Wednesday, May 27, 2015

Чешит Мелем - нова насока на Демир Капија

       


          Изминатиов викенд во Демир Капија се одржа вториот по ред International Outdoor Festival Demir Kapija, собир кој има за цел да ја промовира Демир Капија како интересна дестинација за качување карпи, возење точак, спелеологија, кајак итн... Минатата година помина одлично, многу интернационални качувачи имаше, сериозни алпинисти, годинава помалку странски, но многу повеќе домашни, што е за мене лично одлична вест. Расте интересот за качување карпи во Македонија. Презентации, рок концерти, трки со велосипед и трчање, натпревар во техничко качување беа дел од содржините кои го збогатија распоредот на фестивалот.
       
Перспектива кон повеќето насоки на Демир Каписката карпа со исцртаната линија која ја качивме.
Фотографијата е позајмена од www.alpinizam.org .
          Јас успеав да бидам пристутен само во недела, стигнав рано со возот Скопје - Демир Капија кој трга во 6:20, јас и рибарите. Методи и Маја ме чекаа во ДК, втор ден за нив. Имавме план да качиме првенствена насока, на дел од карпата кој е тешко достапен, и поради тој факт и факторот време (мораше да сме во Скопје во 19 часот) решивме да се откажеме од таа насока.
          Тргнавме кон централната карпа, или барем таа што така си ја викаме :), онаму каде што се повеќето алпинистички насоки да одбереме линија за качување. Мето предложи да одиме на насоката Луда Крава, не многу тешка насока со идеја да ја качиме во чист стил. Штом стигнавме и застанавме под карпата, забележавме дека има убав плочест дел десно од оваа насока. Луда Крава беше насока која почнува како раб лево од оваа интересна плоча, а на нејзиниот десен крај имаше друг раб, таму е насоката Виктори. А сиве овие, се веднаш после повеќе познатата насока Б2.

Застанавме под плочата и си помислив дека ова мора да е максимум оцена V ми се видоа многу опции за обезбедување. Се договоривме да водам прв, Методи втор, Маја трета.
          Од самиот почеток, уште во првите 3-4 метри увидов дека нема да биде баш едноставно како што ми се виде, мазно, отворени хватишта, малку и несигурни точки за обезбедување. Кај секоја точка местев по уште една веднаш до неа, некако не ми беше комотно. Сепак наидов на терен барем оцена ипол повеќе од она кое го очекував, инаку карпата нудеше одлични и убави движења. Плоча со неколку вертикални пукнатини и лушпи, на кои се надевав дека ќе овозможат безбедни точки за осигурување. Стојалишта на баланс и триење, фаќалишта малку. По малку и ронливо, но тоа повеќе од што не е качувано, во главно многу солидна и компактна карпа. Како да качуваш на морски варовник. После овие вертикални пукнатини/лушпи кои се видоа и од доле, следеше еден потемен дел, плоча од неколку метри, која беше превисеста и веројатно најтешкиот детал. За најубаво да ја опишам, и по движења и по тежина би ја споредил со на деталот во кратката насока на Матка, Плочка десната, веднаш зад ресторанот. Исто стартува, со две лушпи кои се фаќаат и дилферски се креваш нагоре... е тука трикот е што нема кај да се фати после тоа кревање, туку се менуваат нозе, па се потребни уште две три движења, барем јас со моите 175 см ми фалеа 30/40 см за да го дофатам работ на таа плоча, после кој почнува трева, да сега од плочест превис треба да се извлечете низ трева :). Ок, не беше претешко, јасно е што треба да се направи, но беше возбудливо, доста над последната точка, и тоа несигурен дали би издржала пад. (ок, секако очекував да издржи пад точката под мене, но постои таа возбуда дека моѓеби нема..)
          Убаво и возбудливо. По ова следат два камини, кои исто беа солидни, повеќе од што очекувавме и од што ни се чинеше од долу, се до дрвото како сидриште, дрвото е под големата широка полица која е сидриште за насоката Б2.

Џабе гледањето колку е високо.. :)
Потпрен во последнот добро оигуран дел, до втората пукнатина, над која почнува мазниот потежок дел.
          Втората должина ни дојде како Мелем (од таму и името). Методи ја водеше брзо и сигурно, уживавме сите тројца. Да не се разбереме погрешно, не беше премногу лесно, но ни дојде така некако уживање  после првата малку стресна должина. Бевме пресреќни што наидовме на таков 'проблем' и секако добро се заврши. Втората должина одеше околу два метри покрај оклинчената линија (веројатно трета должина) на насоката Б2, каде горе на гребенот Методи направи сидриште на два камења, 5 метри лево од оклинченото сидриште на Б2.



