Wednesday, April 3, 2019

Нова првенствена насока во Демир Капија - "Вардар Директ" V/VI+


Жолтата линија е Вардар Директ, црвената е Доручек без ребро, сината Тријатели

          Требаше Вардар да се повлече, и да овозможи пристап по земја, за да конечно успеам да направам обид за првенствено качување во кањонот на Демир Капија.
Насоката која ја качувавме со партнерот Ангел Куртелов се наоѓа на 'другиот дел' ако карпата ја поделиме на два големи дела, со паркингот од тунелот во средина. Штом паркираме и тргаме кон Вардар, наместо вообичаено кон повеќето алпинистички насоки во десно, вртиме во лево кон еден огромен дел од карпата, кој досега има само неколку алпинистички насоки, на самиот почеток.

Таму веќе имав два обида, еднаш со Христо Ежовски и вториот пат со Маја Мухиќ, но едноставно не можевме да пристапиме. Пристапот кога е надојден Вардар подразбира траверс од две јажиња, околу 120 метри траверс со оцена 4+/-  и притоа поставување сопствено обезбедувaње. Најмногу стигнав 60 метри вториот пат со Маја.


          Сега силум природни прилики и неприлики, Вардар е повлечен и можеше да се пријде пеш, со исклучок на неколку метри каде што требаше да изгазиме вода. Овој трет обид го имавме со Ангел Куртелов. Знаев дека нема да има изговори сега штом стигнавме до карпата и дека ќе мора да се качи очигледната линија.

Во жлебот на првата должина, некаде на средина пред пукнатината.
          Почнува во изразен жлеб, од лево мазна плоча со црн мов а од десно столб или гребен. Жлебот од далеку личи на пукнатина која ја всушност ја нема, се до средината кога се појавува пукнатина која следи се до искачувањето на столбот каде е и првото сидриште од два клина и еден чок (имаме оставена црна солидно закована кајла).

Ангел, излегува од првата должина на полицата каде имавме сидриште

          Тежината е прифатлива, оцена до некоја комотна 5ка,  кон средината на 30тина метри следи превис, кој е голема превисеста пукнатина, под него заковавме клин и тој сеуште е таму. Пукнатината и превисот иако изгледаат грандиозно, се поминуваат сигурно и многу логично, дилферски се држи пукнатината во твое десно, а со нозете на триење во плочата. Тука следуваат многу убави солидни движења кои едноставно радуваат, веројатно најубавиот дел од насоката е тоа.

          Втората должина оди благо во десно и заобиколуваме плочест и целосно мазен дел од околу 25 метри до второто сидриште на дрво. Не многу тежок терен, но малку точки за обезбедување и бара голема концентрација.

Втората должина, која малку скршнува од директната линија кон дрвото.
Втората должина, која малку скршнува од директната линија кон дрвото.
          Третата должина како што почнува нагоре веднаш се забележува драстично потежок терен, кој полека се враќа во Лево, за да надвисне вертикално точно над првата должина.



Над нас превис, лево мазна плоча на која требаше да се префлиме без места за стоење и држење, само триење..

