас од самот почеток во насоката.

Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.
Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.

Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.
           Тоа што е добро и лесно во насоката е ориентацијата односно каде треба да се движиш (во случај да сакаш да напредуваш само право, зашто имаше излези во десно, кои можеби беа полесни или потешки). Точки за обезбедување имаше, но сепак не многу, затоа и не се осмеливме на сидриште во таа трета должина и ги теравме оптимално 60те метри од јажето, инензитетот на третата должина направи да не исцрпи целосно, особен психички, не го очекувавме тоа. Можеби малку повеќе мислевме дека ќе има пукнатина во која ќе си ‘играме’ со големите френдови и хексови. 

Искуство подеднакво убаво и стресно, наша прва заедничка насока, дел од проект во кој ќе следат уште многу нови.


Со сеуште не средени 'стомаци' од качувањето, ова е нашето мислење за спецификацијата на насоката: 

Локалитет: Демир Капија,
Качувачи: Ангел Куртелов и Александар Зарапчиев 30.03.2019
Име: Вардар Диркет
Оцена: V/VI+
Должина: 4 должини, 180 метри +/- 
Потребна опрема: Сет френдови, сет чокови, хексови, барем 15 гуртни и карабинери. Време на прво искачување: Околу 6 часа. Поглед на линијата со исцртана скица:


Поглед кон картата од Вардар