Friday, May 30, 2025

Зимско искачување на Нежилови, Солунска Глава: Децениска желба и неочекувани услови 09.02.2025

 Зимско искачување на Нежилови: Децениска желба и неочекувани услови


Блогот го пишувам речиси 4 месеци после ова искачување, да остане запис, иако веќе импресиите се одамна надминати. Уште тогаш решив да напишам блог, за да послужи со по некоја информација за тие што ќе одат следни да качуваат на нежиловите карпи зимски.

Многу долго ми беше желба да качувам тука зимски. Многу долго чекав поради разни околности, но можеби најмногу поради тоа што буквално со секој што имав разговарано за овој локалитет, почнувајќи од алпинистите кои беа актуелни во качувањето во моментот, тие пред нив, па сѐ до оние најстарите - најсилната генерација алпинисти од 80тите, сите ми велеа дека нема добри услови. Јужна карпа, топло, ронливо... многу тешко да се постигнат добри услови итн. И кога се расте со такви приказни, не е ни чудо да се одбегнува средбата со овој предизвик. Иако 2024та немав многу качувања, некако во зимата 24/25 влегов со многу ентузијазам и желба за зимско качување. Оваа сезона 24/25 ми е најслабата ски сезона откако практикувам турно, едноставно се фокусирав на планина, снег и следење на временски услови. Зимата беше добра, имаше многу снег и студ, и после подолг период без нови снегови но со ниски температури почнав да размислувам на некои проекти меѓу кои и Нежилови. Неколку недели пред нашето искачување, видов фотографија од обидот за зимско искачување на Зоки, Благој, Горан и Меленка, на која карпата на Нежилови беше целосно покриена со снег. Таа слика ме опседна и оттогаш почнав да размислувам за организација, но ми недостигаше партнер.

Со Ангел Куртелов, се немавме видено ми се чини речиси половина година, а немавме качувано веројатно уште од 2023та. Случајно се сретнавме на 3ти февруари, понеделник, и излеговме да се видиме. После некое време, завршивме со муабет за тоа кај сме и што правиме периодов, му се пожалив дека немам со кого да одам на зимско, иако мислам дека условите се идеални периодов за во планина, на Лешница, на Солунска... Не очекував ништо од него, зашто знам дека е одмерен човек на кој му треба вовед во работите, не е импулсивен во носењето одлуки за качување за “сега и одма”, само си ја олеснував душата и се пожалив. Сепак на ова тој ми одговори: "Да одиме во четврток?" И веднаш од лабава средба со пиво, разговорот прејде во организација и правење план. Long story short, четврток стана петок, петок сабота... за на крај качувањето да биде во недела наутро.

Тука помеѓу сево ова има уште една интересна случка. Имам една стара слика од Нежилови потполно под снег, ми ја даде еден пријател пилот, и тоа е единствената аеро слика што сум ја видел од карпата во зимски услови. Му ја покажав за да ја види, и му светнаа и нему очите... на шега рече: "А да му се јавиш на пријателов да летне да ни направи нова слика?" Се разбира, такво нешто не е едноставно и само се шегувавме. Направивме план да одиме за неколку денови да собереме опрема и тоа беше тоа.

Утре дента после оваа средба се разбудив, и после некое време почнав да разгледувам Инстаграм. Видов снимка од еден друг мој познаник пилот, како лета над Јакупица и го снима врвот Солунска Глава. Значи буквално втор пат во животот видов аеро слика/видео, токму неполни 12 часа после разговорот со Ангел во кој тој ми бара да побарам нова снимка да ги видиме актуелните услови... Пилотот Иван ми сподели неколку видеа и фотографии од кои добив многу јасна слика за моменталните услови, и ова само уште повеќе ја подгреа нашата намера. Просто не ми се веруваше дека ова може да е случајност и дека се случува баш сега случајно... неверојатно.

Припремивме опрема, тргнавме кон Нежилово и стигнавме во една ловечка куќа околу 22 часот во сабота. Ги спремивме ранците и поделивме опрема, станавме мислам во 3 часот во недела после едно дупло еспресо и тргнавме. Времето се чинеше многу топло, иако температурата беше ниска... беше многу тивко вечер. Ја видовме карпата пред тргнување осветлена од месечината и не стресе малку...