          После 5 точки од кои 2 клина заковани во превис (висеа надолу и не им верував :) ), наидовме на првиот тврд орев или загатка. На ова место карпата полека станува превис, и логично е да се оди кон нешто налик пукнатина, односно горе превисот како мало таванче и долу под пукнатината налегната сосема мазна плоча со црн мов и ништо за држење стоење. Оваа загатка ни одзеде повеќе од еден час време да ја решиме.
          После повеќе варијанти успеавме (висејќи на двата клинови забиени во превисот) и многу мирно залепени и налегнати  на мазната карпа со црн мов да траверсираме два метри во лево, да го избегнеме превисот но да заглавиме сред плоча. Сред плочата благодарение на тоа што поставивме една кука, успеавме да вратиме дел од самодовербата и да забиеме два клинови малку погоре, по што со неколку многу деликатни движења (јас си ги нарекувам како да одиш по јајца) се успева да се излезе од превисот и да се продолжи во другиот дел од жлебот, или пукнатината која всушност ја нема ниту горе.
Конечно после час, или час ипол борба излеговме над превисот и плочата која веројатно е најкомплексниот детал од насоката.
          Жлебот е повторно многу широк, нема место за главење тело, раце, прсти френдови или чокови, покрај нас имаме столб од десно, и мазна плоча од лево.
Ова качување до следното сидриште по ваков терен и со ист интензитет трае 60 метри, и ни требаа околу два ипол часа (за водењето) да го минеме. Во должината употребивме сет френдови, скоро цел сет чокови, сет хексови, две куки, и 8 или 9 клинови (кои ги оставивме во карпата).
Оваа должина не исцрпи тотално, особено мене, и на третото сидриште стигнав само со еден френд на појас и алатка за обезбедување.
По ова следуваше уште една – последната должина од 40 метри по гребенот кој надвиснуваше над нас од самот почеток во насоката.

Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.
Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.

Веќе високо во третата должина, Ангел се приближува кон третото висечко сидриште.
           Тоа што е добро и лесно во насоката е ориентацијата односно каде треба да се движиш (во случај да сакаш да напредуваш само право, зашто имаше излези во десно, кои можеби беа полесни или потешки). Точки за обезбедување имаше, но сепак не многу, затоа и не се осмеливме на сидриште во таа трета должина и ги теравме оптимално 60те метри од јажето, инензитетот на третата должина направи да не исцрпи целосно, особен психички, не го очекувавме тоа. Можеби малку повеќе мислевме дека ќе има пукнатина во која ќе си ‘играме’ со големите френдови и хексови. 

Искуство подеднакво убаво и стресно, наша прва заедничка насока, дел од проект во кој ќе следат уште многу нови.


Со сеуште не средени 'стомаци' од качувањето, ова е нашето мислење за спецификацијата на насоката: 

Локалитет: Демир Капија,
Качувачи: Ангел Куртелов и Александар Зарапчиев 30.03.2019
Име: Вардар Диркет
Оцена: V/VI+
Должина: 4 должини, 180 метри +/- 
Потребна опрема: Сет френдови, сет чокови, хексови, барем 15 гуртни и карабинери. Време на прво искачување: Околу 6 часа. Поглед на линијата со исцртана скица:


Поглед кон картата од Вардар


Thursday, August 30, 2018

Нова насока во кањонот Матка - "Лего" 4-/6+

          Долго време сакав да качам нова првенствена насока на Матка. И конечно после 3 обиди на две различни карпи на Матка, од кои два обида токму на оваа линија успеав да искачам нешто.

Карпата видена од пешачката патека покрај езерото. Искачената линија обележана со црвено.

          Се работи за карпа подлабоко во кањонот кон пештерата Врело, од левата страна на езерото и потребно е да се пристапи со чамец. Локалните ја препознаваат по местото кое го нарекуваат Козарево, кое следи веднаш после карпата и каде сега се наоѓа една викендичка. Се забележува од спротивната страна на езерото, и кога се поминува низ преминот со дупка во карпа, ако се оди по пешачката патека покрај езерото.

Розевата е линијата на движење нагоре, жолтата краткиот отстап и абзелите.

          Маркантна е и лесно забележлива ако се возите со чамец или веслате кајак, има облик на пирамида, или триаголник. Под карпата се забележува убаво формата, вертикалната изложеност, како и интересните детали во горниот дел од карпата. Доста е обрасната со вегетација, на неколку места прави малку лажен изглед како да се оди по трева. Има многу не само расклатени, туку блокови кои само си седат еден врз друг, од најмали до огромни како автомобил. Верувам дека возможно е целосно да се исчисти рутата, да нема вегетација и да се отстрани се што е вишок расклатени камења.
Особено е интересен стартот на насоката,  изводлив е само од чамец, нема друг начин да се пристапи до карпата.