Мето води.

Убава, права логична линија во втората должина.

Солидната карпа овозможува убаво движење.

Маја како втора во втората должина.
          Третата должина по лесен терен, до крајот на нашата насока на платото каде завршуваат предпоследните должини на Б2, Полжав, Тулумба.

Во недостиг од јасна и фотографија со добра резолуција, еве неколкуод линијата кои можеби ќе бидат појасни.
Сликата е позајмена од www.plocaclimbing.com .
          Првата должина 60 метри, но првите 5/10 метри ги поминавме неврзани се до дрвото што е под средина на почетокот на плочата. Линијата буквално иде само нагоре, нема утка, од дрвото низ плочата нагоре се влага во каминот и точно под најгорното дрво сидриште. Оцената мислиме дека е во најтешкиот дел VI+, можеби и повеќе, можеби и помалку, вториод дел кај каминот околу V. Треба некој да дојде и да потврди или не поправи :). Остатокот од насоката освен во третиот дел е IV/IV+.

          Името е Чешит Мелем, и во најголема мера го објаснува нашето убаво чуство додека качувавме, како насоката ни влијаеше и како мелем ни дојде на нашето расположение, а чешит зашто од Луто и јако кон полесно и кон убаво качување се менуваше карактерот на насоката, како што и означува зборот Чешит.
.
          Исто како и што напишавме во книгата која е поставена од Македонската алпинистичка федерација за запишување на искачените насоки, голема благодарност до организаторите на овој фестивал, поради кои се најдовме во Демир Капија баш тој викенд, и инспирирани од убавиот настан да искачиме нешто првенствено.



Ќе држи ова?

Маја осигурува, Мето си води, јас си играм. 
Што да напишеме..!??!
Професорката Маја го има одговорот... :)
Уште една линија на искачената насока.
Фотографијата е на Александар Кленов.
Маја води во третата должина.
Панорама од полицата на второ сидриште.

Веќе освежени и исполнети на второ сидриште.

Thursday, April 30, 2015

Тријатели - нова насока на Демир Капија

          Уште од лани ја мислев оваа линија, тогаш заедно со Методи Чилиманов сакав да ја качам, му предложив еднаш на една од посетите да качуваме превенствено мислејќи на оваа рута, на што тој прифати, но незнам од која причина не качувавме тогаш.

Благодарение на Алекснадар Кленов дојдов до оваа нова слика кај која поубаво се гледа насоката и линијата, како и со црвена лнија означените абзели.
Со плава линија насоката Тријатели. со црвнеа насоката по која се симнавме - доручек без ребро, сликата е превземена од фб профилот на Александар Кленов
          Се сеќавам дека речиси на секое одење кон долгите насоки на Демир Капија, пред сајлата покрај вардар фрлав по некој поглед кон оваа карпа, на самиот  крај на потокот кој се влева во вардар, а минува меѓу карпите кај тунелот. Карпата се наоѓа на пред самиот Вардар од левата страна. Од близу се приметува 'пријателскиот' пристап на карпата, добра прегледност, лесен старт, логична линија...

припреми пред стартот

          Од кога веќе го приметував овој дел, бидна една насока, "доручек без ребро" на алпинистот Александар Кленов, насока која го следи гребенот на оваа карпа, на овој карпест столб, и која има сериозна оцена 6b/6c качена во чист стил, но одпосле оклинчена/избушена на сидриштата со што е направена абезел линија. Досега неповторена насока, но одсега повторен абзел, да ние сме првите кои абзелувале на оваа насока :).



         Нашата насока Тријателство почнува малку во лево од овој гребен, најлесно за објаснување е ако се помине малата карпа-вежбалиште "Градинка" веднаш зад неа, кај клиновите кои војската ги користи за вежбање спасување на крапа.

почетокот


          Следи навидум лесен терен, со можности за осигурување, но и доста ронлив терен кој го прави комплексен. Уште од доле проценивеме дека ќе направиме сидриште на последното дрво во нашето видно поле, претпоставивме дека е до 60 метри како и нашето јаже. Првата должина ни одзема 55 метри. Тежината ни се виде 4/4+ со некои делови кои беа малку сериозни за поминување, ронливост+малку осигурани точки. Пред самото сидриште имаше дел со трева, без никакво осигурување кој беше не толку пријатен. Сидриштето беше на дрво, под сенка, сосема сигурно и пријатно.

