Monday, November 11, 2013

Алпинистичка балканијада - Демир Капија 2013

          Пред неколку недели се одржа алпинистичка балканијада во Демир Капија во огранизација на алпинистичкиот клуб Плоча од Радовиш и спортско качувачкиот клуб Клисура од Демир Капија. Три денови, околу 60-тина качувачи, една третина од овие дојдени од Бугарија и многу качени насоки, ама сериозно многу. Малку каснам со пренесување на моите импресии од овој собир, но ЕХО- Денови на планискиот филм - фестивалот кој почна ден после овој собир си го зема својот данок.

          Отидов на овој собир сосема ослободен од притисокот да качам многу насоки или некоја посебна, туку едноставно да го одбележам  и се дружам со алпинистите дојдени од Бугарија, Србија, и по некој од Германија, Русија и се разбира повеќемината од Македонија. Супер атмосфера, преку цел ден качување, приквечерни дружби во Демиркаписките меани, и вечерни забави покрај оган со вино од околните винарии, така одприлика поминаа тие три денови.

влезот во кањонот
          Иако веќе некое време на Демир Капија се качува многу од одредени поединци, кои речиси секое одење прават по некоја првенствена насока, најчесто организирани од Зоран Мајсторски од АК Плоча, овој пат, на овој собир имаше качување на насоки кои не се качуваат никогаш, или многу ретко, како што кажа некој од присутните, прв пат видовме качувачи на 'десната страна' карпата, и тоа 5-6 наврски истовремено во делот на карпата во кој најчесто нема никој. Да не се разбереме погрешно, ниту сакам да кажем дека некој не  качува, или некој друг качува многу, реалноста е таква, некои насоки ужуваат поголема популарност од други и се качувани почесто. Тоа беше убав празник за очите да видиш толку качувачи на карпа, толку разновидни насоки качени, по стилот на качување или по тежината на насоката.

          Инспириран од позитивната енергија при изборот на насоки за качување 'утредента' што беше присутна кај сите качувачи на собирот, сите збореа што ќе се качува.., сепак решив да пробам нешто ново за мене. Ја немав качувано насоката Бранчева, една Демиркаписка класика, посветена на загинатите алпинисти под Солунска Глава. Но таа беше веќе зафатена кога дојдов под неа. Следна интересна насока која ја мислев некое време беше Славкова, исто така посветена на еден стар алпинист. Покрај предизвикот да качувам нешто ново, да качувам насока која е и малку потешка од останатите, во описот исто така означена слаба со осигурување и се качува традиционално, особено беше за мене инспиритивно да ги качам овие неколку насоки кои се посветени на четворицата алпинисти кои имаа загинато во лавина кај Бабина дупка, близу врвот Солунска глава но и некои други стари алпинисти од Македонија. Па така после Бранчева се упатив кон Славкова, која беше слободна за качување. Насоката следи еден долг жлеб, десно од темната речиси црна плоча која е пак лево од повеќе познатата насока Гавранот која исто така следи жлеб. Тој жлеб го  поделив во две должини со едно импровизирано сидриште некаде на 50-тина метри. Наидов на само два клинови, но доста опции за поставување сопствено осигурување. После тој жлеб направив второ сидриште, исто така импровизирано, по кое следи една многу деликатна барем за мене кратка должина од околу 15-20 метри, во која има само еден клин после првите два метри, и после тоа нема ништо се до крајот, но и нема опции за поставување осигурување. Не е премногу тешка, но психички за мене беше особено напната. Си помислував колкав пад би било тоа, ако сум 15 метри над сидриште, плус едно 15 под него, плус малку истегнување, плус 'импровизирано сидриште'... тоа секако се мисли кои не треба да ги имаш :), за среќа се соземав и успеав да стигнам до следното сидриште, под првиот превис на Славкова, исто така импровизирано но комбинирано со еден закован клин.