Првиот обид го имав со мојот партнер Елена Диновска на 25 август 2016та. Тогаш веславме сами со кајче кое го 'усидривме' на почетокот на рутата и тоа служеше како прво сидриште од каде што тргнавме и во кое што директно абзелувавме после првиот неуспешен обид.

Нашиот превоз и сидриште во првиот обид.
          При овој прв неуспешен обид, двајцата стигнавме до првото сидриште во една должина од јаже (сегашното сидриште број 2), јас успеав да стигнам до сегашното сидриште број 3 (полицата и траверсот на сегашната насока) каде што веќе ме имаше фатено темница, и едноставно не можев да го најдам решението во темница, поточно 'не ми држеше' :).

Елена пред првото сидриште во првиот обид.

          Се сеќавам дека тој прв пат се движевме брзо и сигурно, за разлика од следните два пати. Јас имав два абзели, а Елена само еден, директ во чамецот кој беше усидрен во езерото на почетокот на насоката. Многу интересно, педантно и практично.

Од првиот обид со Елена, абзел - директ во кајче.

          Вториот обид го имавме повторно со Елена Диновска, на 30 април 2017, ден кој навестуваше дожд, но сепак решивме да се обидеме. Тогаш имавме приватен превоз од нашиот добар пријател Исмаил, човекот кој ги менаџира туристичките чамци во кањонот Матка.

Превозот од вториот обид со нашиот пријател Исмаил.
          Тој не чекаше да се качиме малку на карпата, направиме прво сидриште веднаш над езерото па не остави да качуваме... со договор да се врати да не земе штом завршиме, и да не проверува од време на време. Овој пат, стигнавме двајцата само до првото сидриште бидејќи не фати дожд (сега второ сидриште), од каде што направивме абзел двајцата.

          Со Хекуран Зекири, тргнавме од чамец директно, искачив 15 тина метри и направив сидриште од каде што тргнавме двајцата. Чамецот беше потребен само 5-10 мин додека го искачиме тој прв дел - првата должина од 15тина метри и оцена околу 4-. Додека патувавме ја спремивме опремата и јажињата.
Имавме сет френдови, два сета чокови, сет хексови, две Руски куки, и 6 клинови, замки и карабинерчиња. Навидум многу опрема, но третото, особено четвртото јаже си изеде речиси се па го оправда носењето толку парчиња.

          Втората должина почнува по лесен терен малку во лево, се заобиколува едно дрво, и се излага на полица која ако се следи оди до левиот раб на карпата, или се влага директно после дрвото нагоре во жлеб, кој има оцена околу 4+ со малку точки за обезбедување (првиот интересен детал). Тука искористив два стопери - чокови, френд 0.5 и една кука. Нагоре станува малку полесно за повторно да се влезе во еден изразен превис но прилично лесен со големи и здрави фаќалишта, по што повторно се оди малку во лево во лесен и искршен терен (доста ронливо во овој дел), за кога ќе се дојде на најизразената линија од левата страна на карпата да почне да се качува кон десно, преку една полица со трева на неа и неколку скококви (има пукнатини во кои влагаат само најголеми хексови или френдови 5-7 број) до првото сидриште каде има големо здраво дрво, и каде што почнува пукнатината од третата должина која исто може да се употреби за правење сидриште.

Пред третото сидриште, тревестиот дел и мал траверс во десно.

          Хекуран требаше да ја води оваа должина, јас ја имав минато 2 пати и иако по оцена не е многу тешка, според мене е исклучтелно комплексна со немање многу опции за здрави точки наспроти голема ронливост. Предложив да ја водам јас оваа, а тој третата, иако потешка но барем со поквалитетна карпа.