Методи Чилиманов пред прво сидриште

првото сидриште
        Втората должина почна со терен во кој немавме осигурување 15тина метри, некоја плоча на која одевме како PACKMAN лево десно за да бидеме посигурни во движењето, но без обезбедени точки. Втората должина беше околу 40 метри и на два моменти имаше детали со оцена 5 грубо, според некој од нас во оваа првенствена наврска можеби и оцена 6. После првите 15 необезбедени метри, следеше кратко полесен терен, за после тоа да наидеме на многу опции за качување обезбедување и движење. Во оваа должина видовме еден алпинистички клин, забиен во плоча едно 6/7 метри во наше лево. Од Зоран Мајсторски дознавме дека можеби се работи за насока на Димитар Илиевски, воедно втора искачена насока на локалитетот Демир Капија. После овој момент следеше најинтересниот дел на насоката. Морам да признаам дека мотивиран од тоа да имаме автономна линија, но и од сигурното чуство кое го имавме за време на качувањето решив да поминам два проблеми кои ми се видоа 'интересни' за разигурвање на нашата првенствена линија. Првиот беше до плочата каде го видов клинот кој можеби потекнува од таа стара насока.

дел од интересните детали во втората должина
Превисесто се приоѓа кон пукнатина каде е втората точка на сликава каде заглавивме чок, и по кој се оди дијагонално во лево и нагоре, бара сила, превисест е делот но има солидни фаќалишта во самата пукнатина. Карпата беше особено компакнта и сигурна.

          Се работеше за пукнатина која почнува превисесто, пукнатина со многу опции за осигурување, и која после 10тина метри дијагонално излага на полесен терен. После тој терен следеше повторно интересен дел со мал превис од со 5/6 метри над него второ сидриште, повторно на дрво, покрај овие два детали имаше можност да се помине полесно, низ камин, кој ние го одбегнавме, во име на тежината на насоката, и едноставно во добриот дух кој не следеше и сигурноста која ја имавме за време на качувањето.
         Над второто сидриште следеше плочест дел, пак како реприза на втората должина без можност за осигурување, трилер во однос на висината/осигурувњето/чувството на пвенственост на тој терен.

почетокот на третата должина,долго над сидриштето без обезбедна точка

          Имаше возбуда тука. И после овој дел, после некои 20тина метри излеговме на самиот раб, и низ него, до самиот крај на јажето 60 метри должина до крајот на нашата насока низ полесен терен. Последното наше сидриште беше неколку метри над последното сидриште на насоката на Алекснадра Кленов, сидриште кои го искоростивме за абзел по неговата насока.

трето сидриште


         За абзелот можам да кажам како поминавме и како би одбрал да пробам да поминам нареден пат. Првично размисливме да се симнеме по нашата искачена линаја со искористување само на последното сидриште од азбел линијата на Кленов, по што ќе абзелувавме до второто наше сидриште - второто дрво, па од таму до првото наше сидриште -првото дрво. Логична и права линија, веќе виден и за нас познат терен. Тоа требаше да го направиме, и тоа е моја препорака за симнување од оваа насока НО единствено ако качувате со биколор, ние имавме две јажиња и тоа беше возможно само во овој случај каде можевме да врземе абзел од 60 метри, инаку абзелот кој го правевме има сидришта на нешто помалку од 30 метри и е возможен со единечно јаже. Сепак решивме да одиме по 'сигурната' варијанта, барем од аспект на сидришта, абзелот на Кленов.