Тргнавме со јасна мотивираност и решителност, но имаше нешто во воздухот, некоја возбуда како да ќе се сретнеме со некој демон, со некој лош мит... јас лично се чувствував малку вознемирено, размислував на теми за кои не треба да размислував пред качување. Првите час и половина молчевме и само се движевме, прилично брзо а се чувствуваме спори... тоа беше првиот разговор, Ангел рече: "Некако нозеве ги осеќам тешки", а јас му одговорив: "Да, и јас се чувствувам спор малку". Не бевме спори, но така се чувствувавме. На крајот од пристапот излезе дека го поминавме побрзо и од денови кога е лето и се движиме со помалку опрема и светлина. Помогна снегот кој беше убаво стегнат, и сите вообичаени скокови и дупки во погорниот дел од пристапот преку коритото над изворите на Бабуна беа покриени, па наместо скокови низ карпи, ние се движевме по стари стегнати лавини кои ни овозможија брз пристап до почетокот.

Веќе во 5:30 ние се движевме по она што за нас претставуваше веќе качување на насоката тој ден, еден замрзнат снежен јазик, кој од прилика почна некаде под регуларните почетоци на насоките ЦСК, Воскресение и некои други насоки... немаше голем нагиб, но си траеше и беше целосно замрзнат снег кој побаруваше движење со двата цепини.

Околу насоката. Сакавме да ја качуваме насоката Воскресение или ЦСК бидејќи видовме на видеото од Пилотот дека има непрекината снежна линија во поголемиот дел од карпата. Сепак, штом се појавија веќе првите зраци и малку светлина, на почетокот од насоката Воскресение некаде во 06:00 забележавме дека за минатите 5 денови состојбата е значително сменета. Снегот го немаше, и тоа ќе значеше движење по налегната лесна карпа неколку стотина метри сѐ до првиот потежок дел од Воскресение и ЦСК, кој денес вообичаено го користиме како официјален старт на насоката кога качуваме во летни услови. Ангел ми се обрати со тон во кој ќе ми најави нешто и ќе го каже она неговото стандардно, прагматично нешто околу тоа каде да продолжиме, и уште пред да каже веќе ми беше јасно и мене што е тоа, и немав проблем со одлуката. Инаку, до овој момент одевме со цел накај тие насоки, но сепак како што се појавуваше светлината, забележувавме идеална снежна линија по целиот тек накај насоката Абзел линија. Буквално изгледаше непрекинато сѐ до горниот дел, иако се забележуваа и некои големи стреи на тој дел. Направивме краток разговор, дека иако имавме желба за посериозните насоки Воскресение и ЦСК на главната карпа, условите таму ќе беа помалку уживање отколку да свртиме лево кон Абзел линијата, со оглед на тоа што бевме прв пат таму, се разбира дека ќе се задоволевме со било што доколку ни пружи добро качување и услови, и лесно донесовме одлука да тргнеме накај новата насока и цел. Иако оцената на овие насоки не е многу тешка, во ваков алпски терен, алпинистичка оцена V има сосема поинаква импресија, со малку или речиси воопшто снег и карпа, таков микс (dry tooling) терен е прилично сериозна работа.





Тука утрото веќе јасно наѕираше, беше околу 6:26 и ние веќе бевме висински над стартот од Воскресение и полека траверсиравме и одевме нагоре кон Абзел линијата. Светлината донесе и ново расположение и радост за снегот и деловите што личеа на мраз над нас, а не ги очекувавме. Условите беа идеални. До тој момент, но и нагоре речиси пред крајот и излезот на насоката, условите кои ги сретнавме беа најдобрите зимски услови кои сме ги начекале било кога. Едноставно бевме среќни за тоа, и воопшто немавме чувство дека добиваме помал предизвик, туку бевме радосни што добиваме подобри услови и убаво зимско искуство.


Се движевме уште неколку стотина метри ненаврзани, односно поголемиот дел од насоката, сѐ до еден тесен скок целосно покриен со мраз, каде што се наврзавме со јаже и тргнавме во класична наврска, грубо би рекол можеби 5/6 должини пред крајот на насоката. На овој дел, имаше потреба да користиме тубуларни клинови, носевме 4 кои ги употребивме сите во овој дел. Би рекол оцена WI4, дефинитивно не тешко, но доволно возбудливо за да уживаме со насмевка на лицето, но и да нѐ држи фокусирани и да биде предизвикувачко качувањето. Имаше потреба да се користат и карпите наоколу при напредувањето зашто снегот не беше со ист квалитет и дебелина низ овој мразен дел. Должината ја истеравме прилично долго, после мразот имаше нестабилен снег па уште два скока со мраз, па пак рампа со нестабилен снег и некаде 50/60 метри погоре направивме сидриште во карпата. Убава должина и супер вовед во тоа што следеше. 