Третата должина е убедливо најтешка, компактна карпа и сосема различен терен од се друго на насоката. Почнува во широка вертикална пукнатина, која натежнува во лево, а во лево има плоча без ништо за држење и застанување. Функционира само главење патики во пукнатината, а нагоре како што се шири главење цели нозе и тупаници.

Десно од 'широката пукнатина' имаше потенка, која можеше да се задржи само на почетокот, Хекуран се обидуваше во многу обиди да излезе над пукнатината и однадвор да помине наместо да се глави во пукнатината, но постојано натежнуваше во лево кон мазната плоча.

          Хекуран почна на третата должина, стави две солидни точки, се издигна нагоре високо, каде што веќе немаше можност да се стават нови точки, и беше потребно главење тело уште некој метар погоре за да се дојде до првите места каде може да се осигура.
Заедно заклучивме дека можеби е побезбедно да се се врати, за да се обидам јас, зашто веќе два пати претходно бев на карпата.

Обиди да се најде соодветна големина на чок/френд за обезбедување.
          Во горниот дел од пукнатината може да се пикне цело тело, таму е најтешкиот детал кој според мојот "stress level" таму тој ден, ќе речев е со оцена 7, но ајде да се соземам и да претпоставам дека претерувам и не е повеќе од 6+, туку е само со многу оскудни места за точки за обезбедувње. Широко е за да се напредува со главење нозе/раце, нема стојалишта (нагоре станува и подлабока) и излезот од тоа е превисест, и како што спомнав малку натежнува во лево кон таа мазна плоча.
Иако реков ова е нај компактна должина сепак има и тука блокчиња кои мрдаат, па стресот е голем. Параноично на излезот од превисот ставив 3/4 чока, две гуртни како на запчиња закачени и еден френд. После излезот од превисот и од широката пукнатина, следи 10 метри експониран терен без многу можност за точки и да заврши во широка и мазна рампа, тука е полесен терен но сепак некако несигурно и сакаш да го минеш брзо овој дел. На крајот од рампата, се преминува малку во десно преку една убава и солидна пукнатина оцена мислам околу 5+, неколку прекрасни движења, па скок и повторно незгоден и мазен превис, оцена околу 5 преку кој се доаѓа до третото сидриште на полица, кое беше направено од чок, хекс и делумно од дрвото.

Излезот од пукнатината во третата должина, односно ронливиот дел кој след пред рампата.

Хекуран во третата должина, втората пократка пукантина после рампата.
          Четвртата должина почнува, над оваа полица има превисест рамен дел, личи како да има пукнатина во средината, но во која неможе ни клин да влезе директ нагоре, така се обидував и првиот пат и сега, но едностанво не можев да се кренам, уште помалку да ставам солидно обезбедување, ќор сокак. По тоа пробав неколку метри во лево, има убав терен нагоре, изгледа супер многу компактна карпа, но без видливи точки за клин, чок, френд. Треба доста психа да се мрднеш едно 4-5 метри во лево, па да се кренеш уште едно 3/4 метри над сидриштето, па можеби да следи нешто подобро :). Возможно е, и изгледа убаво, ама не се чуствував тој ден спремен за такво нешто, каде што еден пад ќе ме фрлеше накај Врело. Ќор сокак број два.

Во обид да најдам излез од левата страна.
          Па трета мајка, се вратив назад до сиддриштето, тргнав во десно траверсирајќи, каде успеав да закачам две куки, па да продолжам уште 2 метри во траверс, да забијам клин (единствениот оставен во насоката) и да добијам малку самодоверба за да продолжам уште неколку метри во траверсот десно, по што следи превис, но со две три здрави точки френд/чок и нагоре веќе да излезам од тој вертикален дел. И низ неколку скокови од огромни блокови со широки  пукнатини, 20тина метри погоре до последното и 4то сидриште.
Веќе на излезот од траверсот во четвртатат должина, се гледаат двете поставени куки и единствениот останат клин.