абзел број 1

          Тоа што мене лично  ми вроди сомнеж кај оваа варијанта за симнувњет е дека абзелуваме по гребен, и тоа по насока која незнам точно каде се движи, лево или на моменти десно на самиот гребен, и со силен ветар изложени на гребенот што би донело опасност од главењет на јажето. Одлуката се виде како потешка, ни одзема доста време барањето на сидришта, ветрот не направи проблем, но самата карпа не исфли неколку пати во тотален превис, каде мака мачевме да дојдеме до сидриштата, висејќи по метро до две далеку од нив, а и со два пати заглавено јаже во карпата. Два часа и триесет минути абзелувавме, не сум сигурен колку точно качувме, но одприлика 4-5 часа, со лабаво темпо, фотографирање и разговор на сидриштата, во тројка! Речиси идентично толку импресии имавме од симнувањето како и од качувањето. Користевме само френдови, чокови и хексови при качувањето. Во главно големината која ја искористив на френдови беа 1/2, 1 / 2 / 3 / 4, два големи хексови, и два сета чокови (но не беа искористени сите големини), голем број гуртни. Носевме кладиво и клинови кои не ни затребаа. Не оставивме никаква опрема во карпата.
         И на крај, за името, Тријателство претставува кованица од нашето пријателство и трите должини на насоката качена во тројка воедно. Навистина јас лично сум пресреќен што конечно ја вкусив оваа долго посакувана линија, а сме заедно среќни за убавото искуство и особено што бевме на карпата од спротива, каде поретко се качува.
          Благодарност до Македонската алпинистичка федерација и Зоран Мајсторски што не мотивираа баш тука да бидеме и качувме овој викенд.

среќни на врвот на карпата, од лево кон десно, Александар Зарапчиев, Маја Мухич, Методи Чилиманов


Sunday, November 30, 2014

Обновена болдер вежбалната БолдерЧе


   
          Добри вести за качувачката заедница и за сите оние кои во последно време се интересираат за качување карпи, алпинизам, спортско качување или едноставно за тренинг на забавен начин. Веќе речиси една година функционира приватна вежбална Болдерче која се наоѓа на саем. За прв пат на заедницата и понуди термини за тренинг секој ден - во секое време.
Мене лично ми е многу важно да не бидам ограничен со термин, и уште повеќе местото каде би го поминал тренингот да е опуштено во пријателска атмосфера, ..што да правам никогаш не сум го сфатил сериозно тренингот иако знам колку е важен. Очекувам сериозен личен напредок на тело-дух план во оваа вежбална :).
          За повеќе информации околу вежбалната и условите за користење може да го контактирате Томи.

Имам само неколку ( за жал не толку добри ) фотографии, поубави нареден пат.

соблекувална
ходник кон соблекувална, соблекувална, место за набљудување додека други качуваат..





Monday, October 20, 2014

#KraliMarkoultratrails2014

          Поминаа 8 денови од оваа трка Krali Marko Trails. Минатата недела во Прилеп, односно околината на Прилеп, Маркови кули... се одржа трета година по ред ваква трка (мислам трета). Јас прв пат дознав за овој настан преку презентацијата на Трајче Панковски (директор на трката КМУТ) и Жикица Ивановски (вторпласираниот на трката на 64 км) која овие двајца ја имаа на ЕХО фестивалот на планински филмови во 2012та година. Тие тогаш имаа многу инспиративна презентација поврзана со нивното учество на Lavaredo ultra trail.. За мене беше дефинитивно многу инспиративна презентација, почнав постудиозно да ги следам нивните трки, настани, нивнатата работа за која на повеќе наврати споменував ја сметам за една од најактивните во оваа наша 'планинарска' заедница. Како што читав за нивните успеси и локални во Македонија трки, се повеќе добивав желба и јас да се испробам на тоа поле. Си поставив цел - да истрчам некоја од поголемите трки на КМУТ. Но желбата за 'испробување не беше онаква - натпреварувачка иако и тој жар проработе, туку ете таа моја поддршка на овој и нему сличните настани да ја подржам со мое учество/присуство. Убаво е да се види повеќе натпреварувачи/волонтери па и публика.

