Sunday, September 30, 2012

Панчевата Шарка


          Качување ноќно една од потешките насоки на Матка - Панчев, над нас на небото преубава без еден ден полна и сјајна месечина, во една пукнатина блиска средба со змија, чат пат одрони, и како што кажа Виктор Хаџи Василев, фалеше само уште врколак да ни се појави за да биде искуството целосно минатиот петок на Матка :). Тоа е генерално мојата импресија од тоа качување.
        После по долга апстиненција од качување која траеше речиси цело лето (со исклучок на патувањето на Доломити почетокот на август) сезоната ја почнав минатиот викенд заедно со Елена на насоката Отмар - Лева варијанта. Качувањето беше убаво, но воопшто не беше свежо како што доликува на Матка во есен. Со оглед на тоа што не сум имал посериозна активност, незнам од каде ми текна тој 'почеток' во сезоната да го продолжам со насоката Панчев. Има доста обезбедување но сепак бара многу работа, интензивна е низ сите 4 должини, а од друга страна јас сум во 'улежана' форма.
         Со Виктор се договоривме да ја качуваме насоката во петок после работа, после пладне, да го избегнеме топлото, кое не го избегнавме, топло беше до доцните часови таму и буквално се цедеше вода од нас во текот на качувањето.

почетокот на насоката
         
           Почнавме додека беше ден, но првата според мене најтешката должина на насоката ни одзема час и половина, така што веќе на почетокот на втората должина не стигна ноќта.. па несакајќи качивме 3 четвртини од насоката ноќно. 

Виктор Хаџи Василев во водство на втората должина

          Ова е мое второ ноќно искуство на оваа насока, првиот пат беше со Томи Јордановски минатото лето, кога добивме 'генијална' идеја да ја качуваме ноќно Панчев. И иако ја поминавме безбедно и без проблеми првата должина тогаш, се решивме на абзел на првото сидриште. Тоа што сакам да го кажам е дека чудни работи се случуваат на Панчев ноќно. Тој пат со Томи, при абзел забележавме нешто што ни ја заледи крвта во моментот, иако ние хистерично гласно се смеевме при истото, веројатно тоа беше некоја контра реакција, страв-смеа-зачуедност.. :), може да се обидете да го препознаете на следната слика....


          Томи си носи нож закачен на матицата која ја користи за обезбедување, во случајов сидриште при абзелот, ножот мистериозно се отварил сам, и СЛУЧАЈНО јажето почнало минува баш таму каде што е отворен ножот односно преку неговото сечило. ОВА НЕ Е МОНТАЖА! Среќа јажето не беше оштетено и безбедно се симнавме.

          Нејсе, овој втор пат на истата насока ноќно, ми се случи нешто сосема инакво, но поради пар причини доста чудно. Првата должина ја водев јас, втората Виктор, и така натаму по истиот редослед до крај, четири должини. 

10-тина метри над третото сидриште
          Оние што биле на таа насока, ја помнат пукнатината што почнува во третата должина и трае речиси до средината на истата таа должина, десетина метри над третото сидриште, во таа иста пукнатина, бутајки раци и прсти за да се извлечам низ истата, забележав нешто чудно, прво помислив дека е голем инсект, поконкретно некоја ГОЛЕМА ларва, мрдкаше, и кога се приближив со главата поблиску за да погледнам убаво и да осветлам убаво со челната лампа, низ пукнатината излезе во обид да ме касне змија, која подоцна помислив дека е од видот шарка (vipera berus). 





          ДА, змија на речиси вертикална насока, околу 100 метри над земја, и доста метри пред самиот крај на насоката, 28 септември, официјално есен, на сред карпа во пукнатина, си лежи свиткатна и пробува да касне невини алпинисти :). Нормално мојата реакција беше панична, среќа што мојата последна точка беше осигурана некаде едно метро под мене, па немаше опасност од пад или ГОЛЕМ ПАД, дури успеав некако експресно да се симнам некое метро подолу наместо да ги 'пуштам рацете'.

          Си дојдов на себе, ја фотографирав Шарката на Панчев или Панчевата Шарка, или како и да е, не и се извинив за нашето проаѓање преку нејзиниот привремен дом, зашто нејзиното ЗДРАВО не беше воопшто пријатно. По тоа следеше проблем како да се продолжи, со оглед на тоа што пукнатината беше логичниот и веродостен пат на насоката имавме проблем како да ги поминеме тие неколку метри за кои беше потребно да се бутнат прсти во истата таа пукнатина, домот на Панчевата Шарка. Поради тоа бевме принудени да измислиме пречка во десно,(а во десно на таа насока значи да бидеш во ронлива превисеста плоча) па како да не беше доволно нашата физичка неспремност за тешка насока во тој момент, топлото време, два големи одрони, ноќта која не пресретна, шокот од Панчевата Шарка, па уште мораше и да пречиме необезбедени некој метар у десно, за потоа да продолжиме нагоре.. . ФАНТАСТИЧНО ИСКУСТВО! :)

