Thursday, June 20, 2013

Остра Карпа

          

          Минатата недела Македонската Алпинистичка федерација - МАФ организираше алпинистички табор на Остра карпа, над село Прилепец, Прилепско. Иако долго копнеев да ја посетам оваа карпа, за која слушам само интересни работи, 'оправдано' не можев да присуствувам. Но сепак мотивиран од вториот ваков табор, организиран од МАФ и алпинистот Зоран Мајсторски од АК ПЛОЧА, неможев да одолеам уште првиот нареден викенд да скокнам и да го ѕирнам тој локалитет Стогови, односно Остра карпа.

Уште од самиот почеток од село Прилепец следи оваа гледка.

           Причините кои најмногу пати сум ги слушнал зашто не е посетуван овој локалитет се лошиот пристап и недостатокот од вода. Пристапот мене ме чинеше одприлика час и петнаесет минути, со две долги паузи, одев нагоре по доста жешко време, кратко пред пладне. Навистина е многу стрмен, со лизгави плочи, но повеќе беше интересен, со внимателно качување е сосема безбеден. Можеби малку по незгодно е симнувањето, уморни или брзајќи надолу, лизгавиот терен си зема жртва, по некое лизгање на газот :). Качувавме заедно со Елена Диновска, носевме две шишиња вода, што ни беше сосема доволно за цел ден, не ја почуствуваме често споменувата жега таму горе.


на места пристапот е идиличен, но на места мора да се поминува на големи скокови и налегнати плочи кои најчесто се лизгави од вода.


безброј опции за излез од оваа должина
          Првата насока беше Мајсторот, која ја качувавме на сонце, имаше малку ветар, не беше страшно, втората беше Верда Стело која ни се 'падна' да ја качуваме во сенка. Сигурно качувањето рано наутро е многу поубаво, по свежо, како и после пладне, кога се наоѓа доста материјал за качување во сенка. Ги споменувам овие детали за да можеби ги охрабрам и оние кои до сега не биле таму, да не чекаат долго како и јас, и да  го посетат тој локалитет поскоро. Ветувам дека ќе биде тоа љубов на прв поглед, буквално. Можеби и поради убавата гледка од каде што се трга нагоре село Прилепец, следи погледот кон Стогови, односно остра карпа се додека не стигнеме пред/под неа, грандиозно убаво парче карпа. Многу поголемо него што ни се чинело одозодола.  Компактна карпа, погодна за чисто качување и користење френдови/чокови/гуртни.. Додека качуваш се чуствуваш сосема изолирано, уживаш само во звукот на ветрот и птиците кои летаат  наоколу. Погледот постојано тие на околните карпи кои нудаат многу за качување, повеќето неискачиени, тотално невини. И повторно карпите околку Прилеп ми се  потврдуваат како најубави, иако не најголеми, но преубави, мистични, многу забавни за качување.
      


 
во жлебот на првата должина на Мајсторот - радости :)


насоката е доволно добро обезбедна со ковани клинови, но може и целосно многу лесно да се обезбеди со сопствено осигурување.



Елена во првата должина на Мајсторот


пред првото сидриште под таванот.



Кај кутијата поставена во чест на алпинист Славко Тодороски.


          Не ме фаќајте точно за збор, на брзина ја погледнав тетратката за импресии оставена на 'Димевата полица', полица каде се спојуваат повеќе насоки на крајот на нивната втора должина, но можев да заклучам дека карпата се качува исклучително малку. Битолчаните, качувачи од Прилеп односно СКК Златоврв, една наврска Словенци кои воедно искачија и нова насока, и малку по-збиени искачувања од последните два табори на МАФ. Сето тоа години наназад, многу малку посети на овој прекрасен невообичаен локалитет. Невообичаен и различен за се останато што сме навикнале да качуваме, најчесто варовник, и најчесто лесно пристапен терен. Сепак, благодарение на овие табори на МАФ,  се надевам дека оваа карпа ќе стане почесто посетувана.
 

последната должина од мајсторот


Елена во последната должина од мајсторот..



заслужени насмевки во каминот на последното трето сидриште



од последното сидриште се прави еден абзел од околу 30 метри до 'Димевата полица' по што се продолжува десно (десно гледајќи ја карпата во чело) и по лесен терен се спуштате до под карпа.



Остра карпа


прекрасни гледки од врвот на Остра карпа


неминовно е да се забележи некоја чудна фигура во околните карпи, како оваа што личи на шаховскска фигура коњ.


Monday, June 3, 2013

Iron Gate ака Демир Капија



          Викендов имав прилика после подолго време да ја посетам Демир Капија или Железната порта како што би можела да се преведе. Искрено точно незнам зашто се вика така. Сум слушнал повеќе интересни приказни, но нема да се осмелам да се фатам за 'највистинската' од нив. Секако до таму стига медитеранската клима, па можеби метафорично и тоа означува, влез во еден малку инаков дел со друга клима. Но најповеќе верувам го носи тоа име поради нејзината стратешка положба, односно позицијата на карпите околку кањонот кои биле тешки за пробивање и претставувале своевидна порта.