третата кратка но трилер должина без клинови од насоката Славкова
фото: Зоран Мајсторски
          Велам првиот превис, зашто имало и втор, овој вториов повеќе како таван него превис, нешто што не го знаев. Повторно влегов 'бос у трње' нешто што често знам да го направам, да качувам насока без доволно информации за истата. За жал или среќа во разговорите со други луѓе кога ми претставуваат насоки ги ловам зборовите како убава, фанстастична, мора да одиш таму, супер должина... а ме одминуваат зборови како ронлива, нема клинови, ТАВАН, ..е тежок, итн..

во првиот превис на Славкова
фото: Зоран Мајсторски
          Да дефинитивно слушнав дека има таван но кој се заобиколува, а тоа да ти бил големиот таван кој се заобиколува, но сепак следел уште еден како десерт после првиот прилично голем превис :). Како и да е, не се жалам, напротив, супер беше и успеав да ја качам, успеавме да ја качиме заедно со Елена како втора зад мене. Беше доста јако искуство, признавам не бев спремен за неа и ме истроши многу, поради тоа што очекував 'лабава' насока.

Елена над првиот превис од Салкова
фото: Зоран Мајсторски

поставен чок во третата должина од Зорева
          Третиот ден на собирот а мојот втор качувачки ден го почнав знаејќи веднаш што ќе качувам. Тоа беше насоката Зорева, која почнуваше десно од Славкова и во текот на линијата, некаде кај второто сидриште се вкрстуваа двете, и наместо да оди кон превисите и таванот на Славкова, заобиколува во лево, и излага низ една идеална долга пукнатина, после продолжувајќи низ жлеб се до крајот. Преубава насока! Ова беше едно од моите најдобри искуства, една од најубавите линии кои сум ги качувал било кога било каде. Повторно ги надмина моите очекувања за тежината на насоката, беше уште посиромашна со клинови од Слакова, тс имаше се на се 2-3 клина во целата насока.

втората должина од Зорева, се гледаат десно горе таваните на Славкова кои надвиснуваат
Но со многу повеќе солидни точки за поставување обезбедување, сума сумарум солидна линија во континуитет тешка, бара постојано висока концентрација не толку поради качувањето, туку поради поставувањето точки за обезбедување и големото растојание на истите. Имав качувано и претходно долги насоки чисто односно традиционално, но тоа беа насоки кои ги знаев убаво, ова беше сосема нов момент. Бев пресреќен во секое движење на карпата, секој поставен чок или френд беше добродојден на карпата. Прв пат завршив должина со цел сет чокови и сите френдови потрошени  односно вметани во карпата. Насоката ја завршив во четири должини, од кои првата, втората и четвртата беа од околу 40-50 метри долги, третата пократка околу 30 метри. Не би знаел која беше најубава, или која беше најтешка. Мислам дека последната ме измачи најмногу психички, бев највисоко, и имаше преубава гледка наоколу но тоа ми правеше и дополнителна тензија поради експонираност на карпата, особено што точките на осигурување во тој дел беа доста далеку една од друга. Прекрасен викенд, преубави две качени насоки, и многу дружење на собирот.


во третата должина од Славкова
фото: Зоран Мајсторски

третото сидриште на Славкова, под првиот превис
фото: Зоран Мајсторски

излезот над првиот превис од насоката Славкова
фото: Зоран Мајсторски

          Некои со сликите се со мал квалитет поради далечината од каде што се направени.

Sunday, November 10, 2013

4 Клина - традиционално

   
          Секој пат кога ќе имам убав ден на качување сакам тоа да го споделам. Велат убавите работи се за споделување :). Но овој пат измешани емоции од едноставно искачување на една од најкачуваните насоки на Матка. Една од моите омилени, доволно ми е позната за да немам проблеми во неа, качувањето да е предвидливо и да ми овозможува комфорт на различни движења, но секогаш предизвикувачка за никогаш да не здодее истата. 4 Клина насоката го носи своето име поради тоа што нејзините први качувачи ја качиле насоката носејќи само 4 клинови ( :) така јас сум слушнал). За оние кои не качуваат или не ја качиле истата - тоа е многу малку опрема, особено во нејзината втора должина!

