Wednesday, July 23, 2014

Планинска трка од село Белчица до врвот Меденица и назад "BM Trail 2014"

          Трчањето во нашиов крај а богами и низ светов станува се повеќе популарно. Кај нас можам да го приметам тоа од гужвата на кеј, новите неформални групи за трчање.. резултатите на некои од атлетичарите, Скопскиот маратон, а на мој најголем мерак - планинското трчање.
          Веќе неколку години ги приметувам овие маратонци, тркачи кои се тркаат во главно по планини, на мали кратки но крајно тешки и напорни трки (пример Церипашина вертикал километар) или доста долги трки, маратони или ултра маратони.. како оној најпознатиот во Прилеп КМУТ. И морам да признаам дека овие момци, планински тркачи, маратонци или ултра маратонци се моите outdoor херои во моментов во 'маше маало'. Некако неможам да останам рамнодушен на нивната сила, издржливост и ентузијазам да го градат успешно овој спорт во Македонија. Од неодамна има и ново здружение кое меѓу другите дејности најповеќе е посветено на овој спорт.. TREX, кое воедно ги зема најголемите заслуги според мене за развојот на овој спорт. Многу тренинзи, трки, искачувања на планина, едноставно ги има секаде овие TREX момци. 
          Пред три години на фестивалот за планински филмови ЕХО, имав прилика да ја видам презентацијата на Трајче Панковски и Жикица Ивановски - ултра маратонци кои ни го претставија спортот и нивното тогашно учество на најпознатата трка од ваков вид во светот, Lavaredo ultra trail која се случува низ Италијанските Доломити. Трајче тогаш на таа презентација, на духовит начин, обидувајќи се да допре до нас обичните луѓе рече " Идевме многу често на планина, сакавме да шетаме, и брзавме да стигнеме и видиме што повеќе убави места , па почнавме да трчаме.." Од тогаш ми остана желба, мојот придонес кон оваа активност да го направам со тоа што ќе учествувам на една ваква трка. Давав подршка на се што прават, но сметав дека тоа ќе биде моја најголема подршка да земам стартно бројче и да се пробам на една од овие трки.

Алпинистичко-велосипедската четворка.
Јас , Ангел Куртелов , Тања Пенева , Лазе Здравев.
          И конечно после три години тоа се случи, ја истрчав мојата прва планинска трка рамо до рамо со овие луѓе, "Луѓе како нас" на кои им се восхитувам во нивната посветеност. Не многу долга трка, 24 км со искачување надморска височина од околу 1300 метри, која за мене траеше 4:30 часа. После една истрчана ваква трка можам да кажам дека не е се само во силата, или кондицијата оделно, ниту само во менаџментот каде колку да потрошиш, туку е се заедно во сите овие нешта комбинирано и зачинето со уште неколку фактори, и пред се со силна воља да се даде од себе најмногу кога е најтешко. И тоа, ова е реалитивно кратка и не многу тешка трка. Еве со еден не стручен јазик се обидувам да го објаснам моето видување на планинското трчање. Сигурно ќе ја дадам мојата подршка и на уште некоја трка, иако прво нешто што го кажав штом завршив е дека е многу тешко. Но секако пред се е убаво, навистина специјално нешто е да трчаш во тие предели и да видиш толку многу наеднаш, а при тоа со секој направен чекор да знаеш дека се себе-надминуваш.
          Можеби наредната трка наместо 50-тина тркачи ќе има 150, и тоа ќе биде троструко поубава гледка за сите таму. :)

Повеќе слики и текст напишан од организаторите можете да видите и прочитате тука.

Колку и да се чини едоставно, но спушатњето не е толку лесно, бара многу повеќе концентрација и силни нозе за да не се дојде до повреда.

Некаде 20 минути пред врвот Меденица, ја пресретнавме водечката група која веќе се враќаше назад.

