Saturday, August 10, 2013

Извори на Бабуна, водопади на Лешница и средба со титаните

       
          Од каде да почнам. Неработен ден - празникот Бајрам плус слободен викенд, во Скопје пеколно топло, Охрид преполн а и го издегустиравме периодов доволно, на море било демоде да се оди ( АЛОО СЕ ЗЕЗАМ ), и се прашувавме каде да се разладиме и тргнеме од градов. Планина звучи добро, но не на начин на кој обично ја конзумираме, брзо и напорно. Овој пат решив да и пријдам по лабаво, да научам некоја од нејзините тајни, да си шепнеме по нешто.

          Меѓу другото мотивиран и од фотогалеријата што ја видов на karas4training со некоја си тура на фантастични водопади на Лешница, решив и јас да го видам тоа чудо таму на тоа ШарПланина која инаку не престанува да не изненадува. Но, пред да се упатам таму, решив да се загреам малку и да ги посетам изворите на река Бабуна, под Солунска Глава преку село Нежилово.

погледот кон врвот Солунска глава некаде од средина на патеката
     
           За Солунска глава 'нема' што да се збори, убавица на Македонските планински врвови. Огромна карпа што се издига над можеби најгустата букова шума, преполна со извори и водопади, место под кое извира и реката Бабуна. Сум слушнал убави зборови за овој извор, но иако често ја посетувам околината на Нежилово и Папрадиште, домот Чеплес и се разбира Солунска глава, никој пат досега не најдов време и причина да го видам овој извор, се досега. И моите импресии се: Преубава и лесна патека која води од село Нежилово до планинарскиот дом Чеплес, во главно се оди во сенка, после час и половина до два има знак кој го покажува патот кон изворот, во многу густа шума по интересна патека со одлична маркација и уште половина час пешачење, секој може да се снајде. Маркацијата води до самиот извор, но тоа што е најинтересно според мене е педесетина метри под тој извор, еден преубав водопад со голем казан или вир или базен, зависи од кој регион сте и како го викаат тој природен створ. За да биде задоволството подобро, цело време ви надвиснува над глава централната карпа под врвот Солунска глава, најубаво е да си нурнете малку и да се освежите во таа студена изворска вода и да си го одморите погледот од тие убавини на сите страни околу вас.



патеката беше речици цело време низ сенка во густа шума, многу пријатна за шетање





поглед кон карпата од изворите на Бабуна

Нежилови Стени

првиот малку поголем водопад низ течението на Бабуна



разладување во Бабуна што може да трае само 3 секунди, барем од моето искуство
     
          Дојде викендот и се припремивме за Попова Шапка односно турата до Лешница. Одбравме да отидеме уште во петок, да избегаме од Скопското топло, спиевме некаде над населбата Попова Шапка во шатор, под безброј ѕвезди и многу пријатно време, човек да се израдува од потребата за облекување на потопола облека и да ја закопча вреќата за спиење до горе.

          Почетокот на оваа тура Попова Шапка-Горна Лешница-Долна Лешница води преку патот над населбата Попова Шапка, широк земјен пат по кој можат да возат коли. Се вози по истиот се до првото бачило, каде се одвојувате лево нагоре по добро маркирана патека. Отаму се оди нагоре и се стига до Горна лешница односно личи како да сте одприлика во подножјето на Титов Врв, Бакардан... Преубава гледка исполнета со високи маркантни врвови на сите страни, извори со мали водопади, кулоари сеуште полни со снег, и карпите на Горна Лешница. Патот е доста пријатен и благо се крева нагоре, за во еден момент да почне да се спушта до бачилото во подножјето на наведените врвови после кое се влегува во густа шума од елки, и се стига до долна Лешница. Во долна Лешница се проаѓа реката и се трга кон другата помала река што тече низ рамнината, се оди покрај неа низ добро маркирана патека која ве води до водопадите и патеката трае околу триесет минути. Овој опис не е официјален на оваа маршута туку мое лично и кратко видување на патот кој го поминав.

почетокот на патеката 



почетокот на патеката со гледка кон врвот Кобилица во позадина

првите знаци со карпите на Горна Лешница



Титов Врв во позадина

'мало' водопадче под Титов Врв



вака изгледа речиси целиот предел околу Горна Лешница



и влезот во густата шума





шумски јаготки

         Постои теорија на заговор, овие мали црвени нешта се задолжени да ви го одземаат вниманието, ги има насекаде, вкусни се и намерата им е да не престанете да ги берете и јадете и никогаш да не ја напуштите планината.

