Wednesday, January 30, 2013

Зимски на Отмар

       
            Не сакам да звучи преамбициозно насловот, но реалноста е дека е зима, бевме на качување на Отмар, а имаше и по малку снег и мраз :). Преубавиот сончев ден но и желбата да практикуваме качување карпа на студено време и во не толку пријатни околности е причината зашто се наканивме да ја посетиме Матка после подолго време заедно со Виктор Хаџи Василев. Освен топлите зимски сончеви денови, ретко одиме таму во зима, едноставно не е пријатно качување карпа на студ. А и слободното време зимски повеќе гравитира кон Скијање, качување мраз за некого, или едноставно искачување планини во зимски услови.
            Поради тоа што мојата пасија - качувањето не сакам да ја идентификувам со тренинг, едноставно го правам тоа зашто ми е убаво и го сакам истото, и да, се разбира дека  во самото качување јас добивам и тренинг, но сепак не тренирам за да качувам, качувам зашто сакам да качувам, така и би ми било тешко да речам дека отидов да тренирам качување карпа во студени услови, Но морам да признаам, како што напоменав погоре, и покрај убавиот сончев ден, беше предизвик да поминам некој час на карпа, со малку снег, мраз и без патики за качување, туку со погруби чизми. Знам дека тој начин на качување е едноставно  неминовен во спектарот на искуства и искачувања кои треба еден алпинист да ги поседува. 
           Имав искуства досега со студ на карпа, едно од нив и на самиот врв на такви искачувања е на насоката Тани заедно со Весна Талевска пред неколку години, каде буквално ми се повраќање од секој допир на карпата со рацете, кои цело време болеа од студ, а осетот што допирам на карпата, воопшто не постоеше. *(Морам да ги повторам моите импресии и честитки до Весна која беспрекорно и слободно тогаш го помина вториот дел од таа насока, вклучувајки го и превисот на Тани, кој воопшто не е наивен и во убави временски услови, а во случајов со температура ниско под нулата, јас и како втор не успеав да го поминам слободно тој дел). Сепак секогаш е убаво да се повтори таа лекција и да се навратам на основите.
          Во секој случај, еве по некоја фотографија од качувањето, преубав сончев ден. Дефинитивно може да се направи повеќе, зашто иако беше доста студено, додека сме на сонце може да се поминат и некои од потешките насоки, се разбира дека е доста потешко од вообичаено и поради чизмите кои ги носиме наместо елегантните и прецизни патики за качување. Карпата некаде околу 10:30 до 14:30 е целосно изложена на сонце, така да тоа е идеaлниот период за качување таму. Моја препорака е многу да се внимава на одрони на карпа, зашто ги има многу. А во текот на целиото качување имаше и мразеви кои паѓаа, за среќа мали и во главно безопасни.


0
Виктор одвеслува до другата страна под насоките..

Имаше снег на речиси сите полици, и по малку вода и заледени делови.

Во втората должина на Отмар - најстудениот дел од насоката зашто е  цело време во сенка, со подледени  делови.

Виктор во излез од превисот на Отмар

Кај 'кутијата' снег, сонце и топол чај.

"На кутија"

Мислам дека никогаш не сум ставил толку точки на осигурување  во овој дел на  Отмар, но можеби студот и  качувањето со чизми не правеше малук повеќе претпазливи.


Кањонот беше во различно руво од тоа на кое сме навикнати да го гледаме.

Веројатно најопасен за поминување беше одстапот со оглед на снегот на полиците и мразот кој беше присутен секаде, не ни помисливме да го поминеме тој дел без јаже.

No comments:

Post a Comment