          Иако пукнатината е несомнено потешка од се друго, Хекуран рече дека како втор овој траверс било хорор да се оди, и верувам дека е така за вториот кој ќе следи, и се согласувам дека тука во следна прилика ќе биде добро да се остават повеќе клинови, зашто нема можност за друг вид на обезбедување.

          Последното сидриште е на голем камен/карпа, со две големи замки. Првата идеја ни беше да го искачиме целиот гребен кој прво над насоката е лесен и речиси рамен, а после следат некои големи скокови па и карпи од по 20тина метри за искачување, и да излеземе некаде кај селото Света петка, па преку Трло, Шишевски да се вратиме назад. Мислам дека е убаво ако се има време да се извиди тој дел, 'таму горе' се отворија многу нови карпи, кои не се забележуваат од езерото, па добро е да се разгледа. Сепак прегазени од времето се вративме со абзел.

На последното 4то сидриште.
          Од последното сидриште малку се спуштивме во лево на карпата, направивме абзел на едно големо дрво. Возможно е и на карпата од последното сидриште, но сметавме дека е подобро за јажето на овој начин. Следеше еден голем абзел до второто сидриште, на полицата, долг околу 50/55 метри. Од второто сидриште уште еден голем абзел околу 45 метри. и на Крај уште еден Абзел од 15тина метри до самииот чамец.

Насоката решивме да се вика "Лего", при опишувањето на теренот на повеќе наврати несвесно го употребивме тој термин, дека има различни фрагменти наредени како лего коцки една врз друга.
А локалитетот, доколу не постои некој топоним веќе, мислиме дека е интересно да се нарекува "Козарева Пирамида."

Грубо сметаме дека насоката со движењто лево / десно добива должина од околу 120 метри +/-. Следен пат ќе обрнеме повеќе внимание на овие детали.

          Теренот, ронлив, со земја, вегетација трева/грмушки и по некое дрво. Многу расклатени блокови, многу ѓубре од паднати карпи. Мислам дека може се тоа да се исчисти, и од земја, вегетација и од расклатени блокови. Насокава може да биде сосема безбедна. Си бара само еднодневна акција на буткање блокови и чистиње од вегетација.
Сепак многу убаво чуство за качување, со погледот надолу кој завршува веднаш во вода, во тишина, далеку од луѓе и бучавата ресторанот, и од вообичаените мајмунски крици кои се почесто ги слушаме од туристите кои се движат околу ресторанот на Матка под Отмаровата карпа.

Ќе бидам среќен некој да ја повтори, да каже како било, јас сум премногу субјективен, можеби грешам за нешто околу оцената или теренот. Но сигурно не грешам,кога велам дека е вредна за да се проба и нуди добар предизвик и забава. На истава карпа има од десната страна по убава линија, видлива пукнатина од долу до средина, за после да почне да преоѓа во лево, со голема пукнатина под еден превис, обоена е жолто, неможе да се утне. Ова ми е следна идеја, но сепак, не се лутам ако некој ja проба пред мене :).

Локалитет: Козрева Пирамида,
Први искачувачи: Хекуран Зекири и Александар Зарапчиев, 28.08.2018
Име на насока: Лего
Оцена: 4-/6+
Должина: 4 должини, 120 +/- метри
Потребна опрема: Сет френдови, сет чокови, 10 клинови, многу гуртни и карабинери.
Времетраење на првото искачување: 5 часа и 30 минути.

Скица од насоката:

Доколку некому е потрбна, ќе ја доставам во висока рез.




Monday, September 18, 2017

Солунска глава - насока Воскресение

          Откако прв пат дознав за овој локалитет, во периодот кога веќе качував карпи, посакав моето прво доаѓање на оваа голема карпа да биде првенствена насока, и така долго ја одложував мојата посета, обидувајќи се да бидам подобро спремен за таа средба.