          Ми се допаѓа пристапот кон качувањето во кој си ги поставуваме целите кои сакаме да ги постигнеме, слично како кај Меснеровата 'Пасија за граници'. Преку ова тој се обидува да ни каже дека секој може да си постави свои искрени и вистински граници на подвигот кој сака да го направи, планината, врвот кој сака да го качи. Така и јас верувам дека е правилно и чесно. Верувам дека мојот 'Еверест' може да биде симнат на 5000 метри, доколку е тоа мојот максимум кој можам да го направам, се разбира тука збориме за подвиг направен според некои етички правила. Така често, за да си ја направам 'играта' поинтересна, нешто што никогаш не е тешко, можам наместо една насока да качам 5 во еден ден. Да се обидам да ја качам многу побрзо од вообичаено, да користам помалку опрема, да ја качам ноќно, да ја качам во зимски услови.. да ја качувам со користење на свои алатки - традиционално, наместо да ги користам веќе поставените.. итн итн до бескрај. Идејата на оваа споредба ми е да си го претставам денешното искуство, од каде мотивот, и како тоа од едно навидум обично неделно искачувње мене ми предизвика задоволство поголемо од сите претходни искачувањата на оваа конкретна насока. Но, и воедно да ги охрабрам сите оние кои размислуваат слично, дека не мора да одиме до далечните Хималаи или Анди за да доживееме некое посебно искуство, во недостиг од време или финансии, можеме да ги усложниме нашите вообичаени активности, неделни искачувања на Матка, Демир Капија или Прилеп, или пак омилените планински врвови, и искуството да биде многу посилно од вообичаеното.

          Така денес со мојот пријател Виктор Хаџи Василев, решивме да ја качуваме насоката 4 Клина во чист стил, традиционално. Ништо спектакуларно. Едно обично искачување, но за нас многу повузбудливо од вообичаено, да не претерам, но чиниш качуваш нова насока. Размислуваш, се потиш барајќи точки за поставување опрема, пак размислуваш дали тие точки поставени зад тебе се доволно добри да издржи пад, и се потиш малку повеќе. Ок, малку драматизирам но мене ми се чинеше слично така :).

Виктор си заглавува чокчиња во пукната која ја следи целата втора должина на насоката
          Качувавме малку подолго од вообиачено, но уживавме многу повеќе. Дефинитивно ќе го направам тоа пак.
          Иако беше за мене односно за нас ново искуство на таа насока поради излеговме среќни и задоволни од истата, имаше еден момент кај мене кој ми предизвика измешани емоции како што напоменав во почетокот на овој текст. Низ целото качување односно при водењето на моите делови односно должини, цело време помислував на солирањето на оваа насока од Игор Талевски. Не дека и друг пат не сум помислил токму таму на ова, но овој пат беше различно, имав навистина моменти каде немав каде да поставам точка, тоа предизвикуваше блокада во моето движење напред, немав клинови, користев само чокови и френдови, и првата должина која вообичаено не ми е воопшто тешка, сега не ми се чинеше таква - тешка! Како ли се поминува ова без никаква опрема?! Како ли се поминува втората должина без никаква опрема!?!?
         Ќе изјавам пак дека ова не беше најсилното искачување на Матка, туку едно мое посебно искачување. Веројатно солирањето на Игор не е исто како она Алекс Хонолд. Но тоа се наши лични достигнувања во моментот, нешта кои не прават пред се среќни, или моментални граници на нашите можности, или она што сме одбрале да го правиме односно да одиме далеку до каде што сме одлучиле.

          Така да измешаните емоции овој пат ме тераат да прејдам од моето ново убаво лично искуство на 4 клина, кон посилно признание за она што го направи Игор пред неколку години. Така да,  Игор you rock! :)


Виктор во почетокот на втората должина на 4 Клина


Thursday, August 29, 2013

Шапка - горна Лешница - долна Лешница - Шапка (со точак)

   

          Онаа старата 'од арно да не куртулиш' ептен сериозно си ја земавме, и за две недели назад на Лешница после нашата прва преубава прошетка месецов на истот место. Овој пат да не биде сосема исто, решив да одам со точак заедно со Елена, Мето и Маја.  Турата со Лешница ја возевме во недела а саботата се загреавме на патекта 'Вргањ' која почнува над населбата Попова Шапка и вози низ густа шума и убава патека до стариот дом Јелак и назад до населбата. Преубава патека!