Тука веќе почуствував голем притисок од големите стреи кои висеа над нас од сите страни, а паѓаа и повремено големи камења од десната страна. Ангел како втор стигна до сидриштето во 8:50. Потоа тој водеше една долга должина преку раскршен карпест дел и нестабилен снег, направи импровизирано сидриште со две фелтни во снегот. Тука на тоа сидриште прв пат осетивме голем притисок бидејќи како што се приближувавме кон крајот на насоката, снегот стануваше полош и нестабилен, а висечките стреи стануваа сѐ поголеми и поголеми. Тука веќе имавме момент на брзање, сакавме што побрзо да излеземе од насоката. Следеше уште една долга должина од 60 метри во нестабилен снег, и се најдовме пред финалето. Стрмен и многу нестабилен снег, проследен со карпест дел со целосно мокра карпа и една голема стреа за минување. Ангел тргна во водство многу внимателно, пред карпата стави 4/5 точки... што мислам дека подолу немаше да ги земе во предвид воопшто. Искачувањето на карпата потрае некако, сѐ беше мокро и мораше да напредува традиционално со френдови и чокови, а некаде над половината од карпата наиде и на клин - убава вест. Тоа не охрабри дека сме на право место а и даде малку утеха во целата ситуација. Одбравме излез во дел каде што стреата ни се чинеше најамала, иако самиот тој дел водеше нелогично во лево, со опасност од мало искривување на јажето, сепак се покажа како добра одлука. Со раце ја ископа стреата и креираше мал излез. После неколку часа "херојско" напредување низ замрзнат снег и мраз, ова беше најнеграциозниот дел во нашето качување, како мало борење со превисната стреа да пробаме да се искачиме преку неа, и мислам дека личевме како луѓе кои се спасуваат од немирно море, и пробуваат очајно да излезат од бурната вода со бранови на суво, на копно :). 





Ангел тука во последниот дел од карпата беше малку поспор од нас двајцата во долниот дел, сосема оправдано, тоа беше и најтешката делница. На сува карпа веднаш ќе почнев да го закачам дека немаме цел ден за губење и да побрза, но јасно ми беше дека има убава и сериозна загатка за решавање па молчев, но планирав тоа да го кажам горе на врвот. Сепак, откако ја минав секцијата и јас како втор, и откако баш убаво се измачив на тој дел, можев само да му се поклонам горе за тоа што го помина. 

Откако "испливав" горе над морето на сувиот брег, го погледнав Ангел. Нашите погледи се сретнаа и експлодираа во неконтролиран, хистеричен смев. Знаевме. Завршивме нешто што генерации алпинисти го посакуваа и за што зборуваа со резерва. Но, уште поважно, доживеавме епифанија, момент на чисто задоволство и исполнетост кој знаевме дека долго ќе нѐ грее.

Седнавме на малото плато под врвот Солунска Глава во 11:43, расфрлајќи ја опремата околу нас. Уште со тресечки раце, една од првите работи што ги изговоривме беше: "Треба да им кажеме на сите! Условите се одлични, сега е моментот да дојдат и тие да качуваат!" Сакавме да ја споделиме оваа радост, оваа можност со сите оние кои го сакаат овој вид на зимско алпинистичко качување.

Се сетив на историјата на Нежиловите карпи под Солунска Глава. Првото алпинистичко искачување воопшто го направил словенечкиот алпинист Урош Жупанчич уште на 10ти септември 1934 година. Оттогаш, многу генерации имаат правено првенствени искачувања во летни услови. Имало и неколку обиди за искачување во алпски стил во зимски услови... но ете, денес, ние бевме тие кои успеавме во тоа на Абзел линијата.

Ова зимско искачување на Нежилови беше повеќе од само качување. Беше исполнување на долгогодишна желба, тест на упорност и партнерство, и потврда дека понекогаш, условите можат да ги изненадат сите. Се надевам дека ова искуство ќе послужи како инспирација и корисна информација за сите идни алпинисти кои ќе се решат на овој предизвик.