          Макар тоа да биде и некоја лесна насока, гребен со оцена III +/-, се разбира, не дека оцената III ја потценувам. Тежината никогаш не ми претставувала  проблем за одбирање насока, така да често влетувам во насока претешка за моите способности, и уште по често уживам во лесни и прекрасни класики, речиси со истиот драж како и тешките. Важна е линијата која ја качувам, важна е приказната зад насоката, стилот во кој е прв пат искачена, што таа нуди како предизвик и комплексност, и што бара од мене како алпинист да направам и умеам за безбедно да ја качам.

          Иако моето прво доаѓање на Нежиловите стени не беше првенствена насока, за среќа ништо не недостигаше од она што е потребно за да биде налик такво искуство. Карпата е толку голема, толку специфична за ориентација, уште повеќе за поставување обезбедување и движење, што веројатно секое наредно доаѓање тука ќе биде како прво. Се разбира, со оваа моја импресија не би сакал да им земам од кредитот на првите искачувачи, пионерите кои дефинитивно биле смели, и на кои им се поклонувам за визионерските линии, силата и храброста да работат на тој 'специфичен' карпест терен. Тешко е да се опише колку е карпата голема, и колку голем потенцијал крие. Се надевам дека новите генерации во еден момент ќе направат пресек, и ќе одговорат соодветно на овој предизвик, со искачување на нови насоки но и почесто повторување на старите класики.

          Ова мое прво доаѓање на Нежиловите стени го имав со Зоран Мајсторски, алпинист инструктор од Радовиш, АК ПЛОЧА и ја качувавме насоката Воскресение, иако се знаеме долго, ова е наше прво заедничко качување. Насоката ја поминавме со 10 или 11 должини јаже, за околу 5 часа и нешто ситно. Притиснати од работни обврски и време, ја одбравме по тешката варијанта за ова качување, во еден здив приоѓање (после работа), качување и враќање назад до кола во истиот ден, наместо бивак некаде под карпата што би значело многу во комодитет и уживање,  и секако повеќе време за качување во карпата наместо долг пристап.
       
          До следната посета, малку фотографии од качувањето.


Во деталот на првата должина според нашето качување, инаку претходат неколку лесни должини кои ги одевме ненаврзани. (фото: Зоран Мајсторски)

На повеќе наврати минавме низ камини и пошироки жлебови, претежно во сите имаше по некој клин. Зоран Мајсторски ја појача во сите клучни детали насоката,  и ја остави со повеќе клинови во карпата. (фото: Зоран Мајсторски)

(фото: Зоран Мајсторски)

Зоран Мајсторски некаде на сидриште некаде во првата третина од насоката, покрај маркантната голема пештера.

После неколку должини полесен терен кои ги одевме во паралелна наврска, повторно интересно качување кон последниот дел од неколку должини во еден широк жлеб. (фото: Зоран Мајсторски)




Наместо класичниот излез, разгледавме што има во лево, бусени, по некоја мала плоча и многу расклатени блокови. (фото: Зоран Мајсторски)

последното сидриште

Зоран Мајсторски на излезот од насоката, 50тина метри под кулата на војската.

Мајсторски се потруди да сними видео од качувањето.







Tuesday, May 31, 2016

Сантова насока - и дел од насоките "од другата страна"