последни припреми пред стартот
           Не тренирав многу, но желбата си тлееше, на оваа трка претходеше една помала планинска трка - "BM Trail 2014" - од село Белчица до врвот Меденица и назад за која веќе пишував. И таму трчав со мојот пријател Ангел Куртелов, побратим по планинско трчање, алпинизам и страст за сок од јачмен. Тогаш поминавме убаво, иако често сме на планина и двајцата за прв пат тоа го направивме брзо, кај можевме со трчање без товар и со бркање време. После оваа трка следеа неколку лесни тренинзи на Водно, нагоре, наоколу и надолу. Ниту еден не беше многу долг, обично беа 10/15 км. Имав еден убав тренинг на Водно некаде околу 5ти септември, истрчав околу 40 км со висинска разлика 1500 и со тоа го кренав мојот праг од претходно најдолго истрчаните 25 км на Беличица-Меденица. Половина пат врнеше, ме фати темница (од врв надолу) а немав челна лампа. Завршив едвај со силни болки во колената и стапалата. Во споредба со КМУТ тоа беа 24 км помалку, со дупло помалку искачување. Воедно (силум прилике поради отсуство од Мк) тоа беше мојот последен тренинг пред Прилеп. Но некако си мислев, сум надминал 40ка, сега следниот пат би требало да ми биде полесно. Не?! :)
          НЕ! Нема да биде полесно следниот пат, уште повеќе НЕ ако не сум тренирал помеѓу. Но тоа е што е. За жал (за жал зашто паднав пред 'материјалното') единствено поле на кое работев во тие последни 30тина дена е што си купив нови патики за трчањето, толку нови што трчав со нив прв пат на КМУТ, веројатно клучна грешка во низата грешки... Веројатно нови не-разгазени патики болат повеќе кога ги носиш долго, онака без паузи и интервали помеѓу тренингот. :) Дел од многуте грешки, ќе се обидам да ги наведам сите, за да можеби му користат на некој вжештен во главата новајлија како мене во иднина.

          Но секако, како и досега блоговите кои ги читав за истава трка, и овој почнува да станува ултра долг, а како сеуште да не сум ни почнал да пишувам се чувствувам, веројатно поради тоа што импресиите од трката се ултра големи и ултра убави. Измешани чувства измешан текст. Незнам од каде да почнам, крајот, почетокот, средината, кризите и болките, неизмерната радост да се заврши ваква трка, перфектната организација... Да добрата организацијата е она парче, кое после моментот на лично задоволство да се помине низ оваа трка е најдоброто нешто, што забележувам и сите останати го доживеаа на овој начин. Перфектна организиација, одлично маркирана патека (враќањето во темница накај Трескавец се чинеше како на супер модерен автопат), доволно точки за освежување, волонтери за кои искоментирав дека ниту за пари и дневници не го прават ова луѓе толку добро и посветено.

еден од многуте виновници за добрата огранизација и добра маркација е Жикица, мој фаворит и морален победник, волонтер, организитор,.. тркач со освоено второ место на 64 км :)
           Приметувам дека кружам, кружaм и никако за трката да зборам, за мојата трка :). Ќе се обидам на кратко да објаснам што се случуваше таму, за што и за каков вид на трка се работи. Планинско трчање - трчање по земја, низ шуми, ливади, карпи, камење, прекрасен терен, уживанција. Единствено не-уживанција е што кога брзаш низ овој терен станува тешко. Ултра маратон зашто го надминува оној класичниот маратон од 42км, кој го среќаваме во Атлетиката. Овој 64 километарски ултра маратон е мал ултра маратон, постојат доста подолги и потешки. Дополнителна тежина претставува искачувањето, на оваа трка тоа беше 3000 метри надморска височина, значи сме искачиле од 0 до 3000 во текот на трката. Трката почна во населба Варош во Прилеп во 08:00, па искачување накај Трескавец, па од таму спуштање до село Дабница и езерото, па благо искачување до Плетвар, па многу стрмно искачување до врв Козјак, па стрмно техничко спуштање, па трчање благо угоре/удоле низ планина (фантастичен дел), па досадно рамно назад до езерото, па нагоре накај Трескавец, па назад надолу кон Варош.

висинскиот профил на патеката



          За мене оваа трка траеше 13 часа, да колку што беше лимитот на трката :), бев последен (пресреќен што завршив исто како да сум прв). Со побратимот Ангел тргнавме премногу лабаво, со план да штедиме енергија до првото искачување и надолу да забрзаме. Тргнавме премногу споро, веројатно 30 минути не чини тоа 'споро'.