          Малку за патот, се трга од над населбата Попова Шапка по патот за стариот дом Јелак односно патот што води до долна Лешница. Кај првото бачило (ПрвоМајско бачило) се трга лево нагоре по маркирана планинарска патека која води до едно седло ( до каде има буткање точак) и после тоа се вози лабаво на една рамнина со многу благ успон се до спустот пред горна Лешница. Спустот е малку повеќе захтевен, многу стрмен, нејасна патека и многу камања и прашина на патот, од страна стрмен амбис, но после него следи преубава долина која опколена со карпите на Лешница и право низ густата борова шума до долна Лешница, како за десерт, 15 км угорнина и назад до Шапка, да не рече некој малку му било :). Турата е од околу 30 километри, но не е возлива цело време, и во голем дел е качување нагоре низ бразди или стрмна треба која беше многу чудна и тешка за возење. Уживањето доаѓа од чуството дека сте биле на прекрасно одалечено место и тоа со вашиот точак.


патот што води кон стариот дом Јелак односно долна Лешница

веќе кога се идигнавме на седлото после 20 минутни буткање беше сосема во ред да се вози







мали поточиња праеа потреба да се крене за миг точакот






благ почеток кај спустот пред горна Лешница






По благиот почеток, спустот станува технички по захтевен, дефинитивно возлив до крај за поискусни и силни точкари.








пред влезот во шумата на горна Лешница

каприте на Лешница

панорамите на крајот од денот






Трофејот од оваа тура за мене беше скршена курбла но на самиот крај, на само 1 минута пред куќата, без пад после толку извозени километри.



Saturday, August 10, 2013

Извори на Бабуна, водопади на Лешница и средба со титаните

       
          Од каде да почнам. Неработен ден - празникот Бајрам плус слободен викенд, во Скопје пеколно топло, Охрид преполн а и го издегустиравме периодов доволно, на море било демоде да се оди ( АЛОО СЕ ЗЕЗАМ ), и се прашувавме каде да се разладиме и тргнеме од градов. Планина звучи добро, но не на начин на кој обично ја конзумираме, брзо и напорно. Овој пат решив да и пријдам по лабаво, да научам некоја од нејзините тајни, да си шепнеме по нешто.

          Меѓу другото мотивиран и од фотогалеријата што ја видов на karas4training со некоја си тура на фантастични водопади на Лешница, решив и јас да го видам тоа чудо таму на тоа ШарПланина која инаку не престанува да не изненадува. Но, пред да се упатам таму, решив да се загреам малку и да ги посетам изворите на река Бабуна, под Солунска Глава преку село Нежилово.

погледот кон врвот Солунска глава некаде од средина на патеката
     
           За Солунска глава 'нема' што да се збори, убавица на Македонските планински врвови. Огромна карпа што се издига над можеби најгустата букова шума, преполна со извори и водопади, место под кое извира и реката Бабуна. Сум слушнал убави зборови за овој извор, но иако често ја посетувам околината на Нежилово и Папрадиште, домот Чеплес и се разбира Солунска глава, никој пат досега не најдов време и причина да го видам овој извор, се досега. И моите импресии се: Преубава и лесна патека која води од село Нежилово до планинарскиот дом Чеплес, во главно се оди во сенка, после час и половина до два има знак кој го покажува патот кон изворот, во многу густа шума по интересна патека со одлична маркација и уште половина час пешачење, секој може да се снајде. Маркацијата води до самиот извор, но тоа што е најинтересно според мене е педесетина метри под тој извор, еден преубав водопад со голем казан или вир или базен, зависи од кој регион сте и како го викаат тој природен створ. За да биде задоволството подобро, цело време ви надвиснува над глава централната карпа под врвот Солунска глава, најубаво е да си нурнете малку и да се освежите во таа студена изворска вода и да си го одморите погледот од тие убавини на сите страни околу вас.



