Thursday, July 31, 2025

„Планината не поразува - тоа си го правиме ние самите“

 


31.07.2025

Последен пат кога пишував за Доломити, постирав слика во која седиме со Ангел „поразени“ под јужната карпа на Мармолада. Беше тоа по неуспешниот обид да ја искачиме насоката Винатцер / Меснер. Направивме грешка во влезот на насоката, каде што ја згрешивме линијата за качување и по која моравме да абзелуваме и да се повлечеме од карпата.

Тогаш напишав (линк од текстот тука) дека карпата нè порази, односно дека резултатот беше 2:1 за карпата, бидејќи успеавме да качиме само една од трите замислени цели/насоки.

Во “нашиов свет”, би можел да речам дека сме поделени на два табори кога зборуваме за битките на планина: едни од првиот табор, кои зборуваат за „освојување“ на планината, и други (ние од вториот табор), кои зборуваме за тоа дека планината не може да се освои. Ние од вториот табор ги одбегнуваме термините како „го освоивме врвот“, затоа што тоа е апсурдно. Ние, обични луѓе, да освоиме еден врв, да се поставиме дека сме посилни од планината!?

Сепак, и јас згрешив тогаш пред 6 години. Напишав дека на некој начин сум поразен од планината, дека потфрливме во целите и дека планината води со 2:1.

Сега шест години подоцна, тукушто вратен од Доломити, некако се навратив на тоа мое искуство и мислам дека лично јас сфатив нешто што тогаш не ми помина на ум.

Кога одиме ние од вториот табор на искачување, често велиме дека битката е во нас самите. Дека качуваме за да се себенадминеме и сме внимателни во реториката. Сепак, се сетив дека кога нема да успееме во целите, ретко велиме „не се себенадминавме“. Наместо тоа, и ние знаеме да кажеме: „планината нè порази.“ Како и оние од првиот табор, кои мислат дека се борат со неа и се обидуваат да ја освојат.

Овој пат во Доломити научив многу. Сфатив дека можам да бидам поразен само од себеси. Дека никој, а најмалку планината, не може да биде виновен за моите неуспеси, грешки и лоши избори. Тоа што не успеав да искачам некоја насока, не е нејзина вина - туку моја.

Овој пат на Доломити требаше да бидам во многу полабава атмосфера, каде што идејата беше само да бидам од корист на тимот алпинисти, кои беа помалку искусни од мене, но беа посилни во својата физичка форма во моментот. Мислев дека ќе биде релаксирано качување и само следење на групата, но сепак излезе комплексно и едно од моите најтешки излегувања на планина. Можеби и затоа што наметнав, реално или не, бреме да бидам одговорен за сè и за сите учесници, да ги вардам и да ги чувствувам опасностите што тие потенцијално ги среќаваа.

Можеби на почетокот мислев дека ќе се вратам неисполнет, бидејќи не отидов со мои лични проекти кои би требало да ме исполнат и израдуваат. Сепак, се вратив со горчливо, но многу важно сознание и спознавање дека никој, освен мене, не е одговорен за тоа што мене ми се случува. И дека, секако, планината никогаш не ме поразила, ниту пак може да ме порази. Тоа си го правиме ние самите - над себе.

Тоа за мене е конечното растоварување од метафората на планината како противник. Планината не победува, ниту поразува. Таа не влегува во дуел со нас. Целата драматургија се случува во нас, а проекцијата на „поразот“ врз карпата е наш начин да и дадеме форма на сопствената внатрешна фрустрација, страв или чувство на неисполнетост.

Горчливото, но суштинско сознание не радува, но те оформува. Те боли, но те јакне. Тоа е моментот кога разбираш дека нема повеќе кого да обвиниш, а од тој момент натаму може да почнеш да живееш и делуваш поослободено.

Си го симнал товарот на барање вина надвор од себе. Но тоа носи и друга тежина - сега сè зависи од тебе.

Тоа е слобода и одговорност.