лека полека кон првата софра, муабет...
на половина патека кај 'диско топката', 30 км на врвот Крстец или Козјак.. после стрмното искачување
          Незнам дали успеавме да заштедивме енергија,  јас како и да е тотално искризирав уште на втората точка која е 18 км. Пред Езерото веќе почнаа болки во колена, стапала, листови, препони.. Болките траеа цела трка, буквално цела трка со места каде беа многу големи со куцање додека се движев, за пак чудо на места малку да пушта и да можам да се движам брзо. Чудно или можеби не за искусните, на угорнините се движев многу брзо и без болки, надолу потешко, за на рамно најтешко. Деловите кои треба да се трчаат повеќето ги пешачев, или делумно ги пешачев. Очекував болки и еве уште една од грешките во долгата низа - тоа што не земав апчиња за болка. Ги користев геловите од Натусана кои помагаа за кратко, користев гелови за енергија кои помагаа по малку, повеќе во последната угорнина до Трескавец. На третата точка веќе имав веројатно милион пати помислено да се откажам, поради болка, или нервоза што дозволив да биде вака, поради тоа што го кочев Ангел кој иако беше во одлична форма беше покрај мене и ме бодреше наместо да брка убаво време и да ужива трчајки. Но токму ова негово бодрење, во најголемата моја криза, во пред последниот лимит кај езерото кој беше продолжен 15тина минути повеќе. До кој дојдовме во последната минута, и покрај упатството на волонтерот да се откажеме, некако собрав сила да се обидам да му возвратам на Ангел и да пробам да ја завршам трката поради него. Искрено во тој момент мислев дека тое е невозможно, дека дури можеби правиме грешка и беља што тргаме касно во дел кој не е лесен, пред стемнување со серизни проблеми во нозете за мене.
          Во тој дел после езерото следи убава борова шума, па благо искачување со симнување кон еден дол па многу стрмно искачување кон Трескавец. За чудо ова последно искачување го одев како најбрза моја делница, Ангел не можеше да ме стигне (само во овој момент :) ), чудо или тоа беа двата гелови кои ги кркнав незнам :). Но чудо како чудо, пак почнаа болки пред Трескавец, па последните 15 минути едвај движев, на места Ангел ми помагаше да поминам преку препреки, куцав како со скршена нога. Тука дигнавме раце, рековме тоа е тоа, да стигнеме и видиме што понатаму и како ќе се вратиме. Наидовме на весела и располжена освежителна точка - екипа. Наместо да ни укажат дека касниме, тие веднаш се впуштаија во нудење храна/пијалок бодрење итн.. ова малку ме пресече. Пак решив да се обидам понатаму со мотивите како и претходно, побарав за прв пат лекови, и земав две апчиња аналгин иако побарав 4 но не ми дозволија да испијам толку :), испив магнезиум, (кока кола не сум испил  толку од родендените во основно школо) и тргнавме да ја завршиме последната делница, наводно лесен пат удолу. Тука гласно размислував и спомнав дека можеби ја правиме последната и најголема грешка што тргаме касно со таква моја повреда и болка. Трпев, пешачевме многу брзо по што веројатно аналгинот проработе, почнав да трчам и речиси целата делница ја трчавме. Веројатно и единствената делница која ја поминавме со 'планинско трчање' наместо со 'планинско пешачење'. Цело време гледавме групи кои привршуваат пред нас во далечината забележувајки ги нивните лампи. Забележавме и дека некој сигнализира со лампа за правецот и знаевме дека сме близу. Брзавме тука како да нема утре, барем јас така се чувствував зашто не знаев кога ќе дојде делот со боли-и нема трчање туку болно пешачење. Воедно го бркавме и крајот на трката односно временскиот лимит, после кој ќе бевме дискфалификувани. Низ последните метри пред целта ни се приклучија деца кои трчаа со нас, се степаа по пат за кој да оди прв, на целта не пречкаа нашите пријатели, охрабрувајќи не и се друго понатаму е историја :). Влеговме на целта, задолжениот за мерење на времето ни го побара чипот, во меѓу време почнал концерт со гласна рок музика, пријателите дојдоа околу нас, аплауз, ни ставаат медали, ми даваат алва, сендвичи, вода, блицови фрштат, честито, честото, си викам ова вистина ли е или лежам без свест и сонувам на Маркови кули :)... жива вистина, успеавме да завршивме живи здрави (ок, јас не толку здрав).

