Wednesday, March 19, 2014

Нејзиното височество - Кобилица

          Голем притисок имам со почетокот на овој текст. Делумно зашто се работи за долго посакувана дестинација, делумно за да напишам текст со кој ќе се збогувам со оваа скијачака и турно сезона.
         Кобилица е врв висок е 2528 м во централниот дел на Шарпланинскиот масив. Изгледот е многу специфичен, има стрмна пирамидална форма, која е веројатно најспецифична од сите врвови во Македонија со оштри карпести делови западно од врвот односно гребенот Трескавец.. Приодот се прави најчесто преку источната страна од селото Бродец (од каде ние пријдовме) или селото Вејце. Северната и јужната страна се многу стрмни за качување, воопшто качувањето во зима се избегнува поради стрмнината и опасноста од лавини. Од овој наш обид имаше и многу поубави и со снег полни денови, но ете испадна да одиме баш сега на 14 март.

врвот Кобилица со дел од скијанта линија

          Тргнавме од село Бродец петмина пријатели: Гоце Таневски, Хекуран Зекири, Елена Диновска, Кастриот Арифи и јас, дел од повеќе члена група во која веќе неколку години се дружиме и ги реализираме нашите скијачки афинитети. Групата е неформална, но веќе се шири и со многу изработени зад себе ски акции заслужува да прерасне во формална дружина од повеќе луѓе. Најпрвин ги откривавме пред неколку години недопрените линии со нов снег надвор од стазите за скијање близу центарот Попова Шапка, за подоцна да почнеме да ги искачуваме околните врвови со опремата на грб, од пред две години почнавме да се интересираме и полека да набавуваме турно опрема, тој дел ни ги отвори хоризнотите многу повеќе. Можевме да се движиме подалеку, да заштедиме енергија, да не пропаѓаме во снегот, а воедно и да не ни тежи опремата на грб. Сезонава не искачивме оноколку колку што сакавме, но многукратно ја зголемивме бројката на ново посетени врвови, нови линии и истите скијани надолу.. имавме фантастична сезона, безмалку најдобра до сега.



почетокот на шумата над селото Бродец

првото снегче

Сериозни сме и правиме планови за можните линии за скијање, да имаше потреба од разладување

           Шумата над селото Бродец траеше многу повеќе одошто очекувавме, речиси три часа со опремата на грб низ шумата додека стигнеме до снегот, некаде под источниот гребен на овој врв од каде што полека почнавме да искачуваме. Тргнавме касно како за на ваква сериозна тура, така да штом стигнавме до снегот, за нас полесниот дел, веќе жештината и сонцето беше во полн ек, беше жега која не истроши најмногу од целото искачување. Снегот мокар и тежок за движење. Искачувањето одеше бавно. Малку виновни за бавното движење беа панорамите наоколу, речиси секој момент застанувавме да гледаме наоколу. Од десна страна преовладуваше грандиозниот Црн врв со карпите под него од Косовска страна.. но од десната наша страна, апсолутно доминираа врвовите Бакардан, Кара бунар, Титов врв,.. карпите над Лешница.. врвови кои  никогаш не сме ги виделе од таа перспектива.

Титов врв

со опремата на нозе веќе е полесно



последните метри пред врвот беа стрмни, таму мораше пак да качувме со опрема на грб, поглед кон Титов врв

          Да скратам со описите кои можат бесконечно да траат, искачувавме околу 7 часа. Бевме околу 16 часот некаде пред врвот, одприлика околу 100 метри под него. Бевме решени дека ќе искачуваме до 15:30 по што продолживме до 16 но сепак не беше доволно. Петмина со само две челни лампи и сериозни стрмни кулоари за скијање и парчиња снег за спојуваање, решивме да се спуштиме низ еден кулоар кој се покажа како одлична линија и да оставиме повеќе за нареден пат.
          Некој ќе рече дека се брои само искачувањето на врвот, но за нас се брои обидот тука, се брои што после години мечтаење конечно и се приближивме на оваа планинска убавица, што чепнавме малку од нејзината убавина со надеж за многу повеќе наскоро. Воопшто не беше дилема дали да одиме уште нагоре или не, веднаш беа погледите насочени надолу кон можните линии за спуштање. Заеднички ја утврдивме линијата, односно кулоарот по кој ќе скијаме, Хеки тргна прв и увидовме дека се работи за добар избор. Не очекувавме премногу од тоа спуштање, веќе во сенка мислевме ќе лизгаме на мраз, наспроти тоа испадна супер линија со не толку лош снег и многу фини 'вртења' во снегот. Искијавме до еден поток што извираше под оваа линија да наполниме вода веќе дехидрирани и без вода од часови претходно. Се сликавме со врвот и влеговме во шумата за пак со опремата на грб да пешачиме назад кон Бродец. Овој пат во темница но и многу полесно од искчуавањето, не поради одењето надолу, туку поради чуството на задоволство кое сите го имавме од оваа средба со Кобилица. Во селото во 19 часот, и целосно тура од околу 11 часа.