Првото сидриште на К1, до кое за да стигнеш мора буквално да се заглавиш неколку пати во жлебот и да се пробиеш нагоре.
          Деновиве сосем случајно качував повеќе пати на карпите кои гледаат наспроти населбата Матка. Прво патувајќи со Хекуран Зекири кон браната за да качуваме на месечување #8, верувам како и сите кои поминуваат под иглите тој воздивна и спомна.. кога ќе качуваме таму. Време вишок имавме околу 2 часа, па му реков веднаш, ајде сега, и ете не 30 минути подоцна во подножјето на К1 насоката (опис тука). Веројатно најчесто качуваната и најлесна насока на иглите.
Во првата должина на К1
Со Хекуран во позадина внатре во жлебот.
На врвот на К1, со тукушто завршено зајдисонце во позадина.
          Во таа насока совршено се доловува поинаквиот пристап во качувањето, заглавен во жлеб, друга перспектива надолу и инаков квалитет на карпата. Малку излеговме од предвидените 2 часа но сепак на време за месечувањето каде ја качивме со Хекуран насоката Козина.
          Утре дента под импресиии на К1 и читајќи описи на алпинизам.орг решивме да одиме повторно на иглите заедно со Хекуран но овој пат на К3 (опис тука). За мене беше прво повторување на оваа насока. Многу маркантна поради пукнатината која се гледа од населбата и при секое поминување ја забележував. Малку знаев за насоката. Прочитав текст во алпинизам орг за описот и го забележав познатиот циничен тон на Игор кога објаснува 'интересни' и потешки насоки. Незнам зашто не го сфатив пресериозно неговото "6+ МиниМум" (за слободно качување) и влегов лабав во насоката. И после качувањето, односно после првиот клин сфатив дека ова е тешка насока, и дека ќе биде интересен ден, така и бидна, после долго време конечно се искачив на врвот полн со возбуда од качувањето, пукнатина, френдови/чокови/хексови.. (упс, без френдови, да иако речиси 9/10 пати на матка ги носам), овој пат влегов во насока која е целата пукнатина без френдови, жив здрав излегов, но без комодитет во качувањето и со доста внимателност и страв на пар моменти. Ја искачивме слободно, би рекол дека е како што кажува Игор минимум 6+ дури почетокот ми се виде и повеќе, незнам можеби ми дојде јако како за старт.

Стартот на втората должина, пред пукнатината да почне да надвисува налево.
Покрај постоечките клинови на К3 кои ги има доста, има многу места за користење хексови и френдови, втората должина е буквално цела пукнатина низ која може да се мине слободно и чисто.
Почетокот на втроата должина на К3.
           И така читајки го описот пак и пак, наидов на описот на една многу ретко качувана насока Димева (опис тука) - посветена на великанот Мурато кој всушност ја почнал а подоцна завршена од други алпинисти, практично веднаш до и над насоките К во нивно лево.

Црвената линија е насоката Димова, а десно од неа се насоките К
          За оваа насока знаев одамна, но никогаш не ми дојде редот и моментот да ја качам. И веднаш сватив дека сега е моментот, исполнет од интересните панорами од оваа страна, и со апетитот да се оди на нешто ново. Партнер за оваа насока ми беше Маја Мухиќ, партнер со кој ги качив речиси сите мои повторувања на Матка и Демир Капија откако се осамостоив и почнав да водам. Со Маја порано работите течеа како и сега, разгледуваш опис на алпинизам.орг и велиш одиме.. Често тие искачувања беа безмалку како првенствено искуство, некогаш поради кревките информации за насоките, а некогаш поради ретко качуваните и не секогаш завршени насоки. И повторно, слично беше и тука. За пристап искористивме дел од пристапот за насоките К и потоа пречевме во лево, сериозна борба со грмушки/елки и дрва. За среќа го најдовме стартот и верувам линијата од првата должина каде наидов на само 4 клина. Исклучително ронлива должина и со многу земја и трева. Втората должина менува се. Станува многу компакнта, многу потешка и со многу клинови. Должината беше околу 55/60 метри, и снемав опрема, и морав да го растурам сетот чокови и да ги користам истите како комплети во старите клинови а притоа користејќи ги карабинтерите од френдовите кои ми останаа неискористени. Навистина јака должина, убава, експинирана и на моменти со своата тежина и комплексност ме потсети на насоките кои го носат епитетот најтешки на централната Отмарова карпа. Одстапот беше подеднакво тежок, буквално низ долот позади карпата пробивајќи се низ грмушки и дрва и на пар моменти ползејќи во тунелите под овие крошни џиновски грмушки и дрва. Бидна и тоа и стигнавме на патеката покрај Треска здрави живи но со еден куп изгребаници и посекнотини, и заврши и оваа фантастично искуство, кое повторно ми го возбуди стомакот и имав искачување како што одаамна немав искусено.
          Додека качувавме на пар моменти си помислив зашто би требало секој да ја качи оваа насока барем еднаш и ми се свртеа три причини. Една од почит кон пионерите кои качувале и ја правеле, во случајов Мурато кој почнал и следните кои ја завршиле, друга причина од тоа што го носи името на Диме еден пример за силен алпнинист во кој сите ние сакаме да се огледаме и со повторувањето му се одава една должна почит на овој алпинист, и трето зашто е нешто што би требало како тренинг секој од нас да го прави некогаш, многу ронливо, тежок пристап одстап, потешко.. за да бидеме спремни за кога случано ќе не сретне тој терен :).