Да, си подскокнувавме од радост дека сме стигнале до половина, врвот Меденица, и сега одиме назад кон село Белчица, незнаејќи дека не чекаат уште неколку сурови угорнини + 14 км до зоната на комфрот и студена вода. :)



фотографии:
Лазе Здравев
Елена Диновска
Александар Зарапчиев

Wednesday, June 18, 2014

Кавала\Ираклица // Олимп // Метеори

          

          Што да се спомне каже повеќе за Грција.. Сигурно има многу но за мене познато е само узото, убавото море, многу убави острови, Самотраки Денс фестивал :), фамилијарни одмори на Халкидики, маслинки, маслинов, и не многу повеќе од тоа.
          Бев среќен минатата недела за кратко време да имам кратка екскурзија низ неколку различни места во Грција. Прво на море во Кавала, односно Нова Ираклица, па горе кај боговите на Олимп и на крај близу Марс на Метеори

Плажата каде бевме сместени малку подалеку од Ираклица
Пристапот кон карпите кој трае 10 минути
          Во Ираклица отидовме повеќе од причина да се сретнеме со наши добри пријатели од Бугарија, качувачи кои таму често ги поминуваат викендите на убава осамена плажа со многу кратки спортски насоки во близина кои се во сенка речиси цел ден. Преубава изолирана плажа, сонце од рано, и многу компактна квалитетна карпа на 10 минути растојание. Некој имаше критики за многу одалечените клинови во карпата, но нам не ни пречеше, некогаш е убаво да се испотиш и од малку страв наместо од тежина :). Доста од насоките беа и по две должини, а имаше и многу линии и пукнатини неоклинчени и оставени за качување традиционално во чист стил. Ние пробавме две од традиционалните.



На една од насоките кои ги качивме традиционално односно во чист стил
На насоката Alexandroz, според тамошните, ова било првата тешка насока на овој локалитет направена пред 30 години од страна на некои Француски качувач.
Кирец во обид да ја качи традиционално насоката Армагедон
          Четири денови море и качување и решивме дека ни е доволно па отидовме да си ги оладиме главите на Олимп. Димитрис, локален Грк кој го запознавме во Ираклица ни објасни за убаво место за кампување на Олимп, близу до вода и задскриено од луѓе. Таму го направивме нашиот камп. Искачувањето го почнавме од Приони - 1100 метри, до каде се стига со кола. Од таму до првиот планинарски дом на 2100 патека која ја качивме за 2 часа, па после мала пауза кон круната на Олимп. Ги искачивме врвовите Скала, Митикас - 2918 метри и највисокиот кон кој се приоѓа по малку експониран карпест дел.
поглед кон врвот Митикас
И покрај магијата на Егејското море, местото на боговите во Грчката митологија тотално не избезуми. Преубави гледки, не многу тешка патека и совршени временски услови за планинарење. Се спуштивме под врвот низ кулоарот кој е една од патеките за приод, па направивме мала прошетка под врвот Стефани и алпнистичките насоки кои се во тој дел на карпите.

кампот во шумата на Олимп, здравица со Грчко црвено вино и рижото.
Голем потенцијал за качување долги алпинистички насоки
Искачувањето на Митикас не е воопшто тешко, но на места експонирано и стрмно
Митикас 2918
Врвот Стефани со најголемит дел на алпинистички насоки во овој дел, каде има насока и Комичи.
После речиси целодневна прошетка се регенериравме во студена река и наздравивме со ладно пиво Mythos
          Две ноќевања во ладовина и на високо доволно не освежија и се упативме кон Метеори. Тоа чудно место на кое има манастири на високи камени столбови кои никнуваат од земја. Навистина невообичаено место. За жал немавме многу капацитет за да ги впиеме сите импресии после убаво поминато време на море и таков џин како Олимп, па на Метеори поминавме скромни три денови со една искачена насока на еден од столбовите. Велам скромни три денови зашто местото е посебно и таму има што да се прави и види. Се ориентиравме што да качуваме според стар Германски водич напишан во 80-тите. Малку беше тешко да се ориентираме и движиме. Имавме еден неуспешен обид да најдеме насока која сакавме да ја качуваме (одбрана поради тоа што е во сенка) зашто се најдовме во лавиринт од големи столбови кои не вртеа во круг. Комбинирано со топлото време тоа беше многу исцрпувачки.