          Помалку текст од ова нема шанси, повеќе слики од ова џабе пак, само мора да се качите на Кобилица и да видите за што се збори тука.. :).


Гоце Таневски се мисли пред влезот во кулоарот

Хекуран Зекири






после спуштањето насмевки на лицето и поглед кон врвот и скијаната линија

Линијата што ја скијавме


ииии пак со опрема на грб враќање назад низ шумата над Бродец


Friday, March 7, 2014

Кулоарите под Бакардан 2704 м

          Веќе далечно чуство, но сепак да споделам, пред три недели се искачивме турно до само 50 метри под овој врв. Последните метри од врвот ги оставивме да ги завршиме за други времиња заедно со останатите членови на нашата неформална ски/сноуборд/сплитборд група, а и поради тоа што горе беше издуван снег, немаше простор за скијање од самот врв.

         Тргнавме околу 10 30 часот од ски лифтот ГЕ, прилично касно за долга тура но со идеја да разгледаме како е теренот таму под врвот, без големи амбиции. Тргнавме по патот познат како Шарски води, или патеката за врвот Титов врв, (не ми текнува дали летната или зимската ја викаат ). Тој Шарски води пат го одевме околку еден час, по што почнавме да креваме нагоре според патоказите кон Титов врв, но во нашиот случај кон Бакардан. За разлика од ски центарот Попова Шапка таму беше полно со снег, огромни наноси и белило насекаде. Уште два три часа турно до под самиот врв. Беше прилично лабава тура и не следевме време на движење.
          Тргнавме четворица, Методи Чилиманов, Маја Мухич, Елена Диновска и јас. Тој дел го имам видено само во лето, и беше фантастично што се случува во зима и како тоа изгледа, безброј можности за скијање, огромни долги кулоари, под нив други кулоари, и долги траси за скијање.

спремање за турно

Бурка нашиот Шарпланинец пријател го пробиваше патот

многу кратко имаше дел по кој одевме пеш, како што нашиот пријател Кире искоментира на оваа слика, 'фрирајд во неговата најчиста форма' :)


Делот каде се одвовме од патот Шарски води и почнавме да искачуваме

Работ кон врвот беше на места издуван, и исто мораше да се оди пеш на една секција




Последниот дел уживавме во преубава гледка, од една страна кулоарите кои ги гледавме и меркавме за спуштање и од лево Бориславец, Трпезница, Мал Турчин..
Во позадина импозантниот Бориславец, 



Првото спуштање, Методи Чилиманов го проверува теренот и квалитетот на снегот



поглед кон линијата која ја спутштивме

Враќањето назад по патот Шарски води
Мозаикот од снегулка пред хотелот Попова Шапка, нашиот омилен симбол на ски центарот.
И да, коректно е да признаеме дека сме горди сопственици на к2 сплитбордови без кои едноставно некои од овие авантури  не ќе беа возможни или тешко изводливи. Ок е е и Мето со скиите ;).
Панорама со Врвот Бакардан, кон лево.. Карабунар. Син врв, Казани..
Шарпланинката Бурка нашиот верен содрижник на ова патување, до врвот и надолу низ кулоарите со нас.. :)

long live Snowflake Guerilla

Tuesday, February 18, 2014

Брезовица турно и фрирајд под Пирибрег ака Кучингледски врв 2524 м

       

          Минатиот викенд 15-17 февруари дел екипата на ЕХО - Денови на планинскиот филм бевме гости на Паралелен слалом трката организирана од SCARDUS. Идејата беше да се проектираат кратки филмови од опусот на ЕХО фестивалот низ минатите години. Имаше поставено Outdoor кино пред FOX PUB, место пред кое се случуваа проекциите, но и служеше како база на целиот настан и вечерните забави заедно со домаќинот на fox pub Ренато. Супер поминаа проекциите, вечерните забави, трката и целиот настан генерално.