првиот впечаток е овој преубав мал водопад со базен, но не е тој причината за ова доаѓање

малку погоре од првиот водопад


уште малку повеќе погоре од првиот и конечно водпадот и базенот поради кој дојдовме
           Идеално издлабен базен, како да го делкале најдобрите мајстори и скулптори за камен, но овој издлабен низ годините само од моќта на студената изворска вода.

разладување што трае 5 секунди :)

задолжително смешкање и нескромно правење важен после еден ваков храбар акт на пливање во толку студена вода

оваа гледка ја има на сите страни гледајќи од Лешница
           И додека цело време се обидував да си ја доловам оваа убавина споредувајќи ја со некои од најбувате места на светот, да направам споредба и да речам дека Лешница личи баш Алпски, или дека потсеќа на преубавите Италијански планини - Доломитите,  заборавав дека не може ова да се спореди, и дека единствениот синоним за објаснување треба да биде дека Лешница личи Шарски.





          И повторно Шарпланинските овчари ја потврдија својата гостопримливост и не поканија на малку свежо печен леб под сач, свежо кисело млеко и кафе. Си направивме краток муабет, се најадовме вкусно и се разделивме.

Шарпланинецот "Куси" поради неговиот краток опаш.

фурната на овчарите

свежо овчарско кисело млеко и печен леб :)
          Да не останам должен, и да не спомнам од каде ми дојде 'средба со Титаните'. Двете планини кои ги посетив ми се едни од омилените, и не престануваат да ме изненадуваат секој нареден пат ме со нивната големина и импозантност, со нивната разноликост и природна убавина, да ме потсетат колку се тие силни и моќни, и со каква магија располагаат.

Во име на претходно кажаното, целата прошетка беше со сончево време и по некое мало облаче, но во само еден миг, се затвори небото и истури дожд и град и  остави зад себе буквално снежни наноси, изгледаше како да доаѓа сезоната на скијање :)

Thursday, July 18, 2013

Поставена нова кутија на Козина, Отмар - лева варијанта и АПБ

           Минатата недела беше поставена нова кутија заедно со тетратка за потпишување за сите оние кои качуваат низ насоките Козина, АПБ и Отмар - лева варијанта. АПБ сеуште не сум ја качувал, а за Козина и Отмар - л.в. можам да кажам дека се две прекрасни насоки, две прекрасни линии од кои Козина е можеби најмаркантата линија односно раб гледајќи ја централната карпа на Матка.
          Можбеи самото поставување кутија не е некоја битна вест сама по себе, но со оглед дека тоа влегува во одржување и унапредување на локалитетот Матка, а на тоа поле долги години не е направено многу, јас лично гледам како еден убав гест, кој ќе донесе малку повеќе качувачи на овие насоки инаку не многу често качувани, малку повеќе да ги популаризира, и начин за полесна евиденција кој таму качува, за споделување лични пораки околу доживувањето на овие убави насоки.
          Во име на ова поставување на кутии, си смисливме изговор да отидеме веднаш и да ги качиме, да се потпишеме во таа нова кутија, да се заблагодариме за тој нечиј труд. Се разбира дека основен мотив ни е секогаш качувањето и само качувањето, но убаво е на овој начин да си измислуваме изговори кои во работни денови или во топлите летни денови ќе не извадат од летната летаргија и да отидеме да качиме некоја долга насока. Знам дека ова беше еден таков повод и изговор.
         Качувавме во раните часови кои сепак во Скопското лето знаат да бидат  пеколни, времето беше многу наклонето, ветар и качување во сенка до 10 часот со многу пријатна температура, потполна тишина во кањонот која инаку често е нарушена од туристи и ресторанот Матка, два преубави дена во кои ги качивме Козина и Отмар во два дена, три наврски со членови на Алпнистичкиот клуб 8.
       


