Sunday, November 10, 2013

4 Клина - традиционално

   
          Секој пат кога ќе имам убав ден на качување сакам тоа да го споделам. Велат убавите работи се за споделување :). Но овој пат измешани емоции од едноставно искачување на една од најкачуваните насоки на Матка. Една од моите омилени, доволно ми е позната за да немам проблеми во неа, качувањето да е предвидливо и да ми овозможува комфорт на различни движења, но секогаш предизвикувачка за никогаш да не здодее истата. 4 Клина насоката го носи своето име поради тоа што нејзините први качувачи ја качиле насоката носејќи само 4 клинови ( :) така јас сум слушнал). За оние кои не качуваат или не ја качиле истата - тоа е многу малку опрема, особено во нејзината втора должина!

          Ми се допаѓа пристапот кон качувањето во кој си ги поставуваме целите кои сакаме да ги постигнеме, слично како кај Меснеровата 'Пасија за граници'. Преку ова тој се обидува да ни каже дека секој може да си постави свои искрени и вистински граници на подвигот кој сака да го направи, планината, врвот кој сака да го качи. Така и јас верувам дека е правилно и чесно. Верувам дека мојот 'Еверест' може да биде симнат на 5000 метри, доколку е тоа мојот максимум кој можам да го направам, се разбира тука збориме за подвиг направен според некои етички правила. Така често, за да си ја направам 'играта' поинтересна, нешто што никогаш не е тешко, можам наместо една насока да качам 5 во еден ден. Да се обидам да ја качам многу побрзо од вообичаено, да користам помалку опрема, да ја качам ноќно, да ја качам во зимски услови.. да ја качувам со користење на свои алатки - традиционално, наместо да ги користам веќе поставените.. итн итн до бескрај. Идејата на оваа споредба ми е да си го претставам денешното искуство, од каде мотивот, и како тоа од едно навидум обично неделно искачувње мене ми предизвика задоволство поголемо од сите претходни искачувањата на оваа конкретна насока. Но, и воедно да ги охрабрам сите оние кои размислуваат слично, дека не мора да одиме до далечните Хималаи или Анди за да доживееме некое посебно искуство, во недостиг од време или финансии, можеме да ги усложниме нашите вообичаени активности, неделни искачувања на Матка, Демир Капија или Прилеп, или пак омилените планински врвови, и искуството да биде многу посилно од вообичаеното.

          Така денес со мојот пријател Виктор Хаџи Василев, решивме да ја качуваме насоката 4 Клина во чист стил, традиционално. Ништо спектакуларно. Едно обично искачување, но за нас многу повузбудливо од вообичаено, да не претерам, но чиниш качуваш нова насока. Размислуваш, се потиш барајќи точки за поставување опрема, пак размислуваш дали тие точки поставени зад тебе се доволно добри да издржи пад, и се потиш малку повеќе. Ок, малку драматизирам но мене ми се чинеше слично така :).

Виктор си заглавува чокчиња во пукната која ја следи целата втора должина на насоката
          Качувавме малку подолго од вообиачено, но уживавме многу повеќе. Дефинитивно ќе го направам тоа пак.
          Иако беше за мене односно за нас ново искуство на таа насока поради излеговме среќни и задоволни од истата, имаше еден момент кај мене кој ми предизвика измешани емоции како што напоменав во почетокот на овој текст. Низ целото качување односно при водењето на моите делови односно должини, цело време помислував на солирањето на оваа насока од Игор Талевски. Не дека и друг пат не сум помислил токму таму на ова, но овој пат беше различно, имав навистина моменти каде немав каде да поставам точка, тоа предизвикуваше блокада во моето движење напред, немав клинови, користев само чокови и френдови, и првата должина која вообичаено не ми е воопшто тешка, сега не ми се чинеше таква - тешка! Како ли се поминува ова без никаква опрема?! Како ли се поминува втората должина без никаква опрема!?!?
         Ќе изјавам пак дека ова не беше најсилното искачување на Матка, туку едно мое посебно искачување. Веројатно солирањето на Игор не е исто како она Алекс Хонолд. Но тоа се наши лични достигнувања во моментот, нешта кои не прават пред се среќни, или моментални граници на нашите можности, или она што сме одбрале да го правиме односно да одиме далеку до каде што сме одлучиле.

          Така да измешаните емоции овој пат ме тераат да прејдам од моето ново убаво лично искуство на 4 клина, кон посилно признание за она што го направи Игор пред неколку години. Така да,  Игор you rock! :)


Виктор во почетокот на втората должина на 4 Клина


No comments:

Post a Comment