          Како гости без амбиции за тркање не бевме засегнати да бидеме присутни на трката и времето преку ден го искористивме за турно да искачиме некои од околните врвови односно врвот Пирибег како основна точка од која после би скијале. Овој врв има уште едно име - Кучиногледски Врв и е висок 2524 м. Имавме повеќе пуштања низ околните кулоари и два големи масивни стрмни амфитеатри и повторни искачувања нагоре после пуштањата, што ги направија овие два денови доста исцрпувачки. Но како што велат, 'мора да ги заработиш вртењата во снегот'. Не можам да издвојам ниту една од линиите посебно, но целата авантура дефинитивно како можеби најдобрата во оваа сезона. Многу искачени метри, многу деликатни замрзнати парчиња за качување за да се стигне до посаканите линии.

          Мотото на настанот гласеше "Брезовица е сета во снег", и ние се уверивме во тоа. Сеуште многу квалитетен снег и линии кои чекаат некој прв да ги помине. Шара уште еднаш ја потврди својата убавина и големина.

Уште под импресии на викендот ќе се обидам да ги доловам деновите со некои од фотографиите кои ги направивме. Уживајте! :)

long live snowflake guerrilla


Десно од центарот прво е фрирајд патеката Поток, па по тоа Зона, и ако се стигне и се искачи Црн врв (оној оштар во позадина) локалните велат дека следи уште една цела Брезовица за скијање.

Врвот Пирибег или како што уште го викаат од Мк страната Кучингледски врв, со жичарата која води до него но никогаш не работела. 
После првото пуштање - низ амфитеатарот повторо ставање на крзната за турно и пак нагоре односно лево кон следните кулоари.
Лево од врвот имаше многу опции за пуштање низ овие кулоари, беа полни со убав снег, искориствиме два од нив.
Второт пуштање во овој прекрасен кулоар во кој влезот ни беше малку 'клаустрофобичен' и страшен. До него се стигаше по мраз, и немавме голема сигурност, но штом наидовме на длабокиот снег се беше подобро.

си подрипнуваме од радост - Маја Мухич


Некаде го нема ич, некаде е корка и мраз, а тука е преубав прашкаст снег.

Ден два,  повторно нагоре кон кулоарите, некој турно повеќемината со опрема на грб поради мразот на многу места.
Убаво сончево време, но и силен ветар и мраз на многу места.
Веројатно најтешкиот  и најопасен дел за искачување, стрмен, рамен и целосно замрзнат дел од неколку стотини метри кои водеа до седло од кое после беше полесно.
со џинот Љуботен во позадина
Под Пирибег и со јасен поглед кон Љуботен во позадина. Од лево кон десно, Александар Зарапчиев, Маја Мухич, Елена Диновска, Љуботен, Гоце Таневски, (овие четворица на сплитборд), и Методи Чилиманов со скии.
Овој голем амфитеатар и веројатно најдолгото пуштање не чекаше на околку час пешачење од близу врвот Пирибег во правец кон Љуботен.
Внатре во амфитеатарот.


И сосема различно од целиот ски центар, наидовме на идилични парчиња полни со снег, недопрени претходно.

после ова пуштање решивме да прејдеме сосема на спротивната страна од каде се наоѓаме тука на сликата,  односно десната страна од ски центарот.
и повторно нагоре, последното пуштање овој пат одевме кон десната страна на центарот, во правец накај Црн врв за потоа да се приклучиме кон патеката поток.
Дел од екипата се пуштија по овој стрмен  и тесен дел меѓу карпи, а двајца од позицијата од каде што е сликано. Црвените обележани кругови се Маја, Мето, Елен и Лука - Словенец кој ни се придружи тој ден.
Последното пуштање не избезуми од убавини, северна страна и зачуван снег, внатре во канал кој траеше речиси 10 минути, завршивме до потокот и по кратко пешачење до патот на само 5 минути од центарот.
Последен поглед кон северната страна што ја пуштивме.

покрај потокот враќање назад

испаднавме на пат и на само 5 минути од ски-центарот.

копнеж.

Маја, Елен и Мето искачуваат.
пред пуштањето во кулоарот, имаше јасен поглед кон Солунска глава


по турно одењето мора да се оди пеш по раб комбиниран со карпи.
стрмен и на места замрзнат терен.

Наидовме на големи проблеми и пролизгувања на две места. Поради тоа што немавме дерезеи, скијачите се најдоа корисни и ни пробиваа стапки во мразот. :)
едно од местата каде беше незгодно движењето
и после сето тоа следи наградата :)
влезот во кулоарот



Поглед кон линиите кои ги пуштивме, и јасен поглед во позадина кон се она што остана за следното доаѓање.