Виктор во водство во последната 4-та должина
          Како и да е, се надевам не претерав претсавувајќи ви го ова наше драматично искуство, сепак се помина во најдобар ред од аспект на проблеми кои чинат падови на карпа и повреди,  успеавме да ја завршиме насоката за 4 часа, што е подолго од вообичаено качување, но околностите си го направија своето. Штета што не успеавме да направиме квалитетна фотографија од атмосферата на крајот на насоката со прекрасната сјајна речиси полна месечина над нас, но еве верувајте ни на зборот беше преубаво :).



ПС: Еден од моите facebook пријатели Љубомир, ми укажа на една грешка во текстов, очигледно со големо познавање за видовите на змии, според него и тоа што го видел на сликата, тоа што го имам сретнато не е змија Шарка, туку Здрабка ( Elaphe quatuorlineata ) вид кој не каса и не е отровен. Се разбира дека тоа нема да го смени насловот на блогот ниту интензитетот на  доживувањето што го имав. Секако благодарност до Љубомир за укажаната грешка. :)




Tuesday, August 21, 2012

Доломити 2012

         
          Кога минатото лето се вратив од Доломитите, изјавив дека би сакал секоја година да ги посетувам тие планини. Така во име на тоа , и оваа година отидов таму. Имам многу што да кажам за тоа патување но деталите се сеуште испомешани во мојата глава, можеби зашто потребно е да 'легнат' искуствата, а можеби зашто нема соодветен начин како да се пренесе доживувањето поминато на едно такво место. Среќен сум што можев да покажам кон некој од планинските врвови наоколу, и да кажам дека јас веќе сум се качувал на таа карпа, на тој врв. Не се работи за некоја статистика или престиж, туку дека полека чекорам кон она што го сакам и сонувам, да качувам карпи и планини насекаде низ светот.  
          Годинава тргнавме релаксирано и со план да одбираме ден за ден насоки за качување, гарнитурата беше сосема друга, овој пат ја имав Елена со мене, на која и беше прво Доломитско искуство, Ана и Алек, млади и надежни алпинисти од АК Матка, исто така прво искуство таму, Игор и Весна, веќе за нас, Доломитски ветерани. Ланското искачување таму ми представуваше мал товар оваа година, од него имав силно врежани сеќавања, за моите за прв пат поголеми искачувања, и преубаво поминато време со Виктор, Ангел и Мите. Но тоа не ме спречи да имам ново, на инаков начин силно и убаво доживување со Доломитите. Овој пат прошетав на повеќе места, имав прилика да ги видам Кулите на Лаваредо кои беа неверојатна гледка, Качувавме на 6 различни планини, 6 насоки...    

Повторно ми се утврдија некои критериуми за тоа до каде сум со мојот 'качувачки' напредок и до каде треба да стигнам, на што да работам, итн
Додека си ги досредам импресиите од насоките кои ги качивме, слики од преубавите Доломити:

погледот од нашиот апартман, лево е врвот Пунта Фиамес

Елена  во пречката на Хекстенштајн

јас во водство во последната исполирана должина на Хекстештајн, 

Елена во третата должина на Чима Касон ди Формин, "Далаго"

Елена на врвот "Далаго" пред 'спелеолошкиот' излез од насоката
Прекрасна  скулптура од карпа во одстапот/сипарот на Чима Касон  ди Формин

Чима Касон ди Формин, 

Пунта Фиамес

насекаде здивзеемачки гледки

Игор на првото сидриште на Пунта кол де Варда, насока "Комичи"

јас, во  водство во третата должина на Пунта кол де Варда, "Комичи"

по Стапките на Комичи.. качена неговата линија на Пунта кол де Варда, и вкусно еспресо во домот во кој можби самиот тој одмарал после некои од неговите искачувања на оваа планина

Алек Старделов ја обезбедува Ана Велкова на излезот на  Торе бранчио, кај  Петте кули..

Елена позира на врвот на Торе Бранчио, Петте Кули

Ана и Алек на врвот на Торе Бранчио, со дел од Тофана во позадина помеѓу нив

Портрет на алпинист, Игор Талевски, кој тукушто се симнал од популарната "Виа Мириам", Торе  Гранде, Петте  кули

јас и Елена со Торе Бранчкио во позадина

фамозниот сипар во одстапот на Пунта Фиамес

врвот на Пунта Фиамес, насока "Виа Комуне"

Кулите на Лаваредо ми осттавија особен впечаток, до тогаш немав видено толку големо вертикално 'лице' на карпа,буквално не го тргнав погледот од нив додека ги заобиколувавме

Игор и Весна Т.