Поглед кон иглата каде се К насоките, совршено се гледа вертикалниот нагиб на карпата кој следо почеток до самиот крај на качувањето.
Маја на излезот на Димова насока со К во позадина.




          Додека се спремав да напишам за ова искачување на Димева, описот на насоката остана отворен на мојот компјутер неколку денови, но исто така и описот на уште една насока која е на таа страна  на Матка, но малку подесно од иглите, веднаш после кајакарскот мост карши мечкина дупка - Сантова насока (опис тука).
Насоката се наоѓа на првата карпа која виснува над вас откако ќе го поминете кајакарскиот мост.
          Морам да признаам дека тука веднаш ме импресионира моментот дека е искачена од алпнистот Јован Ангелов Циго и Милан Сантов. Описот беше од Јован Поповски, беше многу скромен со детали, и не пишуваше за некое скорешно потворување. Сето тоа ми звучеше како прилика за уште едно интересно искуство како и што бидна денес. Веќе неколку денови договаравме качување со Христо Ежовски и пред жештините се нaјдовме на Матка многу рано со намера да ја повториме Сантовата линија. Карпата сум ја забележал и претходно, изгледаше помала одколку е кога ќе почнеш да качуваш. Доста ронлива но сепак има многу можности за сопствено осигурување, користевме хексови и френдови, чоковите ги заборавивме а можат да играат клучна улога во насоката. Има и клинови стари, но не премногу, сепак доволно за да сведочат дека сме на правата линија. Три должини од кои првата ронлива но веројатно најлесна, втората и третата исто ронливи но нешто потешки, веројатно си имаат здрава 4+ оцена. Последното трето сидриште го направивме целосно импривозириано, додека првото и второто на клинови кои ги појачавме со хекс/френд и е сосема јасно каде треба да се направи сидриште.
          Малку нафрлав информации, помешева неколку различни искуства со различни партнери на 5 различни насоки, но ме поведе еуфорија од причина што Матка навистина не престанува да изненадува.


Христо Ежовски Еж во првата должина, во пречка траверс кој води до првото сидриште. Многу ронлива должина, има по некој клин како патоказ за линијата.
На прво сидриште.
Втората должина почнува косо во пречка кон десно, па дирекнто нагоре во овој поголем жлеб камин низ кој се поминува во два превиси. Многу убави движења, има по некој клин но и многу места за ставање сопствено осигурување.
Еж пред третото и последно сидриште.
Третото сидриште
Boobmber - trad вика Еж :)
Одстапот... тргнуваш зад карпата по видливи патека од кози кои ги следевме до крај... ние не успеавме да го најдеме патото кој води веднаш надолу по стрмен терен, односно најдовме таков пат но води во мноогу обрасната шума, па решивме да не одиме туку слично како на сликата по полесен терен пречевме два три гребени се до големиот широк пат кој води до крстот над карпите и до село Шишево од другата страна, па назад до кајакарскиот мост.