Tuesday, May 7, 2013

Солунска Глава

   

          Секогаш кога некој ќе ме праша дали имам и кој е мојот омилен планински врв најпрвин одговарам дека немам баш таков - најомилен, и после тоа,  во продолжение почнувам да зборувам за Солунска глава - Јакупица и да ги опишувам импресиите и искачувањето кон овој врв. 

          Не знам дали можам да го наречам најомилен, ниту сум човек што би можел да се врзе за една планина или врв, но секако тоа е место каде што сум бил најповеќе пати, и место кое мислам дека ме прави најсреќен качувајќи нагоре кон врвот, од самиот почеток до крајот. Без разлика дали се трга во Папрадиште или Нежилово, едноставно преубав е патот нагоре, различен, почнувајќи со густата букова шума и честите мали водопади и извори, заедно со долна и горна Бабина дупка, и се така полека до врвот, патека која личи како да одиш на работ на превртен брод, со амбис од твојата лева страна. Доколку некој ме праша дали имам омилена гледка од местата каде одам најчесто, тоа ќе биде онаа кон врвот Солунска Глава со Нежиловите карпи под него, веднаш после излезот од шумата која води кон долна Бабина дупка, тоа е гледката која секојпат со ист интензитет ми го зема здивот, и која со нетрпение чекам да дојде секој нареден пат кога ја посетувам оваа планина.


Погледот кон врвот Солунска Глава и Нежиловите карпи под него на местото долна Бабина дупка.

    
          На мојата последна средба со оваа планина покрај Елена за прв пат беа заедно со нас и Душица Диновска и Емилија Велковска, верувам нови верни пријатели на Папрадиште, Солунска Глава и Јакупица. 
          Додека боите на нашиот нов алпинистички клуб "АК 8" некој го бранеше качувајќи карпа на Метеори, ние достојно го запишавме нашето прво клубско искачување на овој прекрасен врв. 




погледот кон Солунска

Кога сме кај 'омилените' работи, водата што извира од оваа чешма на местото долна Бабина дупка, ми е дефинитвно омилена :)




 
Со еден од малите водопади во правец на Папрадиште - Чеплес.










Камењата на врвот и околниот снег ја правеа гледката под врвот различна од вообичаено.





Тука  може да се долови моментот на одење на раб на превртен брод, лево постојано надвиснувајќи над амбисот односно Нежиловите карпи.


          Како што и секој крај го краси делото, така и ние завршивме на празните плажи на Преспанско езеро околу Стење на бањање и мекнеење.


Monday, March 11, 2013

Мартовски на Матка

          Иако снегот сеуште е присутен, најавата за дожд и силен ветар на високите планини, ми ги смени плановите за скијање и го испланира моето време да одам на качување на Матка. Не дека нешто ми фалеше во овој избор, сончево време и температура од околу 15-20 степени :) Што човек може да посака повеќе од ова?!
          Убавото време излажа повеќе качувачи на Матка и беа искачени 14 долги насоки. Јас дел од денот го поминав на Матка Лева заедно со Елена, и остатокот испружен на тревата кај манастирот Шишевски. Успеав и да направам по некоја фотка од нас и од некои од качувачите тој ден..


10 март 2013 на Матка :)



Кога пристигнавме - 'гужва' на насоката "4 Клина", Игор на второ сидиште, Весна трга кон него, а Алек на првото сидриште.

Елена во првата должина од "Матка лева"


Маја води во првата должина од насоката "Отмар"




Елена пристига на трето сидриште на "Матка Лева", а во позадина Игор ја качува втората должина на "Отмар - лева варијанта"



Маја ја води должината над 'кутијата' на
 "Отмар"



Овој поглед беше мојата награда за тој ден, уживав да ги гледам Игор и Весна во излезот од третата должина на "Отмар - лева варијанта", но уште повеќе во погледот кон Шара и Љуботен.



Весна со Љуботен во позадина


       