патеката беше речици цело време низ сенка во густа шума, многу пријатна за шетање





поглед кон карпата од изворите на Бабуна

Нежилови Стени

првиот малку поголем водопад низ течението на Бабуна



разладување во Бабуна што може да трае само 3 секунди, барем од моето искуство
     
          Дојде викендот и се припремивме за Попова Шапка односно турата до Лешница. Одбравме да отидеме уште во петок, да избегаме од Скопското топло, спиевме некаде над населбата Попова Шапка во шатор, под безброј ѕвезди и многу пријатно време, човек да се израдува од потребата за облекување на потопола облека и да ја закопча вреќата за спиење до горе.

          Почетокот на оваа тура Попова Шапка-Горна Лешница-Долна Лешница води преку патот над населбата Попова Шапка, широк земјен пат по кој можат да возат коли. Се вози по истиот се до првото бачило, каде се одвојувате лево нагоре по добро маркирана патека. Отаму се оди нагоре и се стига до Горна лешница односно личи како да сте одприлика во подножјето на Титов Врв, Бакардан... Преубава гледка исполнета со високи маркантни врвови на сите страни, извори со мали водопади, кулоари сеуште полни со снег, и карпите на Горна Лешница. Патот е доста пријатен и благо се крева нагоре, за во еден момент да почне да се спушта до бачилото во подножјето на наведените врвови после кое се влегува во густа шума од елки, и се стига до долна Лешница. Во долна Лешница се проаѓа реката и се трга кон другата помала река што тече низ рамнината, се оди покрај неа низ добро маркирана патека која ве води до водопадите и патеката трае околу триесет минути. Овој опис не е официјален на оваа маршута туку мое лично и кратко видување на патот кој го поминав.

почетокот на патеката 



почетокот на патеката со гледка кон врвот Кобилица во позадина

првите знаци со карпите на Горна Лешница



Титов Врв во позадина

'мало' водопадче под Титов Врв



вака изгледа речиси целиот предел околу Горна Лешница



и влезот во густата шума





шумски јаготки

         Постои теорија на заговор, овие мали црвени нешта се задолжени да ви го одземаат вниманието, ги има насекаде, вкусни се и намерата им е да не престанете да ги берете и јадете и никогаш да не ја напуштите планината.

првиот впечаток е овој преубав мал водопад со базен, но не е тој причината за ова доаѓање

малку погоре од првиот водопад


уште малку повеќе погоре од првиот и конечно водпадот и базенот поради кој дојдовме
           Идеално издлабен базен, како да го делкале најдобрите мајстори и скулптори за камен, но овој издлабен низ годините само од моќта на студената изворска вода.

разладување што трае 5 секунди :)

задолжително смешкање и нескромно правење важен после еден ваков храбар акт на пливање во толку студена вода

оваа гледка ја има на сите страни гледајќи од Лешница
           И додека цело време се обидував да си ја доловам оваа убавина споредувајќи ја со некои од најбувате места на светот, да направам споредба и да речам дека Лешница личи баш Алпски, или дека потсеќа на преубавите Италијански планини - Доломитите,  заборавав дека не може ова да се спореди, и дека единствениот синоним за објаснување треба да биде дека Лешница личи Шарски.





          И повторно Шарпланинските овчари ја потврдија својата гостопримливост и не поканија на малку свежо печен леб под сач, свежо кисело млеко и кафе. Си направивме краток муабет, се најадовме вкусно и се разделивме.

Шарпланинецот "Куси" поради неговиот краток опаш.

фурната на овчарите

свежо овчарско кисело млеко и печен леб :)
          Да не останам должен, и да не спомнам од каде ми дојде 'средба со Титаните'. Двете планини кои ги посетив ми се едни од омилените, и не престануваат да ме изненадуваат секој нареден пат ме со нивната големина и импозантност, со нивната разноликост и природна убавина, да ме потсетат колку се тие силни и моќни, и со каква магија располагаат.

Во име на претходно кажаното, целата прошетка беше со сончево време и по некое мало облаче, но во само еден миг, се затвори небото и истури дожд и град и  остави зад себе буквално снежни наноси, изгледаше како да доаѓа сезоната на скијање :)