          Вториот избор беше една класика на Метеори, насока од 9 должини и 250 метри Traumpfeiler или Pillar of dreams или по наше "Столб на соништа". Имавме многу слушнато за специфичноста на овие насоки на Метеори, многу раздалечени клинови меѓу кои нема многу простор за ставање сопствено обезбедување освен некои ретки места. Како облакодери од цемент и мали камчиња, црвсто и мазно соединети на кои тешко е да ја наоѓаш линијата по која се качува. Ова се насоки кои не можат природно да се качуваат безбедно, насоки кои немаат или ретко имаат логични линии освен камините и пукнатините. Мене лично ми беше страшен моментот дека сум оставен само на неколкуте заковани клинови, на некои места по 10-15 метри одалечени кои беше тешко да се наоѓаат, и некако неприродно го чуствував искачувањето, препуштен на нешто што не го знам а не зависи од мене воопшто. Сепак архитектите на овие насоки уште пред 30-тина години оставиле силни етички правила, велат без ставање дополнителни клинови, без користење многу магнезиум и да се оставаат траги на карпата, "ако ви е тешка насоката и се потите многу па ви е потребен многу магнезиум, тогаш е подобро да качувате на полесните и попријатни за вас насоки.." пишуваат тие. Секако имав возбудливо и убаво качување, би одел пак но не во лето (ужасно жешко) туку во пролет или есен.

Елена во каминот некаде на средина на насоката, клучниот детал во оваа насока.



Каминот во кој користевме доста чокови и френдови да ја надополниме нашата самодоверба.


На врвот на столбот на соништата.
          За мене Грција се појави во едно инакво руво, многу убаво, далеку од туристичките стереотипи иако бевме на места кои им се туристчки експлоатирани, сепак различно доживување.

note 28/05/2015 : Го разгледувам сега овој блог пред се поради убавите слики од тоа наше патување, и кога ја видов оваа последнава, каде стоиме на Столбот на желбите/соништата, или како што се вика насоката во превод од Германски Traumpfeiler или Pillar of dreams се сетив дека си замислив желба, нешто што ретко го правам на крајот на искачена насока, но поради името на оваа и поради мистичноста на целото место Метеори го направив.
          Не е важно како ја формулирав точно желбата, искрено не ми ни текнува точно, но интересно за мене е дека сега, 12 месеци подоцна  ја имаме Бела нашата новородена сега 3месечна ќерќа. И не може да ми текне ништо подобро што би можело да биде како остварена желба:).

Thursday, March 20, 2014

Месечување #5


          Месечување е настан кој спонтано се договоривме така да се вика, веќе пишував за ова кај Месечување#1. Тоа е неформален собир во кој се искачуваат долги алпинистички насоки ноќно. До сега имаше вакви 5 официјални средби. Многу повеќе неофицијални.. Идејата е да се дружиме ноќе, малку да тренираме ноќно качување кое е потребно да се знае.. но многу повеќе да избегаме од топлото време во лето и навечер кога ќе разлади да качуваме.. да украдеме малку време за качување после дневните работни обрвски, забава пред се.

екипата од Месечување #5

          Вторникот се одржа Месечување #5, малку после полна месечина но доволна сјајна. Одлично пролетно време, 6 алпинистички наврски, 13 качувачи, и качени 6 различни долги алпинистички насоки. Отмар лева варијанта, Отмар, Матка лева, Циго, Ветерански и Борник се имињата на качените насоки. До наредното месечување..

собирање кај чамците

Чамец 1

чамец 2

припреми за качување

припреми и обезбедување


Тања Пенева на насоката Матка лева, второ сидриште.


Хекуран Зекири имаше прво качување долга насока (па уште ноќно) и дебело си ја заслужи иницијацијата за 'прво качување' долга насока..




Елена Диновска на излезот од Отмар лева варијанта

уживање на последното сидриште под 'речиси' полната месечина која не успеавме да ја фото-доловиме.


Wednesday, March 19, 2014

Нејзиното височество - Кобилица

          Голем притисок имам со почетокот на овој текст. Делумно зашто се работи за долго посакувана дестинација, делумно за да напишам текст со кој ќе се збогувам со оваа скијачака и турно сезона.
         Кобилица е врв висок е 2528 м во централниот дел на Шарпланинскиот масив. Изгледот е многу специфичен, има стрмна пирамидална форма, која е веројатно најспецифична од сите врвови во Македонија со оштри карпести делови западно од врвот односно гребенот Трескавец.. Приодот се прави најчесто преку источната страна од селото Бродец (од каде ние пријдовме) или селото Вејце. Северната и јужната страна се многу стрмни за качување, воопшто качувањето во зима се избегнува поради стрмнината и опасноста од лавини. Од овој наш обид имаше и многу поубави и со снег полни денови, но ете испадна да одиме баш сега на 14 март.