Wednesday, January 30, 2013

Зимски на Отмар

       
            Не сакам да звучи преамбициозно насловот, но реалноста е дека е зима, бевме на качување на Отмар, а имаше и по малку снег и мраз :). Преубавиот сончев ден но и желбата да практикуваме качување карпа на студено време и во не толку пријатни околности е причината зашто се наканивме да ја посетиме Матка после подолго време заедно со Виктор Хаџи Василев. Освен топлите зимски сончеви денови, ретко одиме таму во зима, едноставно не е пријатно качување карпа на студ. А и слободното време зимски повеќе гравитира кон Скијање, качување мраз за некого, или едноставно искачување планини во зимски услови.
            Поради тоа што мојата пасија - качувањето не сакам да ја идентификувам со тренинг, едноставно го правам тоа зашто ми е убаво и го сакам истото, и да, се разбира дека  во самото качување јас добивам и тренинг, но сепак не тренирам за да качувам, качувам зашто сакам да качувам, така и би ми било тешко да речам дека отидов да тренирам качување карпа во студени услови, Но морам да признаам, како што напоменав погоре, и покрај убавиот сончев ден, беше предизвик да поминам некој час на карпа, со малку снег, мраз и без патики за качување, туку со погруби чизми. Знам дека тој начин на качување е едноставно  неминовен во спектарот на искуства и искачувања кои треба еден алпинист да ги поседува. 
           Имав искуства досега со студ на карпа, едно од нив и на самиот врв на такви искачувања е на насоката Тани заедно со Весна Талевска пред неколку години, каде буквално ми се повраќање од секој допир на карпата со рацете, кои цело време болеа од студ, а осетот што допирам на карпата, воопшто не постоеше. *(Морам да ги повторам моите импресии и честитки до Весна која беспрекорно и слободно тогаш го помина вториот дел од таа насока, вклучувајки го и превисот на Тани, кој воопшто не е наивен и во убави временски услови, а во случајов со температура ниско под нулата, јас и како втор не успеав да го поминам слободно тој дел). Сепак секогаш е убаво да се повтори таа лекција и да се навратам на основите.
          Во секој случај, еве по некоја фотографија од качувањето, преубав сончев ден. Дефинитивно може да се направи повеќе, зашто иако беше доста студено, додека сме на сонце може да се поминат и некои од потешките насоки, се разбира дека е доста потешко од вообичаено и поради чизмите кои ги носиме наместо елегантните и прецизни патики за качување. Карпата некаде околу 10:30 до 14:30 е целосно изложена на сонце, така да тоа е идеaлниот период за качување таму. Моја препорака е многу да се внимава на одрони на карпа, зашто ги има многу. А во текот на целиото качување имаше и мразеви кои паѓаа, за среќа мали и во главно безопасни.


0
Виктор одвеслува до другата страна под насоките..

Имаше снег на речиси сите полици, и по малку вода и заледени делови.

Во втората должина на Отмар - најстудениот дел од насоката зашто е  цело време во сенка, со подледени  делови.

Виктор во излез од превисот на Отмар

Кај 'кутијата' снег, сонце и топол чај.

"На кутија"

Мислам дека никогаш не сум ставил толку точки на осигурување  во овој дел на  Отмар, но можеби студот и  качувањето со чизми не правеше малук повеќе претпазливи.


Кањонот беше во различно руво од тоа на кое сме навикнати да го гледаме.

Веројатно најопасен за поминување беше одстапот со оглед на снегот на полиците и мразот кој беше присутен секаде, не ни помисливме да го поминеме тој дел без јаже.

Friday, January 4, 2013

врв Церипашина - Антени

           Најпрвин среќна нова 2013-та година! Се надевам дека нема секоја нова скијачка сезона да ја почнувам со муабет или текст дека нешто недостасувало на мојот омилен скијачки центар во Македонија - Попова Шапка. Ако ланската сезона тоа беше силниот ветар кој косеше се пред него, претходната недостатокот на снег, оваа година иако доста рано падна снег, неработењето на главната жицница Церипашина како евентуален недостаток го сместувам во тој кош. Секако, бев среќен што уште некаде на средината на декември имав среќа да видам многу снег на планините, па и да се фати убави скијање пред Нова година.
           Сезоната ја почнав со една од моите најинтересни тури досега на таа планина, Попова Шапка - Шипковица, за жал немам фотографии од таа тура. Се почнува малку повисоко од населбата Шапка и се оди пеш накај столбовите или можеби во правец на стариот дом Јелак. Од таму само надолу по фантастичен терен, шума, бачила, и по некоја локална нива/бавча се до центарот на селото по снег. Не многу тешка и веројатно најзабавна тура што може таму да се направи. Првиот пат имавме среќа да возат со нас локални 'фрирајдери скијачи' од селото Шипковица кои не водеа и ни ги покажуваа нивните скијaчки способности, кои верувајте беа фантастични. Можеби најиздржано можам да го употребам тој збор и да кажам фрирајдери за овие момци, иако тие веројатно не ни го знаат тој термин како правец и стил во скијањето. Воопшто не обрнувајќи внимание на стилот, опремата за длабок снег, со својата скромна скијачка опрема тие вешто скијаа, го правеа тоа така едноставно зашто израснале на таа планина, и нивната забава во зимските денови се одвивала на тој начин, скијаки во задниот двор на куќата. Backcountry?! :)
          Ок, неработењето на главната жичница од друга страна не натера да испешачиме во минатите неколку денови  речиси толку колку што пешачиме до половина од сезоната. Прекрасното сончево и не многу студено време ни допуштија релаксирани денови какви што ретко си ги имаме, како кога по цел ден само скијаме скијаме и понекогаш забораваме да уживаме со сончање и пешачење во овие прекрасни зимски сончеви денови. Можеби ќе го завршам текстот сосема поинаку од почетокот каде кога почнав споменав за 'недостатокот' на скијачката сезона, можеби од технички аспект. Во рок од неколку денови два пати искачување на врвот Церипашина, неколку пати искачување на околните ридови, спуштања до селото Шипковица и многу сонце, го направија овој старт на сезоната за уживање и релаксиран почеток на оваа 2013-та. Имајте убави пост - новогодишни празници и се гледаме горе...