Чудесно опркужување, Елена во иззлезот на Торе Бранчио

Петте кули, кои всушност се десет кули, но гледани од градот Кортина, тие личат на пет кули од каде и името.

Sunday, June 10, 2012

Месечување #1

          Инспирирани од работните обврски преку ден, немањето време да се отиде на качување долги насоки, и жештината која си доаѓа во лето, со Игор Талевски активиравме стара идеја за помасовно ноќно качување на Матка. Првата идеја беше да се вика Бела ноќ, или поради тоа што се поклопуваше со полната месечина нешто како moonclimbing, но сакавме да одбереме некое наше име, без странски зборови, а и помалку оргинално да звучи. Се приклучи Методи Чилиманов кој го даде предлогот Месечување, и бидна така. Одзивот на качувачи како за прв не беше воопшто лош, 6 наврски, на што можат да подзавидат и добри сончеви денови во викенд на Матка,  но во име на добрата забава се надевам на уште повеќе наредениот пат.

Беа качени следниве насоки: Отмар - (Весна Талевска и Маја Муниќ), Матка Лева - (Тања Пенева и Методи Чилиманов), Циго - (Алек Старделов и Ана Велкова), Ветерански - (Виктор Трпевски и Виктор Хаџивасилев) пс, овие последниве двајца се загреваа преку Новогодишен со се цела кампинг и качувачка опрема на грб :), 4 Клина - две наврски (Елена Диновска и Александар Зарапчиев, и другата Игор Талевски, Александра Герасимова и Јордан Атанасовски)

Сликите неможат да ја доловат атмосферата на качување во темница, но сепак еве малку од нив..

приоѓањето преку езеро

стартот на 4 клина

Елена Диновска во прва должина, 4 клина, 

Некој инсект, втор клин, прва должина, насока 4 клина


цело време во насоката не следеше овој тип, подоцна дознавме дека се вика Игор Талевски, прва должина 4 Клина

Да, како што изгледа на сликава, насоката 4 клина е 'многу лесна', и речиси целата е како обични скали да качуваш :))

Пред втор сидриште, насока  4 клина

на 4-то сидриште Виктор и Виктор, излагајќи од насока Ветерански

ливадата на манастиорт св. Никола Шишевски

Превозот до дома :)
до следното месечување... :)

ноќно на "К"

          Долго ги мислам иглите на Матка, со  се "К" насоките. Односно, долго ги мислам не е правото објаснување, туку буквално секој пат кога одам  на Матка и поминувам покрај нив, помислувам на тие прекрасни линии, невообичаени за останатиот дел од Матка. Последен пат бев пред повеќе од година дена, и се што памтам дека насоката е многу интересна и пристапот/одстапот е многу лош. Тогаш со Игор Талевски имавме идеја да се вратиме и да ја средиме патеката, или да направиме нова таква.

жлебовите, од нивната половина нагоре..
           Така вчера, сабота 09 06 12 решив да и ги покажам на Елена Диновска овие насоки, почнувајќи од К1. За да ја одбегнеме жештината влеговме доста касно, и не фати ноќ од самиот почеток. Ретко ми се случува да бидам во заблуда за некоја насока и да ги заборавам главните атрибути што ја чинат убава/неубава/тешка/лесна.. Така сум заборавил дека пристапот е уште потежок од тој што го памтам. Насоката е веројатно најронлвата што некогаш сум ја качувал. Влегов со ранец на грб, и буквално се заглавив во жлебот на првата должина, морав да го вадам од грб и да го закачам на појас, и така ми висеше два метри под мене целата должина. СО РАНЕЦ ВЛЕГУВАЊЕ НЕ! Веројатно никогаш повторно нема да ја качувам таа насока ноќно, едноставно премалку обезбедување и многу ронливност не е опција за ноќно да ужувам во неа. НОЌНО НЕ!
Кажав доста застрашувачки работи за К1 но секој пат јас повторно ќе ја препорачам на оние кои сакаат Алпинизам и не секогаш средени насоки. Патеката може да се уреди, да биде појасна. Ронливоста може да се намали на минимум со почесто качување.


внатре во жлебот на К1 во првата должина

Елена низ жлебот во првата должина

се приближува кон првото сидриште


во насоките има стари клинови, дрвени и пластични, наследство оставено од Македонските пионери во алпинизмот.

еден експонат од пластичен клин :)


Елена во излезот на втората и последна должина.

          И се разбира дека секако би се вратил, секако би ја качувал пак и би ја препорачувал, само подвлекувам работи кои тоа искуство би го направиле поубаво за сите останати, па за мене едно потсетување за во иднина, да не влагам бос у трње :).