          Првиот план за качување за викендот беше Прилеп, односно Камената Баба и пробување на моите нови френдови, но малку болки во грбот и најавениот дожд не премислија на посигурна варијанта, безбедни во кањонот и блиску до кафаната на Кучкин како и неговата највкусна салата на балканот.

          Саботата пристигнавме малку подоцна од вообичаено, и се загревавме во насоките Полжав - Елена и јас, односно Тулумба - Ангел и Душица, а подоцна и насоката Палчица. За овие насоки повеќе може да прочитате на сајтот на алпинизам.орг: Тулумба и Полжав.  Неделата полабаво ја поминавме на кратките насоки во кањотот, во секторот кој го викаат Хамбургер. Сликнавме и по некоја фотка од овој лабав викенд.

Ангел на второ сидриште на насоката Тулумба

втора должина од Тулумба

Трета должина, насока Полжав, Демир Капија.

Душица Диновска во качување кон второ сидриште на Тулумба
Душица Диновска

Душица во излезот на последната должина од Тулумба

Излезот од последната должина на Полжав/Тулумба- Ангел Куртелов

насока Палчица, Демир Капија

прва должина, насока Палчица, може малку да се долови мазниот карактер на насоката, речиси цело време движењето е на баланс.

Второто сидриште на Палчица.

Елена во водство, сектор Хамбургер, непозната (за нас) насока


Методи Чилиманов


Чилрајдер у водство!


Методи во водство во деталот на една од насоките

исто и Елена во деталот.

Tuesday, May 7, 2013

Солунска Глава

   

          Секогаш кога некој ќе ме праша дали имам и кој е мојот омилен планински врв најпрвин одговарам дека немам баш таков - најомилен, и после тоа,  во продолжение почнувам да зборувам за Солунска глава - Јакупица и да ги опишувам импресиите и искачувањето кон овој врв. 

          Не знам дали можам да го наречам најомилен, ниту сум човек што би можел да се врзе за една планина или врв, но секако тоа е место каде што сум бил најповеќе пати, и место кое мислам дека ме прави најсреќен качувајќи нагоре кон врвот, од самиот почеток до крајот. Без разлика дали се трга во Папрадиште или Нежилово, едноставно преубав е патот нагоре, различен, почнувајќи со густата букова шума и честите мали водопади и извори, заедно со долна и горна Бабина дупка, и се така полека до врвот, патека која личи како да одиш на работ на превртен брод, со амбис од твојата лева страна. Доколку некој ме праша дали имам омилена гледка од местата каде одам најчесто, тоа ќе биде онаа кон врвот Солунска Глава со Нежиловите карпи под него, веднаш после излезот од шумата која води кон долна Бабина дупка, тоа е гледката која секојпат со ист интензитет ми го зема здивот, и која со нетрпение чекам да дојде секој нареден пат кога ја посетувам оваа планина.


Погледот кон врвот Солунска Глава и Нежиловите карпи под него на местото долна Бабина дупка.

    
          На мојата последна средба со оваа планина покрај Елена за прв пат беа заедно со нас и Душица Диновска и Емилија Велковска, верувам нови верни пријатели на Папрадиште, Солунска Глава и Јакупица. 
          Додека боите на нашиот нов алпинистички клуб "АК 8" некој го бранеше качувајќи карпа на Метеори, ние достојно го запишавме нашето прво клубско искачување на овој прекрасен врв. 




погледот кон Солунска

Кога сме кај 'омилените' работи, водата што извира од оваа чешма на местото долна Бабина дупка, ми е дефинитвно омилена :)




 
Со еден од малите водопади во правец на Папрадиште - Чеплес.










Камењата на врвот и околниот снег ја правеа гледката под врвот различна од вообичаено.





Тука  може да се долови моментот на одење на раб на превртен брод, лево постојано надвиснувајќи над амбисот односно Нежиловите карпи.


          Како што и секој крај го краси делото, така и ние завршивме на празните плажи на Преспанско езеро околу Стење на бањање и мекнеење.


Monday, March 11, 2013

Мартовски на Матка

          Иако снегот сеуште е присутен, најавата за дожд и силен ветар на високите планини, ми ги смени плановите за скијање и го испланира моето време да одам на качување на Матка. Не дека нешто ми фалеше во овој избор, сончево време и температура од околу 15-20 степени :) Што човек може да посака повеќе од ова?!
          Убавото време излажа повеќе качувачи на Матка и беа искачени 14 долги насоки. Јас дел од денот го поминав на Матка Лева заедно со Елена, и остатокот испружен на тревата кај манастирот Шишевски. Успеав и да направам по некоја фотка од нас и од некои од качувачите тој ден..


10 март 2013 на Матка :)



Кога пристигнавме - 'гужва' на насоката "4 Клина", Игор на второ сидиште, Весна трга кон него, а Алек на првото сидриште.

Елена во првата должина од "Матка лева"


Маја води во првата должина од насоката "Отмар"




Елена пристига на трето сидриште на "Матка Лева", а во позадина Игор ја качува втората должина на "Отмар - лева варијанта"



Маја ја води должината над 'кутијата' на
 "Отмар"



Овој поглед беше мојата награда за тој ден, уживав да ги гледам Игор и Весна во излезот од третата должина на "Отмар - лева варијанта", но уште повеќе во погледот кон Шара и Љуботен.



Весна со Љуботен во позадина