Пред воено - каде секој ден започнуваат авантурите

на почетокот на патеката Церипашина - Маја Мухич, Елена Диновска и Методи Челиманов

првиот стрмен дел

Елена Диновска
во еден од најстрмните делови од патеката

на некои места беше толку стрмно што моравме да користиме алпинистички техники за да стигнеме до врвот - Методи Челиманов
часовникот на Маја вели нешто помалку од два часа пред врвот


дел од спуштањето надолу, некаде на ридот над скилифтот ГЕ - Елена

од првото качување на Церипашина и спуштањето по северна страна кон с.Шипковица:


вака изгледаше патот Тетово - Шапка


веднаш потоа на Шапка


кратко пред врвот Церипашина - Северна страна - Шипковица, Гоце Таневски, Иван-Карпа, Маја Мухич, Методи Челиманов
кон најубавите спуштања, Елена Диновска и Мартин Пановски


Припремање

враќањето од Шипковица кон Шапка.

Thursday, December 13, 2012

Љуботен



          Во недела 18 ноември 2012 бев на врвот Љуботен. Во еден здив - станување рано, возење до Старо село, искачување до домот, таму по еден чај и нагоре кон врвот. На пат назад сите си рековме дека повеќе од денот не можеше да се извади - толку уживање во не многу тешка варијанта. Времето ветуваше но после домот имаше магла и облаци, силен ветер кога пристапивме на работ пред врвот, за на крај, кратко пред самиот врв мирно и сончево време, со поглед на сите околни планини на Балканот. Љуботен полека станува наше/мое омилено планинско прибежиште..



накај врвот

 иако по пат имаше малу облаци и ветар, на врвот не чекаше преубаво сончево време - Весна, Игор, Виктор и Елена.

и по којзнае кој пат на врвот Љуботен, секогаш со насмевка горе - Маја Мухиќ

Методи Челиманов  разгледува терен за 'фрирајд' спуштања од околината на врвот



Тања Пенава - му се радува на врвот

Игор и Весна Талевски на пат надолу...

Меморијален Марш „Четири алпинисти“



       

          Четиринаест години изминаа од трагичната несреќа под врвот Солунска глава кај горна Бабина дупка, каде животот во лавина го изгубија 4-ца алпинисти: Влатко Боцевски, Бранислав Ристовски, Огњан Филиповски и Предраг Толмачев членови на АК "Исак Русо". Сите оние кои имале прилика да ги познаваат или да качуваат со нив, велат дека тоа била една од најсилните алпинистички генерации во Македонија, извонредни луѓе, харизматични. Можеби единствен достоен начин на одавање почит кон овие момци го прави Алпинистичкиот клуб - АК "К2" преку организирање меморијален марш "Четири Алпнисти" до месноста каде тие го имаат изгубено својот живот. Сеоја година после таа несреќа, тие се собираат викендот најблиску до 6 декември во домот Чеплес, во име на овие луѓе.
          Оваа година имав прилика да учествувам на маршот за прв пат, тоа беше навистина убаво искуство. Многу емотивно, силно и искрено. Три дена во домот Чеплес минати со добар провод и песна како што и тие самите, четворицата алпинисти ги поминувале деновите на планина. Многу планинари, алпинисти и скијачи се убаво и соодветно друштво за да се одбележи овој ден.

Нека им е вечна слава.

пристигнавме во петокот навечер и пешачевме Нежилово - дом Чеплес - Методи Челиманов

на патот накај Чеплес

Ентузијасти :)) - Гоце Смилески и Слободан Соколоски

Искачувањето од долна кон горна Бабина дупка

фрирајдери на Солунска - Методи Челиманов

Малку дуваше студен снежен ветар на горна бабина дупка

Културно Уметнчката Програма имаше фантастична музичка изведба:)

Боби покажуваше дел од спектарот на работи кои ги совршено ги умее

Патот кон Нежилово - Елена Диновска и Александар Спасески