Следеше спуштањето...


Thursday, January 16, 2025

"Независна" нова првенствена насока на Демир Капија - 210 метри / 4 должини / оцена IV/VI+


Со задоцнување објавувам за нова насока што ја искачивме летото со Радe и Стефанија.

Бидејќи беше качена на денот на независноста на Македонија - 8 септември 2024, го доби името Независна.

Покрај задоволството да се качуваат нови линии, за мене овој пат беше главен мотив да качувам со Радe и Стефанија, веќе силни алпинисти, но со помалку искуство во однос на нови насоки. Оваа линија со Радe и Ангел ја имавме замислено уште пред една година, но тогаш не спречи лошто време и дождот. Потоа имавме план повторно да ја качиме во истата тројка (со Раде и Ангел), но незгода на соседната наврска во карпата пак не натера да се одложи искачувањето.

Конечно беше прифатен мојот предлог да качуваме со Радe и Стефи, во еден екстремно топол ден. Очекував да иде се побрзо, да избегнеме многу топло, но не испадна така. Иако влеговме во карпата прилично рано, излеговме со едно главање на јаже при абзел околу 3 после пладне, целосно дехидрирани и исцрпени од топлото.

Сината линија е насоката Вторенствена идеја, црвената е новата насока Независна

"Независна" се наоѓа над Вардар, блиску до ланската насока "Вторенствена Идеја" која ја искачивме со Раде, и е во така наречениот дел од Демир Капија - Vardar Wall (не знам како би го напишал на Македонски без да го преведам). Следи линија на еден висок и широк Столб со можност за уште многу насоки. Се стигнува до почетокот преку делот за качување наречен плажа, на крајот од тунелите, па преку јажиња и ферата до почетокот на насоката. Има многу можности за осигурување, а ние употребивме само еден клин на првото сидриште, се друго беше качено чисто.

Првата должина ја водеше Раде, втората јас, третата Стефи, и четвртата пак Раде.

Раде во почетокот на насоката

Првата должина нешто полесна, но ронлива и со трилер елементи на лавиринт за да се најде патот, должина околу 50 метри и оцена IV. 

Стефи пред првото сидриште со Раде

Втората должина почнува со траверс пречење во лево, врз една тенка пукнатина на која може да се стои, со многу малку обезбедување, па продолжува во широка пукнатина, речиси жлеб, и после по раскршен терен се до полицата за второто сидриште, околу 60 метри, и во пречењето можеби оцена околу V/V+.


Стефи во почетокот на третата должина

Стефи во клучниот дел од третата должиња, плоча со пукнатини.

Третата беше најубава, и клучна, иако сите посакуваме да влеземе и водиме во широките жлебови и тесните пукантини сепак честа и припадна на дамата. Вистинско уживање, и перфектно водено од Стефанија. Должина околу 40 метри, оцена VI+.

Раде во третата должина

Импресии после третата должина

Импресии после третата должина

Четвртата должина, преку мал но многу убав превис, па полесен дел со скокови до четвртото сидриште, околу 60 метри, и оцена околу IV+/V.

Раде во почетокот на четвртата должиња, мал превис па жлеб


Всушност, има уште една должина од околу 50 метри по нешто полесен терен, што би можело да се води, но ние решивме да одиме ненаврзани, доколу се врзе и таа со јаже, насоката ќе има должина од 260 метри.

Последната должина во која бевме ненаврзани

Последната должина во која бевме ненаврзани

Користевме две биколор јажиња, два сета френдови (0.25-5), сет чокови и носевме повеќе видови на клинови и чекан кои не ги употребивме доволно. Оставивме само една кајла на првото сидриште.

ЧЕСТИТ ДЕН НА НЕЗАВИСНОСТА :)

За жал, пишувам со задоцнување од 4 месеци, и може некој од деталите да ми се измешал, но главно тоа што го пишува е она што го памтам од качувањето а должината и оцената е нешто што ние како наврска уште тогаш меѓусебно си го споделивме.


Сумарно: Датум на искачување 08.09.2024, од Стефанија Микаровска, Раде Набаков и Александар Зарапчиев.4 должини, 210 метри, оцена IV/VI+.