врвот Кобилица со дел од скијанта линија

          Тргнавме од село Бродец петмина пријатели: Гоце Таневски, Хекуран Зекири, Елена Диновска, Кастриот Арифи и јас, дел од повеќе члена група во која веќе неколку години се дружиме и ги реализираме нашите скијачки афинитети. Групата е неформална, но веќе се шири и со многу изработени зад себе ски акции заслужува да прерасне во формална дружина од повеќе луѓе. Најпрвин ги откривавме пред неколку години недопрените линии со нов снег надвор од стазите за скијање близу центарот Попова Шапка, за подоцна да почнеме да ги искачуваме околните врвови со опремата на грб, од пред две години почнавме да се интересираме и полека да набавуваме турно опрема, тој дел ни ги отвори хоризнотите многу повеќе. Можевме да се движиме подалеку, да заштедиме енергија, да не пропаѓаме во снегот, а воедно и да не ни тежи опремата на грб. Сезонава не искачивме оноколку колку што сакавме, но многукратно ја зголемивме бројката на ново посетени врвови, нови линии и истите скијани надолу.. имавме фантастична сезона, безмалку најдобра до сега.



почетокот на шумата над селото Бродец

првото снегче

Сериозни сме и правиме планови за можните линии за скијање, да имаше потреба од разладување

           Шумата над селото Бродец траеше многу повеќе одошто очекувавме, речиси три часа со опремата на грб низ шумата додека стигнеме до снегот, некаде под источниот гребен на овој врв од каде што полека почнавме да искачуваме. Тргнавме касно како за на ваква сериозна тура, така да штом стигнавме до снегот, за нас полесниот дел, веќе жештината и сонцето беше во полн ек, беше жега која не истроши најмногу од целото искачување. Снегот мокар и тежок за движење. Искачувањето одеше бавно. Малку виновни за бавното движење беа панорамите наоколу, речиси секој момент застанувавме да гледаме наоколу. Од десна страна преовладуваше грандиозниот Црн врв со карпите под него од Косовска страна.. но од десната наша страна, апсолутно доминираа врвовите Бакардан, Кара бунар, Титов врв,.. карпите над Лешница.. врвови кои  никогаш не сме ги виделе од таа перспектива.

Титов врв

со опремата на нозе веќе е полесно



последните метри пред врвот беа стрмни, таму мораше пак да качувме со опрема на грб, поглед кон Титов врв

          Да скратам со описите кои можат бесконечно да траат, искачувавме околу 7 часа. Бевме околу 16 часот некаде пред врвот, одприлика околу 100 метри под него. Бевме решени дека ќе искачуваме до 15:30 по што продолживме до 16 но сепак не беше доволно. Петмина со само две челни лампи и сериозни стрмни кулоари за скијање и парчиња снег за спојуваање, решивме да се спуштиме низ еден кулоар кој се покажа како одлична линија и да оставиме повеќе за нареден пат.
          Некој ќе рече дека се брои само искачувањето на врвот, но за нас се брои обидот тука, се брои што после години мечтаење конечно и се приближивме на оваа планинска убавица, што чепнавме малку од нејзината убавина со надеж за многу повеќе наскоро. Воопшто не беше дилема дали да одиме уште нагоре или не, веднаш беа погледите насочени надолу кон можните линии за спуштање. Заеднички ја утврдивме линијата, односно кулоарот по кој ќе скијаме, Хеки тргна прв и увидовме дека се работи за добар избор. Не очекувавме премногу од тоа спуштање, веќе во сенка мислевме ќе лизгаме на мраз, наспроти тоа испадна супер линија со не толку лош снег и многу фини 'вртења' во снегот. Искијавме до еден поток што извираше под оваа линија да наполниме вода веќе дехидрирани и без вода од часови претходно. Се сликавме со врвот и влеговме во шумата за пак со опремата на грб да пешачиме назад кон Бродец. Овој пат во темница но и многу полесно од искчуавањето, не поради одењето надолу, туку поради чуството на задоволство кое сите го имавме од оваа средба со Кобилица. Во селото во 19 часот, и целосно тура од околу 11 часа.

          Помалку текст од ова нема шанси, повеќе слики од ова џабе пак, само мора да се качите на Кобилица и да видите за што се збори тука.. :).


Гоце Таневски се мисли пред влезот во кулоарот

Хекуран Зекири






после спуштањето насмевки на лицето и поглед кон врвот и скијаната линија

Линијата што ја скијавме


ииии пак со опрема на грб враќање назад низ шумата над Бродец