Методи Чилиманов во водство во втората должина на Козина


кај 'кутијата'


Методи Чилиманов во водство, прва должина Отмар - лева варијанта


Елена Диновска пред третото сидриште на Козина


Елена Диновска пред третото сидриште на Козина


Маја Мухиќ, превисот во втората должина на Отмар - лева варијанта


превисот во втората должина на Отмар - лева варијанта


пред заглавениот френд во пукнатината во втората должина на Отмар - лева варијанта


последната должина односно излезот од двете насоки, Козина и Отмар - лева

Thursday, June 20, 2013

Остра Карпа

          

          Минатата недела Македонската Алпинистичка федерација - МАФ организираше алпинистички табор на Остра карпа, над село Прилепец, Прилепско. Иако долго копнеев да ја посетам оваа карпа, за која слушам само интересни работи, 'оправдано' не можев да присуствувам. Но сепак мотивиран од вториот ваков табор, организиран од МАФ и алпинистот Зоран Мајсторски од АК ПЛОЧА, неможев да одолеам уште првиот нареден викенд да скокнам и да го ѕирнам тој локалитет Стогови, односно Остра карпа.

Уште од самиот почеток од село Прилепец следи оваа гледка.

           Причините кои најмногу пати сум ги слушнал зашто не е посетуван овој локалитет се лошиот пристап и недостатокот од вода. Пристапот мене ме чинеше одприлика час и петнаесет минути, со две долги паузи, одев нагоре по доста жешко време, кратко пред пладне. Навистина е многу стрмен, со лизгави плочи, но повеќе беше интересен, со внимателно качување е сосема безбеден. Можеби малку по незгодно е симнувањето, уморни или брзајќи надолу, лизгавиот терен си зема жртва, по некое лизгање на газот :). Качувавме заедно со Елена Диновска, носевме две шишиња вода, што ни беше сосема доволно за цел ден, не ја почуствуваме често споменувата жега таму горе.


на места пристапот е идиличен, но на места мора да се поминува на големи скокови и налегнати плочи кои најчесто се лизгави од вода.


безброј опции за излез од оваа должина
          Првата насока беше Мајсторот, која ја качувавме на сонце, имаше малку ветар, не беше страшно, втората беше Верда Стело која ни се 'падна' да ја качуваме во сенка. Сигурно качувањето рано наутро е многу поубаво, по свежо, како и после пладне, кога се наоѓа доста материјал за качување во сенка. Ги споменувам овие детали за да можеби ги охрабрам и оние кои до сега не биле таму, да не чекаат долго како и јас, и да  го посетат тој локалитет поскоро. Ветувам дека ќе биде тоа љубов на прв поглед, буквално. Можеби и поради убавата гледка од каде што се трга нагоре село Прилепец, следи погледот кон Стогови, односно остра карпа се додека не стигнеме пред/под неа, грандиозно убаво парче карпа. Многу поголемо него што ни се чинело одозодола.  Компактна карпа, погодна за чисто качување и користење френдови/чокови/гуртни.. Додека качуваш се чуствуваш сосема изолирано, уживаш само во звукот на ветрот и птиците кои летаат  наоколу. Погледот постојано тие на околните карпи кои нудаат многу за качување, повеќето неискачиени, тотално невини. И повторно карпите околку Прилеп ми се  потврдуваат како најубави, иако не најголеми, но преубави, мистични, многу забавни за качување.
      


 
во жлебот на првата должина на Мајсторот - радости :)


насоката е доволно добро обезбедна со ковани клинови, но може и целосно многу лесно да се обезбеди со сопствено осигурување.



Елена во првата должина на Мајсторот


пред првото сидриште под таванот.



Кај кутијата поставена во чест на алпинист Славко Тодороски.


          Не ме фаќајте точно за збор, на брзина ја погледнав тетратката за импресии оставена на 'Димевата полица', полица каде се спојуваат повеќе насоки на крајот на нивната втора должина, но можев да заклучам дека карпата се качува исклучително малку. Битолчаните, качувачи од Прилеп односно СКК Златоврв, една наврска Словенци кои воедно искачија и нова насока, и малку по-збиени искачувања од последните два табори на МАФ. Сето тоа години наназад, многу малку посети на овој прекрасен невообичаен локалитет. Невообичаен и различен за се останато што сме навикнале да качуваме, најчесто варовник, и најчесто лесно пристапен терен. Сепак, благодарение на овие табори на МАФ,  се надевам дека оваа карпа ќе стане почесто посетувана.
 

последната должина од мајсторот


Елена во последната должина од мајсторот..



заслужени насмевки во каминот на последното трето сидриште



од последното сидриште се прави еден абзел од околу 30 метри до 'Димевата полица' по што се продолжува десно (десно гледајќи ја карпата во чело) и по лесен терен се спуштате до под карпа.



Остра карпа


прекрасни гледки од врвот на Остра карпа


неминовно е да се забележи некоја чудна фигура во околните карпи, како оваа што личи на шаховскска фигура коњ.