радост
          Еве 8ми ден сеуште закрепнувам, болки во препони, колена и стапала, но веќе не велам дека 'никогаш веќе нема да го направам ова', иако признавам дека го кажав неколку стотини пати за време на трката. Признавам и пцувев повеќе од обично. Се исрцпив како никој пат досега, се надминав како никој пат досега, и иако верувам дека правам кул работи низ планините од време на време, се исполнив како никогаш до сега. Ние истрчавме, но огромна огромна благодарност до организаторот на трката што овозможи вакво искуство, што не инспирираше низ годиниве да се пријавиме, тренираме, за на крај да завршиме една ваква трка. Видов тркачи кои не истрчале полу-маратон, тренирале година дена а имаа импресивни резултати, па оној кој сака да види за што зборувам тука, има една цела година за спремање до следниот КМУТ. :)



:)


Wednesday, July 23, 2014

Планинска трка од село Белчица до врвот Меденица и назад "BM Trail 2014"

          Трчањето во нашиов крај а богами и низ светов станува се повеќе популарно. Кај нас можам да го приметам тоа од гужвата на кеј, новите неформални групи за трчање.. резултатите на некои од атлетичарите, Скопскиот маратон, а на мој најголем мерак - планинското трчање.
          Веќе неколку години ги приметувам овие маратонци, тркачи кои се тркаат во главно по планини, на мали кратки но крајно тешки и напорни трки (пример Церипашина вертикал километар) или доста долги трки, маратони или ултра маратони.. како оној најпознатиот во Прилеп КМУТ. И морам да признаам дека овие момци, планински тркачи, маратонци или ултра маратонци се моите outdoor херои во моментов во 'маше маало'. Некако неможам да останам рамнодушен на нивната сила, издржливост и ентузијазам да го градат успешно овој спорт во Македонија. Од неодамна има и ново здружение кое меѓу другите дејности најповеќе е посветено на овој спорт.. TREX, кое воедно ги зема најголемите заслуги според мене за развојот на овој спорт. Многу тренинзи, трки, искачувања на планина, едноставно ги има секаде овие TREX момци. 
          Пред три години на фестивалот за планински филмови ЕХО, имав прилика да ја видам презентацијата на Трајче Панковски и Жикица Ивановски - ултра маратонци кои ни го претставија спортот и нивното тогашно учество на најпознатата трка од ваков вид во светот, Lavaredo ultra trail која се случува низ Италијанските Доломити. Трајче тогаш на таа презентација, на духовит начин, обидувајќи се да допре до нас обичните луѓе рече " Идевме многу често на планина, сакавме да шетаме, и брзавме да стигнеме и видиме што повеќе убави места , па почнавме да трчаме.." Од тогаш ми остана желба, мојот придонес кон оваа активност да го направам со тоа што ќе учествувам на една ваква трка. Давав подршка на се што прават, но сметав дека тоа ќе биде моја најголема подршка да земам стартно бројче и да се пробам на една од овие трки.

Алпинистичко-велосипедската четворка.
Јас , Ангел Куртелов , Тања Пенева , Лазе Здравев.
          И конечно после три години тоа се случи, ја истрчав мојата прва планинска трка рамо до рамо со овие луѓе, "Луѓе како нас" на кои им се восхитувам во нивната посветеност. Не многу долга трка, 24 км со искачување надморска височина од околу 1300 метри, која за мене траеше 4:30 часа. После една истрчана ваква трка можам да кажам дека не е се само во силата, или кондицијата оделно, ниту само во менаџментот каде колку да потрошиш, туку е се заедно во сите овие нешта комбинирано и зачинето со уште неколку фактори, и пред се со силна воља да се даде од себе најмногу кога е најтешко. И тоа, ова е реалитивно кратка и не многу тешка трка. Еве со еден не стручен јазик се обидувам да го објаснам моето видување на планинското трчање. Сигурно ќе ја дадам мојата подршка и на уште некоја трка, иако прво нешто што го кажав штом завршив е дека е многу тешко. Но секако пред се е убаво, навистина специјално нешто е да трчаш во тие предели и да видиш толку многу наеднаш, а при тоа со секој направен чекор да знаеш дека се себе-надминуваш.
          Можеби наредната трка наместо 50-тина тркачи ќе има 150, и тоа ќе биде троструко поубава гледка за сите таму. :)

Повеќе слики и текст напишан од организаторите можете да видите и прочитате тука.

Колку и да се чини едоставно, но спушатњето не е толку лесно, бара многу повеќе концентрација и силни нозе за да не се дојде до повреда.

Некаде 20 минути пред врвот Меденица, ја пресретнавме водечката група која веќе се враќаше назад.

Да, си подскокнувавме од радост дека сме стигнале до половина, врвот Меденица, и сега одиме назад кон село Белчица, незнаејќи дека не чекаат уште неколку сурови угорнини + 14 км до зоната на комфрот и студена вода. :)



фотографии:
Лазе Здравев
Елена Диновска
Александар Зарапчиев